Шилегов: Асфалтирање на бул.„Киро Глигоров" од мостот Близнак до крстосницата со „Перо Наков“

Скопје го менува својот лик. 

Скопје стана град кој ги поврзува своите граѓани. Булеварот „Киро Глигоров" е еден од симболите на тоа поврзување, изјави денеска актуелниот градоначалник на Скопје и кандидатот на прв човек на главниот град на СДСМ, Петре Шилегов, пред почетокот на асфалтирањето на булеварот „Киро Глигоров" на потегот од мостот Близнак до крстосница со улица „Перо Наков".

– Очекуваме овде утре да се стабилизира сообраќајот. Откако завршивме со поставување на атмосферската и фекалната канализација, денеска овде финишираме со коловозот во должина од 682 метри. Ова е многу битно за нашиот град, бидејќи успеавме да изградиме инсталација којашто ја поврзуваме со колекторскиот систем кој се гради во непосредна близина, кај салонот на „Мерцедес". За оваа реконструкција на улицата, од буџетот на Градот Скопје се издвоени 110 милиони денари со вклучен ДДВ, а изведбата е предвидена за девет месеци. Но, како што гледате, многу сме побрзи од тоа, бидејќи почнавме во јули и планираме набрзо да го завршиме целиот потег, рече Шилегов.

Тој им се заблагодари на скопјани за трпението кое го покажуваат за неопходноста од реконструкциите кои се интензивирани во овој период, не само годинава, туку и претходните години.

– Оваа улица е исклучително фреквентна, бидејќи ја поврзува општината Гази Баба со Аеродром и Кисела Вода. Само за потсетување, пред три години изградивме велосипедска патека низ булеварот. Таа, заедно со велосипедските патеки на булеварот Србија, како и оние на булеварите „Јане Сандански", АСНОМ и „Александар Македонски", претставува важен велосипедски коридор кој ги поврзува општините Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода, изјави Шилегов.

Тој потенцира дека изградбата на мостови и улици, кои поврзуваат и обединуваат, не смее да запре.

– Изградбата на урбано, зелено и европско Скопје мора да продолжи, рече Шилегов, кој ги повика граѓаните на обединување.

– Да дадеме поддршка на младите, тука да градат семејства и тука да вложуваме во здрава животна средина, во здрава иднина на нашите деца, во чистиот воздух и модерната инфраструктура. Вашата сила е вашиот глас. Излезете да се изборите и да изберете едно силно Скопје, кое расте, гради, набргу да стане развиена европска метропола. Да се обединиме затоа што Скопје не смее да запре, истакна Шилегов.

Тој, меѓудругото, потенцира дека не бега од тв-дуел со противкандидатката Данела Арсовска, која, како што рече, не била нападната во неговата кампања.

-Во ниту еден момент Арсовска не беше нападната во мојата кампања. За разлика од тоа, јас сум предмет на црна кампања повеќе месеци. Арсовска го одобрува тоа што го прави Мицкоски, затоа што го одмолчува. Не знам каде госпоѓата се почувствува навредена. Потценувањето на скопјани, оние кои се влезени во вториот круг да се соочат во една дебата за да се видат концептите, за мене, е навистина недемократски чин, и сериозно ме потсетува на некои минати времиња, кои се случуваат последните денови, со шиканирање на луѓе, со закани, недолични пораки. Арсовска е должна кон скопјани, не кон мене, за тоа кој каков град сака да развива, вели Шилегов, кој потенцира дека нема подемократски чин од дебата.

Советот НАТО-Украина ќе одржи вонреден состанок за противвоздушната одбрана на Киев

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира да побара дополнителна воена поддршка за одбрана од Русија на денешниот вонреден состанок со министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, јави ДПА.

На состанокот на Советот НАТО-Украина, организиран како видео-конференција, се очекува да стане збор за прашања во врска со тоа дали сојузниците наскоро ќе можат да и предадат дополнителни системи за противвоздушна одбрана на земјата.

Според Зеленски, на вооружените сили на Украина им треба дополнително оружје, артилериски гранати, возила и беспилотни летала.

„Украина во моментов е загрижена дали може да го задржи фронтот и да ја заштити својата енергетска инфраструктура“, рече Зеленски.

Во последните недели Русија го засили воениот притисок врз Украина и со воздушни напади ги уништи речиси сите нејзини електрани.

Според информациите дадени од Зеленски на почетокот на април, за одбраната на воздушниот простор на Украина ќе бидат потребни или 25 системи за воздушна одбрана „Патриот“ или еквивалентна опрема.

Германската Влада веќе објави во текот на викендот дека на Украина ќе и обезбеди дополнителен систем „Патриот“. Се очекува помош и од други земји, како што е Шпанија. /МИА

Германските тимови повторија достигнување старо речиси 30 години

По натпреварите во текот на неделата, Бундеслигата сега има дури три екипи кои се полуфиналисти на европските клупски турнири. 

Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен стигнаа до претпоследната фаза од двете главни натпреварувања - Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а три германски тима не стигнале во оваа фаза речиси 30 години.

Ова последен пат се случи во сезоната 1994/1995 година. А што е уште поинтересно е тоа што тогаш токму истите екипи стигнуваат до полуфинале.

Баерн тогаш стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите, каде загуби од холандскиот гигант Ајакс по 0:0 во Минхен и 2:5 во реваншот. Во тогашниот Куп на УЕФА учествуваа Борусија Дортмунд и Леверкузен, а двата тима се сретнаа со италијански противници. „Жолто-црните“ загубија од Јувентус по 2:2 во првиот меч во Германија и 2:1 за „бјанконерите“ во реваншот. Леверкузен, пак, е елиминиран по двата порази од идниот освојувач на трофејот Парма - 1:2 и 0:3.

Германските екипи сега ќе сакаат да избегнат слично сценарио и ќе се надеваат на добар настап.

Германија ги има сите шанси да обезбеди петти тим во Лигата на шампионите, а на бундеслигашите им требаат две победи или реми и две нерешени во претстојните полуфинални натпревари.

Англија, пак, ќе се потпре на победата на Астон Вила на сите свои натпревари за да обезбеди дополнителен тим во најпрестижниот европски клуб, а по синоќа, Италија веќе го постигна тоа. /МИА

Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд

Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. 

Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер.

Како што најавуваат од УХМР, поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени локални врнежи од дожд, особено во јужните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18 степени.

Времето во Скопје ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер од северен правец со температура до 16 степени.

притисни ентер