Шахпаска: Според анализите на МТСП капацитетот во градинките не е исполнет

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска соопшти дека во однос на капацитетот за сместување на деца во градинките правена е посебна анализа пред нивното отворање.

Врз основа на тој протокол, како што информира, во градинките биле слободни 19.000 места, а интерес за сместување на децата изразиле 14.555 родители.

– Анализата што ја правиме на дневно ниво говори за фактот дека постојат запишани дечиња во градинка, но родителите не ги носат. Дополнително, следејќи ја состојбата на дневно ниво имаме сознанија дека има се уште слободни места во градинките за сместување на деца. Од друга страна доколку се појави недостиг на места, се повикуваме на заклучокот на Владата кој им препорачува на општините како основачи на градинките, односно установите за претшколско згрижување на деца, согласно правилникот за нормативи и мерки за безбедно сместување на децата да обезбедат доколку има потреба дополнителни алтернативни решенија за сместување, рече Шахпаска на прес-конференција во Владата.

Во однос на алтернативните решенија, таа рече дека општините имаат можност да ги сместуваат децата во училници, дом на култура или други места. Додаде дека до крајот на годината ќе се зголемува бројот на градинките во земјава, со што ќе се зголемува и опфатот на децата.

За бројот на заболените воспитувачи од градинките, Шахпаска рече дека МТСП на дневно ниво ја следи здравствената состојба на сите вработени и на децата, кои се згрижени. Додаде дека во моментов од 311 објекти, случаи има само во неколку.

– МТСП на дневно ниво прави пресек на здравствената состојба пред се на дечињата кои се згрижуваат, но и на вработените. Будно ја следиме состојбата со здравствената состојба, нагласи Шахпаска.

Таа ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките за безбедно растојание, носење заштитни маски преку носот и устата, често миење и дезинфекција на рацете. Доколку епидемиплошката состојба ескалира, таа рече дека следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.

Во однос на хигиената во градинките, Шахпаска рече дека се повикуваат на информациите кои ги добиваат од терен од комисија и инспектори од МТСП, кои на 10 септември тргнале на посети да утврдат дали се почитуваат сите препораки за дезинфекција, чистење и подготовка на градинките во текот на денот и да го следат однесувањето на персоналот. Надлежен за почитување на протколот, како што додаде, е Државниот здравствен и санитарен иснпекторат, кои испраќаат екипи на терен.

Усвоен Предлог-законот за финансиска поддршка за исплата на плати

Владата го усвои Предлог-законот за финансиска поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември.

Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од КОВИД-19 кризата за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година, предложен од Министерството за финансии, вчера беше усвоен од страна на Владата и истиот ќе биде доставен на усвојување до Собранието.

Работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка до 21.776 денари по вработен, до 7-ми во месецот за претходниот месец, а корисници можат да бидат фирмите кои имаат најмалку 30% пад на приходи во референтниот период од април до октомври 2020 година, спроедено со истиот период минатата година.

Со оваа мерка ќе се поддржат работните места, платите на вработените, како и дека ќе се инјектираат околу 70 милиони евра во стопанството и ликвидносно ќе се поддржат компаниите. Тој посочува дека претходната мерка дала резултати - инјектирани се преку 83 милиони евра во стопанството, заштитени над 120.000 работни места, но исто така и стандардот - ако се земе предвид дека и покрај Ковид-кризата просечната плата заклучно август е повисока за 8,2% на годишно ниво.

Со новиот предлог-закон мерката е уште потаргетирана, односно на фирмите потешко погодени од кризата, предвидено е да им се исплаќа повисока финансиска поддршка. Имено, кај фирмите кои имаат намален приход од 30% до 40%, ќе добијат финансиска поддршка до 14.500 денари по вработен; за намален приход од 40,01% до 50% предвидени се до 15.955 денари по вработен; за намален приход од 50,01% до 60% до 17.410 денари по вработен; за намален приход од 60,01% до 70%, до 18.865 денари по вработен; за намален приход од 70,01% до 80%, до 20.320 денари по вработен и за намален приход од над 80% износот на финансиска поддршката за исплата на плати ќе изнесува до 21.776 денари по вработен. Во однос на подоброто таргетирање - со предлог законот е утврдено дека не се опфатени фирми кои оствариле поголем профит од 10 милиони евра кумулативно во последните три години.

Како рефрентен период во законот се зема финансискиот резултат на фирмите од април до октомври, ноември и декември 2020 година и се споредува со истиот период лани. Во случај фирмата да е регистрирана по септември 2019 година, се зема датумот од запишување во Централен регистар.

Фирмите кои аплицираат за мерката не можат да исплатуваат дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда до денот на исплата на платата за декември 2020 година.

Во однос на работниците, фирмите кои аплицираат за финансиска поддршка можат да имаат најмногу 10% од вработените со месечна нето-плата од над 120.000 денари. Фирмите не можат да аплицираат за финансиска поддршка за плата за вработен кој во јуни, јули, август и септември остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно на полно или неполно работно време. Исто така, мерката нема да може да се користи за вработени за кои се користи мерката „Македонија вработува", како и за вработени кои се ангажирани за дополнително работење.

Работодавачите кои користат финансиска поддршка, бројот на вработени нема да смеат да го намалуваат два месеци по завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, заклучно со месец февруари 2021 година, освен во случај на пензионирање, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, спогодбено преземање на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски и слично.

Предвидени се и заштитни механизми во предлог-законот, за да платата стигне во целост до работникот. Имено, во случај работодавачот да исплати помала плата на работникот од сумата која му е доделени превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

Министерство за финансии

Свети Николе ќе почне со кампања за донирање на крвна плазма

Светиниколскиот кризен штаб ќе почне кампања за донирање на крвна плазма за пациентите заразени со корона вирусот. 

По вчерашните седум нови случаи, бројката на активни инфицирани со коронавирусот изнесува 64.

-Според излагањето на присутните заболени од корона вирусот има и едно двомесечно бебе, седум лица се на болничко лекување.Од МВР не информираа дека на 481 лице им е изречена казна за неносење маска. На седницата се разгледа и се донесе заклучок да се поведе активна кампања за донирање на крвна плазма од излечени лица од КОВИД-19 , која им е потребна во лекување на заболените лица, се вели во соопштението на Општинскиот кризен штаб-Свети Николе.

Апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19, како и често миење на раце, држење на дистанца и носење ма заштитни маски.

Русија: Највисок број на нови случаи од почетокот на епидемијата

Во Русија денес се регистрирани 17.340 нови случаи на коронавирус, што е најголем број од на новозаразени во еден ден од почетокот на епидемијата.

Во последните 24 часа починале 283 лица со што вкупниот број на жртви порасна на 25.525, пренесе „ТАСС“.

Од почетокот на епидемијата се заразени повеќе од 1,48 милиони граѓани, а досега се излекувале 1,2 милиони.

притисни ентер