Шахпаска – Донев: Економските мерки за справување со Ковид 19 дадоа позитивни резултати

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше работна средба со вице-премиерот за економски и социјални политики и министер за труд и социјална политика во Република Бугарија Галаб Донев.

На состанокот двајцата министри разговараа за политиките што ги водат во делот на работните односи, но и разменија мислење за мерките што двете држави ги преземаа со цел да се олеснат економските последици врз работниците и стопанството, од здравствената криза предизвикана од пандемијата Ковид-19.

Министерката Шахпаска информираше дека нашата држава преку шесте пакети економски мерки и вложените 1,2 милијарди евра како помош помогна да се зачуваат околу 80 илјади работни места. Тоа, додаде таа, придонесе дури и за намалување на невработеноста на историски 15,9 проценти.

Преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, нагласи министерката Шахпаска, со дополнителни 25 милиони евра, Владата посвети внимание не само на оние кои го загубија работното место поради пандемијата, туку и на тешко вработливите, ниско квалификуваните и на оние лица кои подолго време се надвор од пазарот на трудот, особено на жените и Ромите.

Министерот Донев, презентирајќи ги економските мерки на Бугарија, оцени дека исто така, во време на економска криза, успеале да задржат ниско ниво на невработеност и на некој начин да го заштитат стопанството.

Двајцата министри разговараа и за начинот на кој го водат социјалниот дијалог со претставниците на работниците и работодавачите, но и за процесот на хармонизирање на законската регулатива во делот на работните односи со европското законодавство.

Министерката Шахпаска информираше дека во завршна фаза е подготовката на новиот закон за работни односи, кој го подготвуваме во соработка со експерти од Меѓународната организација на трудот, но и дека Министерството за труд и социјална политика, работи на целосно нова регулатива за безбедност и здравје при работа.

Министерот Донев нагласи дека Република Бугарија, во рамките на Европската унија, важи за држава која на добар начин го имплементира прашањето за безбедност и здравје при работа и понуди поддршка за нашата држава во овој сегмент.

На средбата се разговараше и за можноста за регулирање на миграцијата на работната сила меѓу двете земји, со што ќе се овозможи поголема слобода и гаранции за граѓаните на двете земји, но и за можноста за продлабочување на меѓусебната соработка, се наведува во соопштениерто од МТСП.

Рикен нов генерален директор на Борусија Дортмунд

 Поранешниот германски фудбалер Ларс Рикен (47) е назначен за нов генерален директор на Борусија Дортмунд, соопшти бундеслигашот

Рикен речиси целата своја играчка кариера ја помина во Борусија Дортмунд, а од 2001 година е на чело на клупскиот тренинг центар. На новата должност ќе стапи на 1 мај.

Рикен доаѓа на местото на Ханс-Јоаким Вацке, кој претходно оваа сезона најави дека ќе се пензионира на крајот од сезоната.

„Уверен сум дека со неверојатната сила на овој клуб ќе оствариме големи победи“, порача Рикен.

Борусија Дортмунд во моментов е петтопласирана во Бундеслигата, а на почетокот на мај ќе игра против Пари Сен Жермен во полуфиналето од Лигата на шампионите. /МИА

Гласањето за претседател во затворот Идризово се одвива без проблеми

Во затворот Идризово гласањето за претседателските избори денеска се одвива без проблеми, иформираат за МИА од Избирачкиот одбор. 

-Подготвките за гласањето завршија одлично. Гласањето започна во 7 часот и се одвива без проблеми. Во Избирачкиот список за ова гласачко место број 2536 се запишани 887 избирачи, а до пладне на гласање излегоа 235, изјави за МИА членот на Избирачкиот одбор Тони Трајковски.

Согласно Избирачкиот список денеска треба да гласаат 2.147 лица кои се на издржување казна затвор или се во притвор.

За претседателските избори денеска гласаат и болните и изнемоштените и лицата во старските домови.

Членови на Избирачките одбори ги посетуваат во нивните домови за да гласаат и 6.935 болни и изнемоштени лица, чии пријави беа прифатени.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување, како и двајца избирачи со статус на внатрешно раселени лица, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика.

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.

Украина ги укина конзуларните услуги за воено способните машки државјани во странство

Украина ги укина конзуларните услуги на воено способните Украинци кои живеат во странство, освен за оние кои треба да се вратат во Украина.

Британските медиуми пренесуваат дека украинското Министерство за надворешни работи се уште не ја коментирало мерката, која се чини дека има за цел да го зголеми бројот на регрути за војната против Русија.

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека украинската Влада наскоро ќе издаде објаснување во врска со конзуларните услуги за воено способните мажи во странство.

„Престојот во странство не го ослободува граѓанинот од обврските кон татковината“, истакна Кулеба во објава на Х.

Кулеба додава дека заштитата на правата и интересите на украинските граѓани во странство отсекогаш била и останува приоритет на Министерството за надворешни работи, но дека сега сто тоа изгледа како воено способното лице кое заминало во странство на својата земја и покажува дека прашањето за опстанок не го загрижува, а потоа доаѓа и сака да добива услуги од државата.

„Ако тие луѓе мислат дека некој таму, далеку на фронтот, ќе се бори и ќе го дава својот живот за оваа земја, а некој ќе седи во странство, а истовремено ќе добива услуги од оваа земја, тогаш тоа не функционира така," додаде Кулеба. /МИА

притисни ентер