Шаховската Федерација на Македонија е организатор на Светското екипно првенство во шах

Од 18.09.2023 до 28.09.2023 Шаховската Федерација на Македонија е организатор на Светското екипно првенство во шах за сениори.

Организацијата на ова престижно светско натпреварување и е доделено на ШФМ како резултат на долгогодишното успешно работење и успешна организација на голем број на меѓународни шаховски настани. Воедно ова е прво натпреварување од светски ранг кое и е доделено на ШФМ по Шаховската Олимпијада во 1972 година.

Свеченото отварање на првенството се одржа на 18.09.2023 во хотел Изгрев каде што во присуство на голем број гости, шахисти и официјални претставници на присутните им се обратија претседателот на ШФМ Саша Богдановиќ, почесниот претседател на комисијата за организирање на настани на Светската Шаховска Организација (FIDE) Озгур Сулакоглу и заменик директорот на Агенцијата за Млади и Спорт Исак Лизами.

Првенството се одржува во две старосни категории за шахисти постари од 50 години и шахисти постари од 65 години. На истото учествуваат 48 екипи од целиот Свет, вкупно 220 шахисти меѓу кои 37 велемајстори, 2 женски велемајстори и повеќе од 100 титулирани играчи ќе ги водат своите шаховски битки. Партиите ќе се играат секој ден во конгресната сала на хотел Изгрев, со почеток во 15:00 часот. Салата ќе биде отворена за посетители, сите љубители на шахот кои сакаат одблизу да го следат првенството се добредојдени. Како организатор го задржуваме правото да го ограничиме правото на влез доколку настане преголем метеж во салата за игра.

Македонија има 4 екипи пријавени на ова првенство и тоа три во категоријата за играчи постари од 50 години:

С. Македонија Алкалоид во состав: ГМ Кирил Георгиев, ВМ Трајко Недев, ВМ Влатко Богдановски, ВМ Звонко Станојоски, ВМ Роландо Кутиров

С. Македонија Слепи во состав: Жарко Седловски, Зоран Костадиновски, Санде Атанасаов, Блаже Атанасовски

С. Македонија Жени 50 во состав: Маре Крстевска, Снежана Брзовска, Лиле Аларова, Хилда Црнеска, Олга Ангеловска

И една екипа во категоријата за играчи постари од 65 години во состав: Миле Трајковски, ФМ Александер Кралевски, Илија Стошевски, ФМ Љубомир Илиќ, ФМ Љубомир Хаџи-Манев

Партиите ќе се играат на електронски табли и истите ќе се пренесуваат во живо на YouTube каналот на FIDE https://www.youtube.com/@FIDE_chess/streams со шаховски коментар од нашиот познат велемајстор некогашен член на шаховската репрезентација на Македонија ГМ Александар Чоловиќ.

Свеченото затварање ќе се одржи на 28.09.2023 во 20:00 часот во хотел Изгрев.

На Свеченото затварање свое присуство потврдија:

Аркадиј Дворкович - претседател на FIDE,

Озгур Солакоглу - почесен претседател на комисијата за организирање на шаховски настани во FIDE,

Небојша Баралиќ - секретар на судиската комисија на FIDE,

Наумче Мојсовски - директор на Агенција за Млади и Спорт,

За време на првенството е предвиден и еден слободен ден на 25.09.2023 за кога се предвидени туристички прошетки со бротче до Свети Наум, до Охрид итн, соопштуваат од Федерацијата.

Трајанов: Ситуацијата е во критична фаза, ЕУ немоќна да ја разреши ситуацијата

Ситуацијата е во критична фаза, ЕУ немоќна да ја разреши ситуацијата, клучно е да не се рашири конфликтот.

Ситуацијата на Косово е во критична фаза по вина и на Белград и на Приштина, смета лидерот на Демократски сојуз и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

Тој цени дека Брисел нема механизам да ги натера да го спроведат договорот но клучно е вели тој конфликтот да не се прошири.

Целиот разговор на Михаела Димовска со првиот човек на Демократскиот сојуз Павле Трајанов погледнете го во видеото.

Османи: Седумтемина наши државјани од Бањска, Косово се враќаат дома

Седумте македонски државјани, меѓу кои и дете, кои беа заглавени на Kосово утрово безбедно се вратени дома, информираше министерот Бујар Османи.

Како што претходно соопштија од МНР тие биле сместени во хотел, во непосредна близина на манастирот во селото Бањска, каде што се случи вооружениот судир... Според Османи, низ целиот процес, косовските служби ја гарантирале безбедноста на нашите државјани, а македонската амбасада во Приштина била во постојан контакт со нив.

- По извршените вообичаеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи вооружениот напад врз полицијата. Во текот на вчерашниот ден косовската полиција беше веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали, а јас лично разговарав и со мојата колешка Доника Гервала – Шварц, стои во објавата на шефот на дипломатијата.

Осуда за убиството на косовскиот полицаец и загриженост за состојбата на северот на Косово изразија и македонската Влада и премиерот Ковачевски.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска безбедносната состојба во Македонија е стабилна, а инцидентите во Косово немаат директно влијание кај нас, иако според неа не е едноставно кога во регионот има вооружени напади. Заедно со нејзиниот норвешки колега Бјорн Арилд Грам ги осудија инцидентите и повикаа Белград и Приштина интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна.

- Инцидентот и тоа што се случува таму нема директно влијание и од информациите со кои досега располагаме и кои ги разменуваме не влијае на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме земја членка на НАТО и тоа што изминатиов период вложуваме многу во одбраната. Меѓутоа, се разбира, секоја од институциите во Македонија има обврска да придонесе за нашата национална безбедност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Нападот во Косово на социјалните мрежи го осуди и претседателот на ДУИ, Али Ахмети нарекувајќи го сериозна провокација со однапред смислена агенда која може да има регионални последици ако не се управува со ладнокрвност и мудрост.

Албанските опозициски партии Алтернатива, БЕСА и Демократско Движење, пак, како единствено решение за мир во регионот предлагаат Косово што поскоро да стане членка на НАТО за да не се случи, како што велат, втора Украина на Балканот.

Поставени лед светлосни дигитални знаци на дел од скопските улици

Безбедноста во сообраќајот за сите учесници е еден од приоритетите на градот Скопје, а зголемувањето на истата е дел од програмата “За Модерно Скопје”  и од инфраструктурните проекти кои се реализираат во градот. 

Отпочнавме со проект за поставување ЛЕД светлосни дигитални сообраќајни знаци со пиктограм на локации на кои во минати години имало сообраќајни незгоди и кои се нотирани како високо ризични за пешаците, со цел зголемување на видливоста. Поставени се нови знаци на бул. Партизански Одреди кај пазарчето во Ѓорче Петров, на булевар Метрополит Теодосиј Гологанов кај Алумина, и на булеварот АСНОМ.

ЛЕД светлосните дигитални сообраќајни знаци со пиктограм се поставуваат во близина на училишта, градинки и фрекфентните булевари и улици, а целта е да се зголеми видливоста на пешачките премини со што се зголемува внимателноста на возачите при движење во сообраќајот.

ЛЕД сообраќајните и ретрорефлективни знаци можат да ја зголемат видливоста до 60% што може директно да влијае на безбедноста и времето за маневрирање при возење, со што се намалува или избегнува можноста за сообраќајни несреќи предизвикани од реакција при недоволно растојание. Овие лед сообраќајни знаци можат да ги намалат сообраќајните незгоди на локалните патишта за повеќе од 70%.

Контрастот на клучните информации на Лед сообраќајните знаци во текот на ноќта и при тешки временски услови е зголемен за 35%. Со овој вид сигнализација функцијата за предупредување е значително подобрена и истата има позитивна улога во зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Град Скопје

притисни ентер