Северна Кореја истрела балистичка ракета, тврди јужнокорејската војска

 Северна Кореја истрела „неидентификувана балистичка ракета“, јави денеска јужнокорејската војска, само неколку дена по последниот тест и во пресрет на посетата на американскиот потпретседател Камала Харис на Јужна Кореја.

„Северна Кореја истрела неидентификувана балистичка ракета во Источното Море“, соопшти здружениот Генералштаб во Сеул, мислејќи притоа на водите што се нарекуваат и Јапонско Море.

Јапонската крајбрежна стража, исто така, ја потврди можноста за лансирање балистичка ракета, пренесувајќи информации од јапонското Министерство за одбрана и притоа ги повика бродовите да бидат на внимателност.

Лансирањето е дел од досега невидената серија воени тестови од Пјонгјанг годинава.

Јужнокорејската разузнавачка агенција предупреди дека Пјонгјанг се подготвува да изврши нова нуклеарна проба.

Северот го заврши „третиот тунел во нуклеарната централа Пунџе-ри“, изјави пратеникот Јо Санг-бум за новинарите по состанокот на разузнавачките служби во Сеул.

Американската потпретседателка Камала Харис утре треба да пристигне во Сеул во кратка посета во која ќе ја посети демилитаризираната зона меѓу двете Кореи.

Американскиот брод на нуклеарен погон УСС „Роналд Реган“ неделава учествуваше во воените вежби со јужнокорејската војска во водите во близина на полуостровот.

Вашингтон е главниот безбедносен сојузник на Сеул и околу 28.500 американски војници се стационирани во Јужна Кореја.

Пијан Германец возел 12 километри во спротивна насока на автопат

Германската полиција во четвртокот вечерта запрела пијан возач кој возел во спротивна насока на автопатот во сојузната покраина Хесен повеќе од 12 километри.

Полицијата извести дека блокираната раскрсница Манхајм-Санхофен го навела 52-годишниот маж да погреши и да вози во спротивна насока.

Возачот бил запрен откако возел повеќе од 12 километри во правец на Франкфурт. За среќа, не предизвикал сообраќајна несреќа или инцидент. Од полицијата објаснија дека возачот згрешил бидејќи бил во алкохолизирана состојба, што било утврдено со земање крв.

Веднаш му била одземена возачката дозвола и против него е покрената кривична постапка. Очевидците се замолуваат да контактираат со полицијата, која ги следи сообраќајните услови во јужен Хесен.

Српски навивачи дивееле низ Виена со антиалбански пароли (ВИДЕО)

Навивачите на српската репрезентација синоќа маршираа низ главниот град на Австрија и извикуваа „Убиј, коли, додека Шиптар не постои“.

На социјалните мрежи се прошири видеото од српските навивачи како шетаат низ Виена по натпреварот меѓу Србија и Швајцарија на Светското првенство во Катар, на кој што Србија беше елиминирана од натпреварувањето.

Да потсетиме, синоќешниот натпревар во Катар не го одбележа само елиминацијата на Србија од Мундијалот, туку и вербалните и физички пресметки меѓу српската репрезентација и швајцарските репрезентативци со албанско потекло.

Украински гувернер: Ослободивме 13 населени места на истокот

Украинската армија ослободи 13 населени места во областа Луганск, најисточниот регион на Украина, изјави денеска шефот на регионалната администрација на мнозинскиот окупиран регион, Серхи Хајдај.

Гувернерот на Луганск наведува дека руските сили се уште ги гаѓаат ослободените села со артилерија. Најави и дека идната недела медицински екипи треба да ги посетат ослободените села, а властите организираат собирање огревно дрво за жителите, објави Хајдај на апликацијата Телеграм.

Оваа информација не е независно потврдена.

притисни ентер