Семејството од Сирково на кои им изгореа 25 јагнињасе сомневаат дека причина за пожарот е човечки фактор

Атанасови се сомневаат дека причина за пожарот е човечкиот фактор, дека некој го има подметнато. Штетата ја проценуваат на околу пет илјади евра.

Дадо, станувајте, нешто гори. Братучедот ни подвикна во 20 минути пред 23 часот. Се избезумивме со сопругот кога видовме дека горат трлото и плевната во која имавме 25 јагниња и едно прасе, сено и детелина. Огнот брзо се ширеше. Гасневме ние домашните, пожарникари, соселани. Сите дадовме се од себе. Но за жал, не успеавме да ги спасиме кутрите животни.

Вака за МИА со солзи во очите раскажува 32-годишната Благица Атанасова од росоманското село Сирково, чиј имот во неделата доцна вечерта бил зафатен од пожар.

Атанасови се сомневаат дека причина за пожарот е човечкиот фактор, дека некој го има подметнато. Штетата ја проценуваат на околу пет илјади евра.

-Никогаш нема да ја заборавиме таа ужасна сцена која ни се врежа во главите, нашите јагниња како изгореле така собрани на купче, како да сакале едно со друго да си помогнат, да се спасат од пламените јазици. Кутрите тие, греота за нив, барале спас, но не успеаја да го најдат. Судбина било, не успеавме да им помогнеме. Страшна глетка, греота за младите животни кои не ни беа наменети за продажба, ами за зголемување на стадото, секое од нив беше напредно и со околу четириесетина килограми, вели младата жена.

Разочарана, додава дека не можат да си дојдат на себе после трагедијата која ги задесила.

-Не можеме да спиеме, око не сме склопиле. Во мислите постојано ни се вртат нашите јагниња миленици, го слушаме нивниот глас, силниот оган кој ги изгоре, исто така не ни излегува од глава. Сопругот е сточар уште од дете на девет години, ова стадо му е наследство од неговите. Не можеме да се помириме со загубата, како да сме изгубиле некој многу близок од семејството. Никако не можеме да се смириме после пожарот. А нашето синче, иако има само три години, постојано плаче бидејќи го бара, а не може да го најде своето омилено јагненце, Петко, мило бело животинче со црна точка на грбот. Каде е мојот Петко, постојано прашува, а толку е мал за да разбере што е тоа пожар и ред други работи, раскажува домаќинката, која поради коронавирусот останала без работа, а сега семејството го снашла уште една трагедија.

Случајот е пријавен во полиција, а семејството со стадо од 115 овци и десетина други малечки јагниња, синоќа било посетено и од страна на градоначалникот на Росоман Бранко Јанев./МИА

Левица. Три недели Владата доцни со конкурсот за студентски легла

На само три дена од одложениот почеток на учебната година, не се знае изборот на студентите кои би добиле место во редуцираните капацитети на студентските домови, иако според најавите на Владата истиот требаше да биде објавен пред три недели.

Стотици студенти се во неизвесност и стрес заради можното отсуство од наставата, а според досегашната динамика на работа на надлежното министерство – реално е да очекуваме дека стотици студенти ке ги пропуштат првите два месеци од академската година.

МОН и Владата немаат конкретни одлуки и насоки за цел дијапазон прашања што ги вклучуваат и наставниците и учениците и студентите и нивните родители. Ресорното Министерство за образование и наука издава општи соопштенија, наменети за површна медиумска присутност, но не и за ефективна и практична употреба од страна на идните академски граѓани.

Во изминативе шест месеци, ресорното министерство ‘успеа’ да објави Конкурс за студентско сместување на 28.07.2020, но не и да ги процесира и објави резултатите навремено за студентите кои зависат од тоа. Исто така, успеа на 23.09.2020 само да даде општо соопштение на веб-страницата на МОН дека ќе предложи до Владата (која ќе предложи до Собрание) Предлог-закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард. Со најавениот предлог, на студентите и учениците кои конкурирале за сместување во студентските и ученичките домови и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом – ќе им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите.

За да ја остварат оваа помош, студентите и учениците треба да се пријавуват на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, која е сѐ уште неактивна, односно неупотреблива.По овој план, јасно е дека наместо да се оспособат други јавни капацитети за студентско домување кои ќе останат во функција и наредните години – буџетските средства ќе се издвојат по непознати критериуми, за еднократна активност (покривање трошок за сместување), што не го прават ни најбогатите држави во светот. Со ова темпо на динамика на решавање на круцијални прашања за студентите – очигледно е дека ресорното Министерство се однесува како набљудувач, а не лидер на ситуацијата, додека учениците и студентите немаат информација како ќе го решат сместувачкото прашање оваа година.

Mакедонци од Германија бараат подобри услуги од дипломатско-конзуларните претставништва

Во отворено обраќање до македонското Министерство за надворешни работи и до амбасадата и конзулатите на Македонија во Германија, Македонците кои живеат во оваа земја бараат подобри услуги на македонските служби.

„ Два главни проблеми, поради кои се започнува оваа иницијатива, се постапката за продолжување на патна исправа и општата достапност на информации. Да се поднесе и добие пасош во нашата амбасада е речиси невозможно, односно е поврзано со долга и нејасна постапка. Затоа најчесто сме приморани да ја почнеме таа постапка во македонија, дури и во време на пандемија и други непредвидливи бариери за прекугранично патување. Исто така овие патувања се поврзани со дополнителни финансиски оштетувања, а не секогаш и се возможни бидејки тука имаме работни обврски.

Веб страниците не се ажурираат редовно, телефонско советување е речиси невозможно, или зависи од непрофесионални службеници.

Иселениците бараат формирање на дежурен центар кој ќе работи 365 дена во годината и ќе биде квалитетно обучен и опремен да доставува информации на граѓаните за состојбата на границите, за нивните права, како и секакви информации за дипломатско-конзуларните претставништва. Дежурниот центар може да е со седиште и во македонија или во германија, но да е достапен и на бесплатен или ниско тарифен германски фиксен телефонски број се вели во соопшетнието

Ангеловска-Бежоска: Не се очекуваат позначајни инфлациски притисоци

Во услови на проектиран пад на економската активност во оваа година, не се очекуваат инфлациски притисоци предизвикани од страна на побарувачката.

За оваа и за наредната година, па и среден рок не се очекуваат позначајни инфлациски притисоци, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Македонската телевизија.

„Во услови на проектиран пад на економската активност во оваа година, не се очекуваат инфлациски притисоци предизвикани од страна на побарувачката. Оттаму, централната банка, со априлските проекции, за оваа година проектираше инфлација од околу 0%, а потоа постепен раст на цените кој што би достигнал до 2% на среден рок. Значи зборуваме за умерена, ниска и стабилна инфлација. Ако ги погледнеме остварувањата за првите осум месеци од оваа година, инфлацијата во просек е 0,8%, со позитивен придонес кај цените на храната, а при негативен придонес на цените на енергентите, во услови на голем пад на цените на енергентите на светските берзи, особено на цените на нафтата. Оттука, за оваа, па и за наредната година и на среден рок не би требало да има позначајни инфлациски притисоци." – посочи Ангеловска-Бежоска.

Во однос на економската активност, гувернерката истакна дека остварувањата на македонската економија во вториот квартал од оваа година се согласно со очекувањата на Народната банка.

„Многу е битно што ќе се случува понатаму. Не само од здравствен аспект, туку битни се и случувањата кај економиите коишто се трговски партнери на нашата економијата, како и ефективноста на макроекономските политики во ублажувањето на негативните ефекти од ковид-кризата." – порача Ангеловска-Бежоска.

Инаку, како што кажа таа, октомврискиот циклус на макроекономски проекции штотуку започна и откако ќе биде завршен, Народната банка ќе соопшти и поконкретни видувања и очекувања за претстојниот период.

Во интервјуто, гувернерката се осврна и на пристапот до девизна ликвидност во евра, којшто на Народната банка ѝ е овозможен преку посебен инструмент на Европската централна банка и е исклучително значаен, бидејќи подразбира брз пристап до ликвидност во евра доколку е потребно. Тековно, каматната стапка за користење на средствата овозможени од ЕЦБ е 0%.

„Ова остава простор и за порелаксирана монетарна политика, којашто секако дава значаен придонес во одржување поповолни финансиски услови – монетарна политика којашто помага за кредитна поддршка и за населението, и за компаниите, и овозможува кредитирањето да се остварува под поволни финансиски услови." – напомена Ангеловска-Бежоска.

Во услови на солиден раст на депозитите коишто претставуваат главен извор за финансирање на кредитите, како што посочи гувернерката, продолжува трендот и на солиден кредитен раст при поголема фокусираност на банките кон корпоративниот сектор.

„Притоа, нема затегнување на каматните услови, наспроти затегнувањето на странските финансиски пазари – просечната каматна стапка на кредитите, оваа година продолжува да следи умерена надолна траекторија." – истакна Ангеловска-Бежоска.

притисни ентер