Седница на Апелација по барањето на таткото на Вања Ѓорческа за укинување на мерката притвор

Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по барањето на одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања, да му се укине мерката притвор.

Како што информираат за МИА од Апелација, Кривичниот совет сѐ уште нема донесено одлука, а кога ќе има, судот ќе соопшти преку својата веб-страницата.

Одбраната на Ѓорчевски, преку адвокатот Владимир Туфегџиќ, бара укинување на притворот.

Туфегџиќ во изјава за МИА вели дека бара укинување на притворот поради фактот што до денес не ни е предочен ниту еден доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело, ниту ни е овозможен увид во предметот.

- Осомничениот не може да повтори дело кое не го сторил. На судечкиот совет му е укажано дека сето ова што му се случува на таткото е голема грешка и уште една голема трагедија кон него и неговото семејство. На Советот му е укажано дека кон осомничениот се врши тортура во притворската единица на КПУ Затвор Скопје, со тоа што е испитуван во притворската ќелија на начин под секое достоинство, во стоечка положба, свртен со лицето кон sидот за да му се изнуди признание и дека за ова на 18.01.2024 година писмено е известен Јавен обвинител. Осомничениот се приклучи кон жалбата и изјави дека не му е јасно зошто е сето ова бидејќи никого од осомничените не познава, изјави Туфегчиќ.

Бранителот на Ѓорчевски, исто така, посочува дека за денешната јавна седница немал покана и бил известен утрово во 09:20 часот телефонски.

Обвинителството во оваа фаза го застапува вишата обвинителка Фатиме Фетаи. Обвинителството бара Ѓорчески да остане во притвор, поради опасност од бегство, по сторување на кривичното дело помагање во киднапирање и поради влијание врз сведоците.

За киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во притвор се уште четворица осомничени, а првоосомничениот Љупчо Палевски се наоѓа во екстрадиционен притвор во Турција, откако беше уапсен по потерница во Беликесир на 5 декември.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември минатата година.

Пожар во росоманското село Сирково

Пожар избувна денеска и во росоманското село Сирково. Како што информираа од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кавадаречките пожарникари интервенирале во гасење на пожар во село Сирково со две противпожарни возила. 

МИА се обрати до Територијалната противпожарна единица Кавадарци и оттаму ни беше кажано дека дополнителна екипа пожарникари со противпожарно возило се упатува на овој пожар што се уште не е локализиран.

Засега не можеа да дадат повеќе детали за пожарот.

Вучевиќ: Проектот „Јадар“ вратeн во почетна фаза, но тоа не значи и дека ќе се ископува литиум

Студијата на компанијата „Рио Тинто“ за заштита на животната средина не е доволна, проценка ќе направи и надлежното министерство, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ по потврдата дека проектот „Јадар“ се враќа во почетна фаза. 

Тој наведе и дека владината уредба не значи дека ќе се ископува литиумот, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тие (Рио Тинто) треба да почнат од почеток ако сакаат да работат на тоа, а потоа ќе го направиме тоа сите заедно, и тука ја поканувам стручната јавност да се вклучи, и сите заедно да следиме што е тоа што ќе биде претставено како евентуално концепт за ископување на јадарит и литиум, изјави Вучевиќ на РТС.

Премиерот на Србија нагласи дека Владата не е застапник на интересите на ниту една приватна компанија или друга држава.

-Ме интересира само што добива Србија, кои се економските и политичките предности за граѓаните на Србија. Тоа значи дека ме интересира грижата за здравјето на луѓето, да ја заштитам животната средина, да ги зачуваме нашите потоци, реки, ливади, шуми, воздухот и водата, кажа Вучевиќ.

Тој додаде и дека германскиот канцелар Олаф Шолц најверојатно во петок ќе го посети Белград, но дека оваа информација не е официјално потврдена.

-Не можам да кажам дека е сигурно, но има шанси, кажа Вучевиќ запрашан за неофицијалните најави дека Шолц ќе го посети Богград и дека темата ќе биде литиумот.

-Не гледам што тоа не е во ред. Па, тоа значи дека ја имаме предноста во наши раце, оцени Вучевиќ.

Тој додаде дека државата нема да се согласи на минимум, туку ќе бара максимум заштита на животната средина.

-И потоа да разговараме за она што тие го дефинираа како синџир на вредност, да разговараме за економијата и да видиме што тоа носи за српската економија. Значи, не е прашање на суровини, прашање е дали доаѓаат фабрики и какви фабрики, кажа тој.

Вучевиќ потенцира дека литиумот како критичен минерал претставува геополитичката предност на Србија која треба да се искористи и дека власта нема да дозволи насилство кое, како што наведува, го најавува дел од опозицијата по усвојувањето на Уредбата со која проектот „Јадар“се враќа на состојба од пред 2022 година, т.е. во почетна фаза.

Според него, секој може да го каже своето мислење, но не смее да врши насилство. /МИА

Кембриџ развива ВИ-алатка за рано откривање деменција и Алцхајмерова болест

Истражувачите од Универзитетот Кембриџ користеле вештачка интелигенција за развој на алатка којашто може да предвиди веројатноста околу тоа дали луѓето со рани знаци на деменција ќе развијат Алцхајмерова болест. 

Се проценува дека едно лице во светот заболува од Алцхајмеровата болест на секои 3 секунди, а бројот заболени се очекува да се зголеми трипати следните 50 години.

Во истражувачкиот центар во Кембриџ, се верува, стручњаците пронашле нов начин на употреба на ВИ - за откривање на Алцхајмеровата болест во најраните фази. Алгоритмот е развиен и дизајниран да обработува претходни скенирања и одговори на прашалници наречени „когнитивни тестови“, користејќи сложена обработка на податоци.

- Долго време - приближно 30 години, немавме третмани коишто би ја дефинирале болеста. Сега работите се менуваат и гледаме нови третмани на пазарот, а засега знаеме дека имаме потенцијал рано да ги идентификуваме пациентите и да ги определиме вистинските пациенти за одреден третман, изјави Зои Курци, професорка по Експериментална психологија на Кембриџ. - Значи, нашата работа всушност се сосредоточи на раните предвидувања, раната дијагноза, и тоа дали кога ги имаме првите симптоми, или дури и пред симптомите, може да идентификуваме поединци кои би можеле да развијат деменција во иднина, додава таа.

Алцхајмеровата болест претставува околу 60 - 80 отсто од случаите на деменција.

- Предноста на ВИ е во тоа што може да открива податоци, како и односот меѓу параметрите или одликите кои човекот не може лесно да ги увиди. На пример, сликите што ги гледаме може да имаат мали промени во резолуцијата во размер од милиметар што не може да ги видиме со голо око, појасни Лиз Јуанкси Ли, прва авторка на научниот труд.

ВИ ги користи податоците што веќе ги анализирала за да направи попрецизни предвидувања за податоците коишто би ги добила во иднина.

- (ВИ) учи да препознава модели во добиените податоците - во овој случај поврзани со специфични дијагнози на пациенти, така што на крајот ќе знае дали има одредена шема што се појавува при скенирањето мозок. Заедно со когнитивните резултати, така ќе може да се предвиди дали пациентот ќе напредува или ќе остане стабилен и тоа потоа може да прави предвидувања за нови пациенти чии податоци (алгоритмот) не ги разгледал. Овие предвидувања можат да бидат веродостојни бидејќи тој ги видел сите овие други податоци, објасни Курци.

Истражувачите се надеваат дека оваа алатка наскоро би можела да се искористи како делотворно медицинско помагало во здравствени установи во Велика Британија и ширум светот во борбата против болеста којашто станува загрижувачки честа појава. /МИА

притисни ентер