Семејството моли за помош и нуди парична награда за било каква новост во врска со нивниот најблизок, Самоил Костадиновски.
Неговиот татко за Канал 5 откри дека има информации дека еден од двајцата осомничени за грабнувањето на Самоил, не сакал да даде никаква изјава за целиот овој настан, и тоа според него, дополнително го отежнува процесот за пронаоѓање.
„Вчера се јавивме кај еден човек што е во тимот на некоја од службите. Кажа дека се уште немаме ништо. Тој што е притворен, што го киднапирал не дава никаква изјава. Адвокатот му вика да молчи. Тој не кажува ништо, нема притисок од полицијата како порано и затоа се молчи,“ изјави, Љупчо Костадиновски, татко на Самоил.
Од Јавното обвинителство велат дека интензивно работат на случајот, но повеќе детали не откриваат, додека трае предистражната постапка. Дека активно се трага по Костадиновски, уверуваат и од МВР, но и тие се воздржани со информации за да не се загрози истрагата.
Полицијата претходно уапси две лица осомничени за киднапирањето на 26-годишниот Самоил, кои моментално се во притвор, на барање на Обвинителството, кое ги сомничи дека со своите дејствија учествувале во кривично дело – Грабнување. но останува непознато каква е нивната вмешаност во случајот.
На Костадиновски му се губи секаква трага од трети март, а ден потоа неговиот брат го пријавил за исчезнат. Сомнежите на семејство се дека тој е киднапиран, а според информациите, Костадиновски последен пат бил виден кај чешката амбасада на Водно, кога влегол во друг автомобил, кој, според сознанијата на семејството, 3 дена подоцна бил најден запален во близина на Драчево..