Се интензивираат преговорите за формирање парламентарно мнозинство

Ќе се решава ли во фотофиниш кому ќе припадне мандатот за состав на новата Влада? Партиите официјално не откриваат во која фаза се преговорите.

Од Бихаќка и денеска уверени дека ќе ја предводат новата Влада и веќе најавуваат дека прочистување на правосудството и систем за проверка на потеклото на имотот на политичарите ќе се нивните приоритети штом се сместат на Илинденска.

„Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото во кое законот е еднаков за сите. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Ќе биде извршена темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.Следува разрешница на сите предмети отворени од Специјалното јавно обвинителство.“- СДСМ.

Правосудството и потеклото на имотот се најдоа и во заедничкото соопштение на актуелните владини партнери, СДСМ и ДУИ, по вчерашната средба на партиските секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.

Велат дека имале конструктивна дискусија, при што разговарале за нов четиригодишен мандат за Влада, управувана од, како што велат, отчетни и одговорни кадри, а овие заклучоци многумина ги протолкуваа како веќе пружена рака за состав на мнозинство.

Сепак, функционери и од двете партии останаа воздржани на прашањето дали паднал договор. Од Мала Речица истакнаа дека денеска нема да дадат конкретен одговор во која насока течат преговорите со политичките партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнаа дека активно преговараат за нов владин состав, без да откријат повеќе детали, но воедно бараат опонентите од СДСМ да одговорат зошто тврдат дека имаат постигнато парламентарно мнозинство.

„СДСМ сами се демантираа дека договориле Влада со Демократската Унија за Интеграција. Па затоа, еве уште еднаш би искористил прилика и јавно да повикам, и воедно да апелирам и до вас медиумите да ги прашате СДСМ, бидејќи три дена веќе велат дека имаат мнозинство, па сами се демантираат, да излезат јавно и да кажат кои се политичките партии со кои што коалицираат, кое е парламентарното мнозинство составено и да бидат транспарентни пред граѓаните. Во моментов станаапишманска партија, така наречена СДСМ пишманска.“,вели Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали 15-те пратеници на ДУИ се клучни или преговорите ќе се сопнат на условот за премиер-Албанец, ќе се дознае најрано до петок, кога и истекува рокот за доделување на мандатот. Но, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, гостувајќи во „Само интервју“, не ја исклучи можноста за продолжување на соработката со СДСМ, а за политичките опоненти вели дека одново го излажале електоратот нудејќи популистички предизборни ветувања.

Од друга страна, пак, генералниот секретар на БЕСА, Аријанит Хоџа, во колумна напиша дека партијата ќе излезе од коалицијата „Можеме“ и ќе оди во опозиција, доколку сите останати албански партии се дел од новата Влада.

Белорускиот опозициски лидер почна штрајк со глад во затворот

Водечкиот лидер на белоруската опозиција, Максим Заник, започна штрајк со глад во затворот, откако беше обвинет за обид за загрозување на националната безбедност.

Адвокатот Заник е еден од седуммината лидери на опозицискиот координативен совет кои се во затвор или во егзил. Тој тврди дека започнал штрајк со глад затоа што сака да го обелодени „апсурдот на гонење луѓе за слободно изразување на нивните мислења“.

Советот за човекови права на ООН донесе одлука во Женева да ги следи повнимателно злоупотребите на моќта во Белорусија, каде протестите траат веќе пет недели, собирајќи повеќе од 100.000 луѓе. Имено, граѓаните на Белорусија сметаат дека е време долгогодишниот претседател Александар Лукашенко да се повлече, бидејќи сметаат дека неодамнешните избори биле наместени.

Специјалниот известувач на ООН, Анаис Марин, рече дека има информации за обвинувања за силување, употреба на електрични шокови и други форми на ментална и физичка тортура.

Роден е без раце и нозе , па сепак вози комбе низ целиот свет(ВИДЕО)

И покрај големиот хендикеп Американецот може да вози и да патува каде што сака.

Џанис Мек Дејвид е роден без раце и нозе, но тоа не го спречува да се обиде да го живее животот во потполност. Покрај тоа што може да се справи со секојдневните животни предизвици како нормална личност без попреченост, Џанис успева да управува и со автомобил.

Тој вози специјално прилагоден Мерцедес Спринтер. Комбето е целосно прилагодено на неговите потреби. Почнувајќи од задниот дел, има автоматски рампи за влегување во инвалидска количка, до начинот на отклучување, палење на моторот и возење на самото возило. Специјално прилагодените контроли му овозможуваат да управува со ова големо возило целосно независно.

По качувањето во седиштето и врзувањето на автономниот систем, тој ги контролира сите команди. Контролниот екран од десната страна се користи за избор на функции и избор на брзини, додека лево е менувач што се врти, забрзува и сопира.

„Во животот, не треба да се фокусираме на проблемите, туку на можностите“, вели МекДејвид. Без сомнение, технологијата му овозможи не само да вози возило, туку и да биде независен и слободен во неговите животни потреби.

Жителите на сиромашните квартови на Мадрид,зафатени со корона:Заборавени сме

Жителите на најсиромашните квартови во Мадрид денеска изјавија дека се чувствуваат напуштено и жигосано додека ја чекаат одлуката на политичарите да воведат карантин поради повисоките стапки на инфекција со корона отколку во другите населени места.

Јазот меѓу богатите и сиромашните населби е во центарот на жестоката дебата во Шпанија за тоа како да се запре растот на нови инфекции. Висок официјален претставник во средата рече дека властите предвиделе карантин за повеќето погодени области.

Локалната политичарка Изабел Дијаз Ајузо порано оваа недела рече дека „начинот на живот на мигрантите“ е делумно виновен за ширењето на инфекцијата, предизвикувајќи бран критики.

„Тие создадоа стигма“, вели Натаниел Елиот, наставник по англиски јазик од Бостон, кој живее во мадридскиот кварт Пуенте де Валекас веќе 15 години.

Валекас, јужна населба во која живеат луѓе со пониски примања и има многу мигранти, е со една од највисоките стапки на инфекција во Мадрид. Тоа е скоро шест пати поголема отколку во Шамбери, една од побогатите населби на северот на градот.

Регионалните власти објавија дека ќе одлучат за мерките подоцна во текот на денот. Засега е непознато дали ќе се стави во карантин Валекас и околните населени места, но жителите се чувствуваат понижено.

Здравствениот систем тука е „уште попарализиран, пренатрупан, редици има насекаде“, рече пензионерката Мари Паз Гонзалес. „Ние сме напуштени, сега сме во рацете на Бога.

"Штом ќе го поминете мостот, сè се менува. Веднаш штом ќе преминете во соседното соседство, сè се менува", додаде Кармен Ибара, исто така пензионерка.

Хуан Антонио, пензионер, кој живее малку надвор од Валекас, но оди таму секој ден да се грижи за својата 93-годишна мајка, е уште подиректен и вели дека карантинот е глупост.

Шпанија е најпогодената западноевропска земја со повеќе од 625 000 заразени и повеќе од 30 000 починати од ковид-19.

Едно од најголемите жаришта е главниот град Мадрид, а јазот меѓу сиромашните и богатите е жешко прашање и во Барселона, вториот по големина град во земјата.

притисни ентер