Се бара решение за есенската потрошувачка кошница

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. 

Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници.

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

- Не сакаме на сила ништо да правиме, стојам позади тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и тоа го поддржувам и немам дилема, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме, рече Мицкоски.

Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени 100-тина прехранбени производи, а во Министерството за економија се прават анализи дали да се замрзнат цените или да се ограничат маржите. Од 28-ти овој месец треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените.

Количината на планктони во океаните се зголемува, што може да влијае на синџирот на исхрана

Сите мориња во светот се населени со овие ситни организми кои се во основата на синџирот на исхрана.

Невидливата шума од планктони што ги населува океаните се шири во подлабоките води поради климатските промени и би можела значително да влијае на целиот синџир на исхрана, се вели во студијата објавена во списанието „Климатски промени во природата“ предводена од Јоханес Вилјоен од Универзитетот во Ексетер во Велика Британија.

Сите мориња во светот се населени со овие ситни организми кои се во основата на синџирот на исхрана, а преку фотосинтезата произведуваат половина од органските материи што ги користат сите живи суштества на планетата, наведува агенцијата Ansa.

Анализирајќи ја количината и дистрибуцијата на фитопланктонот во последните 33 години во Саргасовото Море, огромен дел од Атлантскиот Океан помеѓу Антилите и Азорите, истражувачите забележале дека вкупната биомаса, односно количината на микроорганизми, се зголемува со температурите.

Микроорганизмите на површината на водата имаат стабилно присуство, додека длабоките фитопланктони реагираат поинаку.

-Нашата студија покажува дека длабоките океански фитопланктони кои се развиваат во услови на слаба осветленост реагираат различно на затоплувањето на водата и климатските промени, рече Виљон.

Оваа промена би можела да има големо влијание врз целиот синџир на исхрана во океанот, од мали риби до големи цицачи, велат научниците.

Бидејќи овие слоеви на длабок фитопланктон се помалку видливи, потребни се повеќе инвестиции во подводни мрежи за мониторинг за да не останат невидливи овие значајни промени, предупредуваат истражувачите. /МИА

Душчик: Белорусија планира „жешка гранична и миграциска криза“

Неговата изјава уследи откако полскиот премиер Доналд Туск пред неколку дена го најави планот за суспендирање на правото на азил.

Плановите на Полска привремено да го суспендира правото на азил се засноваат на претпоставката дека соседна Белорусија се обидува да прати голем број мигранти кон заедничката граница, изјави денеска полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Душчик.

- Информациите што ги имаме за различни сценарија, кои се развиваат во Белорусија и Русија го оправдуваат таков сигурносен вентил. Белорусија работеше на жешка гранична и миграциска криза, планирајќи насилно да принуди стотици луѓе кон надворешната граница на ЕУ, за да ја дестабилизира ситуацијата во Полска, посочи Душчик.

Неговата изјава уследи откако полскиот премиер Доналд Туск пред неколку дена го најави планот за суспендирање на правото на азил.

Полска и ЕУ ги обвинуваат рускиот и белорускиот претседател, Владимир Путин и Александар Лукашенко дека ги туркаат мигрантите од кризните региони кон надворешната граница на ЕУ со цел да извршат притисок врз Западот.

И покрај изградбата на ограда висока 5,5 метри и електронски систем за надзор долж полската граница, мигрантите сè уште секојдневно се обидуваат илегално да ја преминат границата. Од почетокот на годината, полските граничари веќе регистрирале речиси 28.000 такви обиди. /МИА

Марко: Верстапен ќе стане шампион бидејќи Норис има психолошки слабости

Советникот на Ред Бул, Хелмут Марко објасни зошто е уверен дека Макс Верстапен ќе ја освои титулата, а не Ландо Норис од Мекларен.

-Макс е најдобар, тој е најбрз и пред се е ментално силен да се бори за светската титула. Во ова тој е супериорен во однос на Шарл Леклер и Ландо Норис. Знаеме дека Норис има некои психолошки слабости. Прочитав дека треба да прави некои ритуали за да се претстави добро на денот на трката, изјави Марко.

Верстапен претходно изјави дека крајот на тековната сезона, според него, нема да биде толку напнат поради борбата со Норис како што беше со Луис Хамилтон од Мерцедес во 2021 година.

Во моментов предноста на Верстапен во однос на Норис е 52 бода. Остануваат уште шест трки до крајот на сезоната 2024.

Следната етапа од Формула 1 шампионатот е од 18 до 20 октомври во Остин (САД). /МИА

притисни ентер