СДСМ: Со пакетот економски мерки се намалуваат трошоците на земјоделците и се обезбедуваат повеќе пари за секој земјоделец

Третиот пакет на економски мерки усвоен од страна на Владата предводена од СДСМ дава голема поддршка на македонското земјоделство. 

Веќе 5 милиони евра нови средства се на располагање на сите наши земјоделци како евтини и повилни кредити преку Развојната банка на РСМ.

Ја зголемивме поддршката и за субвенционирање на трошоци за зелена нафта за механизација, односно ако минатата година ги покривавме трошоците до 30%, оваа година таа поддршка е зголемена до 50%. Тоа се 5 милиони евра за 50.000 земјоделци преку оваа мерка.

Обезбедивме 50 милиони евра преку кредит на Светска банка за модернизација на македонското земјоделство, односно 50 милиони евра за модернизација на постојни и изградба на нови модерни откупно-дистрибутивни центри во повеќе региони во државата, кадешто е најголемо замјоделското производство.

Го ставаме во функција целокупното обработиливо земјоделско земјиште и тоа преку окрупнување, но и преку можност за продажба. Тоа значи сигурност за земјоделците и агро-бизнисмените и нови инвестиции во земјоделството. 500.000 хектари пасишта ги ставаме во функција на сточарството, преку можност за склучување на договори за долгорочен закуп на пасиштата.

Исто така, имаме и нова мерка за поддршка и развој на малите семејни фарми и на малите винарии, преку грантови од 10.000 евра.

Почитувани граѓани, ние продолжуваме со безрезервна поддршка на македонското земјоделство и на македонските земјоделци.

Тоа значи силна поддршка за стабилизирање и раст на македонската економија..

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски

Заев му заблагодари на шпанскиот премиер Санчез за изразената поддршка

Лидерот на СДСМ денеска во објава на Фејсбук му се заблагодари на шпанскиот премиер Педро Санчез за изразената поддршка за коалицијата Можеме на претстојните предвремени парламентарни избори во земјава.

– Ти благодарам Педро Санчез за поддршката. И како сојузници во НАТО и како идни партнери во ЕУ, продолжуваме да придонесуваме за подобра, проевропска иднина на сите граѓани. Можеме, наведува Заев во објавата на македонски и на шпански јазик.

Санчез во видео обраќање испрати порака за поддршка на предизборната коалиција „Можеме", што, како што вели, „ја предводи мојот драг пријател Зоран Заев од СДСМ".

– Се надевам дека по изборите на 15 јули, Северна Македонија ќе продолжи со проевропска Влада, Влада која ќе остане посветена на прогресивните вредности, Влада што ќе овозможи државата да продолжува да напредува со овој забрзан ритам, како внатрешно, така и на меѓународен план. Драг Зоран, ти благодарам многу и ти посакувам многу успех, наведува Санчез во пораката.

Намален бројот на запишани студенти минатата академска година во однос на 2018/2019

Во минатата академска 2019/2020 година, на прв циклус (додипломски студии) на факултетите и на високите стручни школи во земјава се запишале вкупно  51 734 студенти, што е помалку за 3,6 отсто во однос на академската 2018/2019 година.

Државниот завод за статистика врз основа на податоци добиени од пристигнатите извештаи, денеска објави дека според полот, поголем е процентот на запишани студентки, 57,1 отсто односно 29 515.

Најголем број студенти (85,3 проценти) минатата академска година се запишани на државните високообразовни установи, додека 14 отсто се запишани на приватните.

-Прва година на студии во академската 2019/2020 година запишале 13 701 студент или 26,5 проценти. Тука се опфатени и студентите што втор, трет и повеќепати запишуваат прва година, соопшти ДЗС.

Нападнат лекар од тетовската Клиничка болница

 Лекар во Клиничката болница во Тетово пријавил дека бил нападнат од 32- годишен пациент по што интервенирала полицијата. 

Инцидентот се случил во текот на вчерашниот ден, по што напаѓачот бил хоспитализиран во скопска здравствена институција.

– Во 8 часот и 25 минути, 47-годишен лекар од тетовската Клиничка болница во СВР Тетово пријавил дека на Психијатриското одделение физички бил нападнат од 32-годишниот пациент К.И.од тетовско Боговиње, по што бил смирен и испратен за хоспитализација во скопска болничка установа, соопштија од СВР Тетово.

Тетовската полиција вчера попладне регистрираше и физички напад во семејство на улицата „Мирче Ацев" во градот. Триесетгодишна жена во СВР Тетово пријавила дека во нивниот дом по вербална расправија со снаата, два пати физички ја нападнал нејзиниот 29-годишен брат. Пријавениот е повикан во Полициската станица во Тетово за расчистување и документирање на случајот.

притисни ентер