СДСМ: Раст на извозот од 20,2 во првото полугодие, економијата е стабилна и ликвидна

Преку одговорни и навремени мерки и политики, Владата предводена од СДСМ успева и во време на светска економска криза да ја одржи стабилноста и ликвидноста на домашната економија.

Показател за тоа се бројни економски параметри.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во првите шест месеци од годинава, извозот пораснал за 20,2 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Тоа е доказ дека македонската економија и стопанство се конкурентни и во време на светска енергетска и економска криза.

И во вакви услови платите продолжуваат да растат. Просечната плата за месец мај изнесува 31.407 денари што е за 9,4 повисока во однос на истиот месец од 2021 година.

Веќе од следниот месец следува раст на платите во образованието, детската заштита, во полицијата и одбраната.

Грижата за граѓаните и унапредување на нивниот економски стандард останува врвен приоритет за Владата и институциите предводени од СДСМ.

Продолжуваме со реализација на мерки и политики што ја помагаат домашната економија, овозможуваат нови работни места и раст на платите во сите сектори.

Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на извршен и централен ќе ги утврдува пратеничките листи

На изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе има чесни, професионални и храбри лица, уверува партискиот лидер Христијан Мицкоски, а вечерва целосниот список од 120 кандидати за пратеници ќе биде тема на дебата на седници на извршен и централен комитет. 

Веќе се шпекулира дека на листите ќе се најдат повеќемина од актуелната пратеничка група на опозициската партија, но официјална потврда се очекува в сабота на најавената промоција на кандидатите. Мицкоски најави позитивна кампања, од противкандидатите очекувал клевети и опструкции, но сепак очекувал победа за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.

Победа очекува и спротивниот табор - најавено е дека в недела ќе ја презентираат партиската програма со која ќе влезат во изборната трка. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски негира дека за листите во неговата партија имало несогласувања, како што се шпекулираше за време на нивните партиски состаноци кога ги гласаа минатиот викенд.

Покрај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, свои листи најави Европскиот фронт предводен од ДУИ, албанската опозиција на Касами, Гаши и Меџити - „ВРЕДИ“, Левица, Движењето „ЗНАМ и Коалиција „Храбро“.

Дел од нив деновиве ги претставија носителите, а крајниот рок за доставување на целосните листи во Државната изборна комисија е вторник, 2 април.

Зголемен број хоспитализирани деца во кумановска болница

Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение во општата болница Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Најголем процент на хоспитализираните се деца заболени од вируси, но и дечиња кои имаат алергиски реакции, неколкумина се заболени од „голема кашлица“.

Болнички се лекуваат 20 деца, дневно на одделението има и по 50-тина деца од новороденчиња до десет години. Оние со потешка клиничка слика, пневмонии се хоспитализирани, останатите со полесна клиничка слика се лекуваат на дневна болница.

- Пролетната сезона почна и се зголемува бројот на деца кои имаат вируси и алергиски реакции. Во моментов имаме и деца заболени од „голема кашлица“-пертусис, изјави началничката на детското одделение д-р Ферихан Бајрами.

Родителите ги носат децата и барата помош од педијатрите за зголемена телесна температура, кашлица која прогресира во потешки компликации, со опструкции, пневмонии.

- Последно време имаме дечиња заболени од пертусис. Најголем процент се деца на училишна и предучилишна возраст, но и новороденчиња кои поради возраста не можат целосно да бидат вакцинирани, ниту со прва, ниту со втора доза. Ако родителите забележат покачена температура, кашлица, веднаш да се извршат испитувања и ПЦР метода за пертусис што се прави во лабораторијата и веднаш да се изолира детето и да се почне со соодветна терапија, вели докторка Бајрами.

И алергиските реакции предизвикуваат проблеми кај децата. Симптомите појаснува педијатарот се кивање, кашлица која е сува и надразнителна, бистра носна секреција, затнато носе, чешање на нос и очи.

- Во моментов се инхалаторни полен, цветови, прашина. Потребно е да се направат алерголошки испитувања. И во болницата нудиме таков тест преку крв, кажа Бајрами.

Педијатрите препорачуваат здрава, балансирана исхрана, внес на витамини. Одделението е добро екипирано и можат да се справат со зголемен број на заболени деца.

Приведено и трето лице за убиството на лекарот од Железара

Трето лице е приведено под сомнение дека е поврзано со убиството на докторот од скопска Железара. 

Се уште трае распитот на двете лица кои вчера биле приведени во врска со убиството на лекарот од скопска Железара, додека трае распитот имало и претрес во домовите на приведените за поврзаност со убиството, потврдуваат од Јавното обвинителство за Канал 5. Вчера министерот за внатрешни работи Тошковски изјави дека има осомничени и дека во текот на денешниот ден ќе има повеќе информации.

Министерот посочи дека се презмени 20 истражни дејствија и дека се прегледани се снимките на над 50 камери и видео записи. Според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт со девет убоди во неговиот автомобил паркиран пред поликлниката Железара каде имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Докторот во автомобилот бил пронајден од неговите синови кои заминале на работното место на нивниот татко бидејќи не се вратил од работа по завршувањето на втората смена во ординацијата.

притисни ентер