СДСМ: Обезбедени средства за еколошко греење во домаќинствата и нови зелени површини

Владата предводена од СДСМ продолжува во континуитет да работи на изнаоѓање на ефикасни решенија кои имаат за цел подобро справување со проблемот со аерозагадувањето.

Во таа насока е и одлуката за пренамена на средствата од Планот за чист воздух со цел да се замени системот на затоплување во болницата во Струмица од нафта на гас, во вредност од 5 милиони денари.

Со тоа, се дозаокружува имплементацијата на првиот План за чист воздух во вредност од 2 милиони евра.

Покрај ова, се прифатија апликациите на сите 19 општини кои аплицираа за замена на опрема на нееколошки системи за греење во домаќинствата, градинките, основните и средни училишта, здравствените и административни објекти, во вкупна вредност од 64 милиони денари.

16 општини ќе бидат поддржани за проектите за енергетската ефикасност со вкупна вредност од 26 милиони денари, додека за 8 општини, вклучително и Градот Скопје определени 11,5 милиони денари, средства за нови површини со урбано зеленило.

2,5 милиони денари се обезбедени за набавка на прочистувачи на воздух за 34 училишта.

Наскоро, во општините на Градот Скопје, Тетово, Битола и Кичево, ќе започне доделување на средства за целосна замена на печките на дрва со високо ефикасни инвертер клими.

При тоа, граѓаните во зоните каде загадувањето е најголемо согласно закон, ќе можат да набават инвертер клими, кои покрај еколошкиот начин на загревање истовремено ќе имаат и намалување на трошоците за загревање.

Покрај домаќинствата во постапка за замена на неефикасни извори на затоплување кон еколошки и поекономични се и две полициски станици, во Струмица и во Кочани, каде греењето на нафта се менува со гас, односно со помош на термални пумпи и една градинка во општина Центар каде греењето од нафта преминува на електрична енергија.

СДСМ преку централната и локалната власт кои ги предводи. останува посветено да работи во насока на надминување на долгогодишниот проблем со аерозагадувањето во цела држава.

Реализираме мерки и политики што обезбедуваат почист возхдуз, здрава животна средина и квалитетни услови за живот за сите граѓани.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

Фестивалот „Коачела“ казнет со 28.000 долари поради Лана Дел Реј

Популарниот музички фестивал, на којшто настапија светски ѕвезди како Шакира, Доџа Кет и „Ноу даут“, „Коачела“ (Coachella) заврши, но една од изведувачките ги прекрши правилата.

Се работи за американската поп-пејачка Лана Дел Реј, поради која организаторите на фестивалот ќе треба да платат казна од 28.000 долари... Имено, пејачката настапила 13 минути подолго од предвиденото и со тоа го прекршила договорот што организаторите го имаат со Градот Индио, каде што се одржува фестивалот, пишува „Ти-ем-зи“ (TMZ).

На фестивалот, имено, му се наплаќа дневна казна од 20.000 долари за првите пет минути од пречекорувањето на времето и дополнителни 1.000 долари за секоја минута потоа. /МИА

притисни ентер