СДСМ и ДУИ не разговарале за името на техничкиот премиер, вели премиерот Ковачевски

 Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека за името на техничкиот премиер се уште не разговарале со раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ). 

- Во однос на името на техничкиот премиер не сме разговарале, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Фармацевтскиот факултет во Скопје.

За изборниот настап, Ковачевски вели дека СДСМ има веќе одлука на Извршниот комитет и дека ги повикуваат сите политички партии без разлика на нивната идеолошка и етничка припадност да им се придружат во широк Европски фронт што ќе се залага за Северна Македонија до 2030 година да стане членка на Европската унија. Тој повтори дека во СДСМ е почната внатрепартиската процедура за избор на кандидат за претседател.

Претседателските и парламентарните избори веќе се знае кога ќе бидат, рече Ковачевски, изразувајќи уверување дека претседател на државата ќе биде кандидатот на СДСМ и коалициските партнери и дека тој повторно ќе формира Влада.

-Тоа ќе биде кандидат кој ќе се грижи за стратешките цели на државата, претседател на сите граѓани, кој ќе се грижи за остварување визијата за просперитетна Македонија и ќе стане - земја членка на ЕУ. Истовремено на парламентарните избори, со оглед на тоа дека СДСМ ќе настапи со европска коалиција, и ќе ја добие довербата од граѓаните и на тие парламентарни избори јас повторно ќе го добијам мандатот за формирање на следната влада со која ќе влеземе во полноправно члленство во ЕУ, рече Ковачевски.

Привршува реконструкцијата на внатрешноста на спортската сала во Куманово

Привршува внатрешната реконструкција на спортската сала во Куманово, соопштија денеска надлежните од општина Куманово.

- Во тек е финално машинско чистење на подот пред местење на паркет. Во моментов се нанесува епоксиден материјал на подовите на трибините во спортската сала. Следува местење на паркет, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Општината одвои скоро 14 милиони денари за реконструкцијата на дел од столарија, надворешното и внатрешното уредување на салата.

Во септември, лани почна уредувањето на салата за бокс во внатрешноста на објектот. Спортската сала во Куманово се реконструира етапно. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините. Кон крајот на декември, 2021 заврши пак санацијата на кровната конструкција на спортската сала која се спроведуваше преку проект од програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој од 2020 година со учество на општина Куманово. За проектот беше потпишан договор за градба, средствата во вредност од 23 милиони 430 илјади денари беа обезбедени преку програмата, а општината учествува со 830.000 денари, соопштија тогаш надлежните од Центарот за развој на североисточниот плански регион. Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти, Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата ѝ ги врати во владение на општина Куманово.

Шин Бет пет пати барала дозвола од израелската Влада за убиство на лидерот на Хамас, Синвар

Шин Бет пет пати барала дозвола од израелската Влада за убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар

Откако лидерот на Хамас во Појасот Газа, Јахја Синвар, во 2011 година беше ослободен од израелски затвор, израелската безбедносна служба Шин Бет постојано се обидуваше да добие одобрение од владата да го убие, пишува новинар од израелскиот весник „Једиот Ахронот“ (Yediot Achronot).

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пет пати стави „вето“ за атентат врз Синвар за да избегне војна со Хамас, објави денеска новинарот Надав Ејал, пренесе Бета.

За време на неговиот мандат, идејата ја разгледа и поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет.

По нападот на палестинските екстремисти во мај 2022 година во градот Елад во Израел, Шин Бет повторно предложи план за убиство на лидерот на Хамас, но израелската армија се спротивстави.

Тогашниот министер за одбрана на Израел, Бени Ганц, исто така, се спротивстави на убиството, сметајќи дека Хамас бил заплашен.

Новинарот Ејал не наведува извори, но други израелски медиуми коментираат дека Шин Бет го обвинува политичкото раководство за војната што изби на 7 октомври меѓу Израел и Хамас.

Синвар беше ослободен како дел од размената на 1.000 палестински затвореници за израелскиот војник Гилад Шалит, кој беше заробен во Газа повеќе од пет години.

Притвор за осомничениот од село Габреш, кој си ги уби сестрата и внукот

Основното јавно обвинителство Куманово поднесе предлог за определување мерка притвор за 67-годишниот жител од село Габреш, кој вчера по расправија ги уби сестрата и внукот. 

Вториот внук со прострелни рани е пренесен на една од скопските клиники.

Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – убиство од член 123 став 1, како и еден обид за убиство.

-Осомничениот 67-годишник, на 21 февруари во кумановското село Габреш, имал расправија, со двајцата внуци од неговата сестра. На расправијата се приклучила и сестрата. Со пиштол кој го поседувал со дозвола, осомничениот пукал кон нив и со умисла ја лишил од живот сопствената сестра и еден од нејзините синови, а се обидел да го лиши од живот и другиот, соопштија од обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Вчера полицијата информираше дека поради нерасчистени семејни односи, полициски службеници од СВР го лишиле од слобода Д.Ѓ. затоа што во село Габреш, кумановско поради нерасчистени имотно правни односи пукал од огнено оружје кон неговата сестра Д.Р.(63), и нејзините синови Ж.Р.(36) и Т.Р.(38).

Итна медицинска помош констатирала смрт кај Д.Р. и Т.Р., додека Ж.Р.со повреди е пренесен во Општа болница Куманово, информираше полицијата.

Од кумановската болница потврдија дека кај нив е донесено лице со три прострелни рани, но поради сериозноста на повредите е префрлено на понатамошно лекување на една од скопските клиники.

притисни ентер