СДСМ: Државата, институциите, покажаа капацитет и подготвеност во обезбедување на правдата

Институциите на Владата во координација со правосудните органи, во изминатите 40 часа спроведоа ефикасна акција координирана лично од претседателот Зоран Заев каде се обезбеди присуство на обвинетиот Сашо Мијалков. 

Преземајќи ги сите редовни и вонредни механизми и мерки, од страна на институциите на системот, на Мијалков не му беше дадена никаква друга можност освен да се предаде и од притвор да ја чека пресудата за процесот што се води против него.

Државата, институциите покажаа капацитет и бескомпромисност во обезбедување на правда за сите, денеска се покажа дека никој не е и не смее да биде над законите.

И покрај ваквиот позитивен епилог, институциите, мора што поскоро да ги истражат пропустите поради кои се случи обидот за бегство и за тоа секако да следи одговорност.

Компромиси со правдата нема да има, правдата и владеењето на правото ќе ги има се повеќе.

Христијан Мицкоски, единствениот на браникот на криминалот, сосе сите негови лаги и измислици, уште еднаш е поразен.

Ред, правда и дисциплина на сите нивоа се главните приоритети од коишто Владата предводена од СДСМ продолжува да се води, се наведува во партиското соопштение.

РСБСП: Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач!

      Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач!  - е пораката  со која РСБСП го честита денот на жената 8-ми Март 

И покрај тоа што сеуште постојат одредени стереотипи за улогата на жената во општеството сепак евидентен е фактот дека жените денес се рамноправни во сите сфери на општественото живеење.

Кога станува збор за сообраќајот, факт е дека жените денес се активни учесници во патниот сообраќај и тоа не само како пешаци и велосипедисти, туку и како возачи на моторни возила и како мотоциклисти, а некои од нив и како професионални возачи. Ако пред дваесетина години жените претставувале само незначителен процент од возачите, денес таа бројка се доближува до 50%.

Динамиката на живеење и секојдневните и бројни обврски кои современата жена треба да ги исполни во еден работен ден и во рамките на семејството ја наметнуваат потребата жените да бидат активни во сообраќајот и како возачи.

Учесниците во сообраќајот, особено возачите можеме да ги поделиме на безбедни и небезбедни, на совесни и несовесни и секоја поделба на возачите на женски и машки е несоодветна, и истата може да се прави само за научни и статистички цели.

Иако можеби за многумина, на прв поглед, жените изгледаат не толку вешти возачи, истражувањата покажуваат дека жените се безбедни возачи. Истражувањата всушност покажуваат дека брзото и агресивно однесуваање во сообраќајот не е својствено за жените, дека жените помалку возат под дејство на алкохол, не поминуваат на црвено на семафор, не возат без возачка дозвола, жените повеќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и повеќе ги почитуваат пешаците и велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.

Согласно наведеното, ако почитувањето на сообраќајните правила и прописи е женско возење, ако почитувањето на ограничувањто на брзината е женско возење, ако почитувањето на пешаците е женско возење, ако дефанзивното возење е женско возење, тогаш ајде сите да возиме на женски начин, затоа што така е побезбедно и посигурно.

Статистиката покажува дека мажите трипати повеќе страдаат во сообраќајни незгоди од жените. Според Светската здравствена организација, околу 77% од сообраќајните незгоди со фатални последици се предизвикани од возачи мажи.

По повод денот на жената, 8-ми Март, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со МВР организира превентивно едукативни активности со цел подигање на свеста против стереотипите за жените како лоши возачи. Согласно тоа, на 7 и 8 март во повеќе градови се организираат акции за дистрибуција на цвеќе за жените возачи и дистрибуција на брендирани заштитни маски за лице, флаери, миризливи освежувачи за во автомобил и други едукативни материјали.

Активностите се одвиваат под мотото: Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач!

ЧЕСТИТ „8- ми МАРТ“

# ВОЗИОДГОВОРНО!

ССМ: На жените им требаат работнички права

Работодавачите и Владата треба да прават повеќе за да го спречат насилството и вознемирувањето на жените на работа, дома или било каде, велат од ССМ.

Изминатата година, поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, жените работнички биле изложени на работа во специфични услови, на незаконско намалување на платите, отпуштања и притисоци и вознемирување на работното место, информираат денеска од Сојузот на синдикати на Македонија.

Оттаму упатуваат апел до Владата да ја ратификува Конвенцијата C-190 на Меѓународната организација на трудот за спречување насилство и вознемирување во светот на работата која ги заштитува работниците и другите лица во светот на работата.

– Работодавачите и Владата треба да прават повеќе за да го спречат насилството и вознемирувањето на жените на работа, дома или било каде, велат од ССМ.

Потсетуваат дека мал е и бројот на жени на раководни позиции, дека помалку се платени жените и оти јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени. Затоа, сметаат дека е потребно е да се обезбеди рамноправно учество на жените во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот.

МЗ:Комисијата за заразни болести предлoжи воведување полициски час од 22 до 05 во цела држава

Комисијата за заразни болести предлoжи воведување полициски час во цела држава од 22 часот навечер до 5 часот наутро.

Министерстeрот за здравство д-р Венко Филипче, по предлог на Комисијата за заразни болести денеска на ГККШ предложи воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава.

Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да започне полицискиот час и до кога да трае истиот.

Министерот образложи дека овој предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање.

Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект.

Владата на РСМ на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.

Министерство за здравство

притисни ентер