Савада: Јапонија и Македонија имаат изградено многу цврсти врски во различни области

Денес Неговото Царско Височество, Императорот на Јапонија го слави својот 61 роденден. 

Во Јапонија и насекаде во светот, ние го одбележуваме овој ден како Национален празник, вообичаено со свечен прием на кој се канат владините претставници, дипломатскиот кор, пријателите на Јапонија од сите области и јапонските граѓани. Со длабоко жалење ви соопштуваме дека состојбата со пандемијата на Ковид-19 оваа година не ни дозволува да славиме на тој начин. Затоа, ви ја испраќам оваа порака, со цел за да го одбележиме националниот ден и да го прославиме пријателството помеѓу нашите две земји, Јапонија и Македонија.

Пред сѐ, многу сум благодарен за топлиот пречек од страна на Владата и луѓето од Македонија укажан кон мене и кон мојата сопруга. Ова е јасен знак за симпатиите на вашата земја за Јапонија и за надежите да ги зајакнеме нашите врски и во иднина.

Од осамостојувањето на Македонија, Јапонија и Македонија имаат изградено многу цврсти врски во различни области, како што се политички дијалог, економска соработка, култура и образовна размена. Нашите односи значително се продлабочија по формирањето на Амбасадата на Јапонија во Скопје во 2017 година. По моето пристигнување, во ноември минатата година, имав плодни и значајни дискусии со Нивните екселенции, Претседателот Стево Пендаровски, Премиерот Зоран Заев, Министерот за надворешни работи Бујар Османи и други претставници на Владата на Македонија за понатамошно зајакнување на партнерството помеѓу нашите земји.

Јапонија го склучи „Партнерството за одржлива поврзаност и квалитетна инфраструктура" со Европската унија. Ова партнерство се реализира во Македонија во неколку различни сфери, како дел од „Иницијативата за соработка помеѓу Јапонија и Западен Балкан".

Во 2020 година, Македонија се приклучи на НАТО, а Европската унија донесе одлука да ги започне преговорите за пристапување на земјата кон Унијата. Успешно надминувајќи многу пречки на патот, Македонија сега оди напред кон европската и северноатлантската интеграција. Сметам дека напорите на земјата не придонесуваат само за нејзиниот сопствен развој, туку и за европската и за меѓународната безбедност и просперитет. Се надеваме дека нашата „Иницијатива за соработка со Западен Балкан" ќе го истакне стабилниот развој на Македонија и ќе придонесе за подлабока европска интеграција.

Денес, светот е се бори против Ковид-19. За жал, многу луѓе ги изгубија своите животи. Имајќи предвид дека и Македонија се наоѓа под истата закана, а со цел да ја поддржиме борбата на вашата земја против болеста, во октомври 2020 година, овозможивме грант-помош во износ од 100 милиони јени (813.000 евра) за набавка на медицинска опрема. Понатаму, во оваа фискална година, обезбедивме финансиска помош во вкупна вредност од 540.000 евра за десет проекти чија цел е набавка на медицинска опрема за здравствените установи во рамките на GGP Програмата за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност.

Успешното организирање на Олимписките и Параолимписките игри во Токио ова лето, ќе биде доказ за надминувањето на пандемијата Ковид-19 во светски рамки. Се надевам дека Олимписките игри ќе го продлабочат пријателството помеѓу Јапонија и Македонија уште повеќе. Градот Чигасаки во префектурата Канагава е „град-домаќин" на спортистите од Македонија. Чигасаки во моментов се подготвува за нивниот пречек, организирајќи настани за претставување на Македонија во Јапонија. Се организираат изложби за животот на Мајка Тереза ​во локалните основни и средни училишта, како и фестивал кој ќе биде посветен на Македонија.

Дополнително, верувам дека учеството на Македонија на претстојниот саем „EXPO 2025" што ќе се одржи во Осака-Кансаи, ќе претставува идеална можност да ги продлабочиме односите меѓу нашите две земји.

Вашата земја има богата култура, јазик и историја на народот. Различностите во неа ја прават исклучително впечатлива. Се надевам дека следната година ќе имаме можност да прославиме со физичко присуство, заедно со пријателите од оваа прекрасна земја, Република Македонија.

Хиронори Савада, Амбасадор на Јапонија во Република Македонија

Карамбол во Калифорнија: Најмалку 15 загинати (ВИДЕО)

Најмалку 15 лица загинале денеска во верижен судир во јужна Калифорнија, на околу 16 километри северно од границата со Мексико, пренесува Си-Ен-Ен.

Несреќата се случила кога возило удрило во камион кој возел на север по државната рута 115 во Империјал Каунти во Калифорнија, соопшти полицијата.

Официјален претставник на противпожарната служба во округот Империјал за Лос Анџелес Тајмс изјавил дека добиле повик за сообраќајна несреќа со повеќе смртни случаи, во која учествувале возило со приколка и патничко возило.

Четири лица биле пренесени со хеликоптер во регионалниот медицински центар во Палм Спрингс, изјавил за новинарите портпаролот на болницата.

Украинскиот претседател се вакцинирал, за да не се фрлаат вакцините

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се вакцинирал против коронавирус за време на посетата на фронтот во источниот дел на Донбас, со надеж дека ќе ги увери скептиците дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Заостанувајќи зад Европа, Украина штотуку започнала да вакцинира 41 милион луѓе откако минатиот месец ја доби првата пратка од 500.000 вакцини на АстраЗенека, давајќи им приоритет на здравствените работници од првата линија и на војската.

Сепак, владата се соочува со борба против скептицизмот кон вакцините и ги цитира податоците кои покажуваат дека 47 проценти од населението не сака да се вакцинира. Најголем број од нив се докторите, кои не сакаат да се вакцинираат , поради што досега се фрлени стотици неискористени дози на вакцината.

"Ја примив вакцината против ковид-19. Бев вакциниран на фронтот со војниците како врховен командант", напиша Зеленски на твитот со фотографија на која се гледа како без кошула ја прима вакцината.

Тој вели дека станува збор за вакцината на Оксфорд / АстраЗенека (Ковишилд) од Индија.

„Вакцината ќе ни овозможи да живееме повторно без ограничувања“, додава тој.

Зеленски, чија влада ја блокира употребата на руската вакцина Спутник V, ги повика лидерите на Европската унија да испраќаат вакцини во Украина и во другите земји на работ на ЕУ како гест на солидарност и како прашање на „политика и геополитика“.

Украина забележала 1,3 милиони случаи на инфекции и повеќе од 26 000 смртни случаи како резултат на ковид-19.

Зеленски бил придружуван од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој повикал на мир во Донбас, велејќи дека тоа е „срамна реалност што луѓето овде сè уште умираат и се соочуваат со страшните последици од конфликтот“.

Левица:Незастарување на кривичните дела на функционери – единствен излез од правната криза

Незастарување на кривичните дела на јавните функционери – единствен излез од правната криза СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ, се наведува во реакцијата на Левица. 

Пред една година, помпезно најавениот обвинителски процес (кој беше претставен од Костадин Костадинов како огромен успех на СДСМ во насока на наводните реформи во правосудниот систем), против поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски заврши со резолуција во која се наведува дека обвинителството не утврди дека постојат основи на сомнение дека било извршено кривично дело кое се гони по службена должност.

Со резолуцијата, за триесетината предмети „заборавени во фиока“, никој кривично нема да одговара. Со оглед дека Јово Вангеловски беше избран за претседател во времето на владеењето на ДПМНЕ, а добива кривично правно „помилување“ за своите дејствија во време на СДСМ, станува јасно дека владеењето на СДСМ е само продолжена рака на ДПМНЕ со исти аршини на делување, кои апсолутно не се во насока на владеење на правото, она за што впрочем сегашната владеачка гарнитура гласно говореше пред изборите.

Што доколку тие тиресетина предмети вклучуваа економски кривични дела, или во постапувањата на поранешниот претседател на Врховниот суд во иднина се утврди дека постојат основи на сомневање за сторено економско кривично дело, како дело со кое се повредува економскиот систем, како и економските интереси!?

На овој начин се поттикнува вакви слични поведенија во иднина да станат пракса без одговорност. Впрочем, сегашното позитивно право предвидува и нивна застареност, а од друга страна економскиот систем на државата со сите негови институции трпи незастарливи и неотстранливи последици кои на крај паѓаат на товар на граѓаните.

Затоа Левица во својата програма предвидува мерка Незастарување на кривичните дела поврзани со т.н. економски криминалитет и корупција извршени од страна на јавните функционери. Со оваа мерка ќе се делува превентивно во насока на демотивирање за сторување на ваков тип криминалитет.

Политичка партија Левица

притисни ентер