Санкционирани 78 возачи на автопат Велес – Скопје – Куманово

 На автопатот Велес – Скопје – Куманово при зајакната акциска контрола денеска се санкционирани 78 возачи кои возеле со брзина поголема од дозволената, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Од нив, 22 возилa се движелe со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Од МВР посочуваат дека засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел заеднички придонес за побезбедни патишта.

Петровска: СДСМ вистински се грижи за животната средина

Носителката во шестата изборна единица на СДСМ и коалицијата За европска иднина Славјанка Петровска денеска учествуваше во еколошка акција во Гостивар. 

Во изјава за медиумите по акцијата Петровска посочи дека борбата за здрава животна средина, за чист воздух и чиста вода за пиење, бара сеопфатен широк пристап.

,,Ние, во изминатите години го правевме токму тоа. Преку искористување на природните потенцијали и преку градење на одговорни мерки и политики Македонија ја претворивме во лидер во изградба на нови енергетски капацитети од обновливи извори на енергија.

За само две години, во државата имаме инсталирано 600 мегавати од обновливи извори на енергија, најмногу во фотонапонски централи. Донесовме конкретен, реален План за чист воздух со низа на краткорочни, долгорочни и мерки на среден рок, кој на годишно ниво доведе до намалување на аерозагадувањето во најзагрозените градови.

Она што е важно за овој регион е што нашиот бисер, нашата Шар Планина ја прогласивме за Национален парк со што исправивме една би рекла децениска неправда кон оваа природна убавина" порача Петровска.

Носителката Петровска најави дека СДСМ и во следниот мандат ќе продолжи со мерки и политики што ќе придонесат за заштита на животната средина.

,,Во нашата нова програма предвидена е набавка на опрема и изградба на регионални депонии и претоварни станици во Полошкиот регион со што ќе ставиме крај на уште еден деценински проблем на граѓаните од овој регион. За да ги заштитиме нашите реки, планини, шуми во заштитените подрачја, воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови. СДСМ и Коалицијата за европска иднина се гарант за заштита на животната средина и поквалитетен живот за сите граѓани во сите населени места. Планот за чиста животна средина нека биде мотив плус на 8 мај да дадеме поддршка на бројот еден" порача Петровска.

Кандидатката за пратеник Ема Нешкоска на прес конференцијатакажа дека заштитата на животната средина е уште една причина зошто ни треба побрза интеграција во ЕУ.,

,,СДСМ има јасна визија и цел, европските стандарди и квалитетот на живот да ги донесе дома, во Гостивар и низ цела Македонија. Важно е да продолжиме кон ЕУ, затоа што со влезот во Унијата, покрај останатите придобивки, се доближуваме и до политиките кои гарантираат почист воздух и почиста животна средина" посочи Нешкоска.

Герасимовски: Сите за Кара, дониравме средства на хуманитарниот концерт

Општина Центар организираше музички хуманитарен хепенинг во Парк на Франкофонија каде се собираа средства за лекување на Кара Селовска. 

Кара има 12 години и е ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар. Има сериозни здравствени компликации поради кои е сместена во болница во Барселона, Шпанија. Средствата и се потребни за да ги покрие третманите за дијагностицирање на болеста и трошоците за престој. Музичкиот настан со хуманитарен карактер се изведе под мотото „За сите деца да има сонце“ и е во организација на осумте основни училишта поддржани од општината. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека зад реализацијата на хуманитарниот настан не стојат никакви трошоци освен силна волја Кара и нејзиното семејство да се вратат дома здрави.

„Овој хуманитарен настан го организираме со сопствени сили и многу силна волја и желба на сите ученици, наставниот кадар, директорките и родителите од сите основни училишта во нашата Општина, да помогнат на 12-годишна Кара, ученичка во Песталоци и на нејзиното семејство да ја добијат оваа битка. На концертот се пријавија да настапат родителите на учениците од центарските училишта кои се познати во естрадниот свет. Навистина сум и благодарен за тоа. Овде има и добротворен базар на кој можат да донираат граѓаните, купувајќи ракотворби од локалните уметници, занаетчии и дизајнери. Училиштата на настанот имаат поставено и кутии за донации и искрено се надевам дека собраните средства ќе помогнат за покривање на дел од трошоците. Се надевам дека нејзината состојба ќе се подобри и Кара ќе го продолжи своето образование меѓу своите другарчиња од Песталоци“, истакна Герасимовски на концертот.

На хуманитарниот настан настапија над 20 учесници меѓу кои Драган Мијалковски, Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова, Бојана Скендеровски, Џокси, Јанг Дади, ученици од хоровите од основните училишта, Златните славејчиња и други.

Ова е втора акција која Општина Центар ја организира за собирање средства за лекување за малата Кара. Претходно пензионерите од Центар организираа аукција на слики преку која собираа донации за нејзиното лекување.

Општина Центар пред само неколку месеци имаше успешна хуманитарна акција за Лео. И тогаш, идејата и поттикот за новогодишните базари дојдоа од ученици и наставници кои ги мотивираа повозрасните да се вклучат и даруваат за хумани и благородни цели. Општина Центар им се заблагодарува на сите млади во општината кои се двигател граѓаните да се сплотат и заживеат како заедница која се грижи, која подава рака безрезервно на сите на кои им е потребна помош.

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе направат трансформација во Македонија

Со „Платформа 1198“ ќе се решат проблемите на граѓаните.

„Во очите на граѓаните има една желба да што побргу заврши сето ова кое што се случуваше шест и половина години. И да имаме еден почеток кој што ќе не води кон една иднина која што сите некако како да ја чекаат изминативе три децении, а никако да дојде“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Македонска Каменица.

„Можам да ви кажам од мое име, од името на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека како никогаш порано како генерација политичари сме одлучни да направиме трансформација во Македонија. Трансформација со која што многу од работите кои што денеска се погрешни и создаваат фрустрација, на моменти лоша емоција кај некого, или пак не враќаат назад во времето ќе исчезнат, ќе се врати надежта, ќе се врати оптимизмот“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова ќе победат на 24-ти април, а на осми мај ќе се потврди победата со историски печат.

„Мора победата да биде изразена со мнозинство во Парламентот. Тоа значи дека мора да имаме 61 пратеник за да можеме сето ова кое што јас го зборувам сега да го спроведеме и реализираме. Ние не сме чудотворци, чудата се невозможни, секој оној кој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само сакаме да ја пренесеме вистината онаа која што ние ја чувствуваме, да ја слушнеме вистината која што е поврзана со секојдневието, со реалноста и врз основа на можностите сето тоа да го реализираме во следниот период“, појасни тој.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ преку трибините кои што ги организираше во изминатиот период ја слушна вистината од граѓаните и нивните потреби. И огромен дел од тие потреби се содржани во изборната програма „Платформа 1198“.

„Бројка која што симболички сака да прикаже 1198 проекти, политики кои што во годините кои што следат ќе значат трансформација на Македонија“, укажа Мицкоски.

Мицкоски ги замоли граѓаните да излезат во помасовен број на избори за да се победи оваа актуелна власт која што Македонија ја уништи на секое можно поле.

„Пред шест и половина, седум години оние т.н. шарени, обоени револуционери низ Македонија ветуваа ќе донеле живот, потоа ветуваа дека ќе донесат едно општество за сите, но за жал ако се присетиме на тоа што го ветија и тоа што го реализираа тогаш ќе дојдеме до еден заклучок дека од тоа што ветија ништо не реализираа, а реализираа тоа што не ветија. Односно тоа што го ветуваа не го реализираа тоа што беше добро, а реализираа погрешно а тоа не го ветуваа“, потсети Мицкоски.

Затоа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика граѓаните на избори да го заокружат бројот 2, време е за подобра иднина на Македонија, време е за Македонија повторно твоја.

притисни ентер