Деветнаесет ученици на возраст од осум до десет години и двајца возрасни се убиени во пукање во основно училиште „Роб“ во областа Увалде на 130 километри од градот Сан Антонио.
За ужасот осомничен е 18-годишник Салвадор Рамос, кој бил ликвидиран во полициската акција. Се верува дека грозоморниот чин го извршил сам. На социјалните мрежи осамна видео на кое се гледа моментот кога напаѓачот влегува во училиштето во момент пред да ги застрела невините жртви. Неколку други, и ученици и возрасни, се згрижени поради повреди.
Американскиот претседател Џо Бајден вознемирен и лут изрази жалење за трагедијата и упати итен повик за нови ограничувања на огненото оружје
Во училиштето „Роб“ учат 600 ученици, а мнозинство се Латиноамериканци. Ева Миралес, вработена како наставничка од 4-то одделение во училиштето е првата идентификувана жртва. Според полициски извори наставничката загинала во обид да ги заштити децата од убиецот кој отворил оган во основно училиште.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, рече дека Рамос го оставил возилото и влегол во училиштето вооружен со пиштол и полуавтоматска пушка.
Мотивот не е познат, а сенаторот од Тексас, Роланд Гутиерес, изјави дека Рамос го најавил нападот на социјалните мрежи и дека оружјето со кое го извршил нападот го купил за својот 18. роденден. Исто така, негов пријател изјавил дека неколку дена пред да го изврши крвопролевањето му испратил фотографии од огнено оружје и кеси со муниција. Пријателот кажал и дека Рамос бил исмеван постојано поради неговата облека и финансиската состојба.
Пред да се упати во смртоносниот поход во училиштето, Рамос ја застрелал и неговата баба, која според полицијата, е хоспитализирана и е во критична состојба.
Според бројот на загинати, овој е најтрагичниот напад на училиште во САД, уште од 2012 година, кога во основното училиште Сенди Хук беа убиени 20 деца и шест други лица. Злосторството го осуди и Папата Франциск, кој говорејќи за масакрот во Тексас рече дека срцето му е скршено од болка и порача дека е време да стави крај за неселективната трговија со оружје.