Пред виртуелниот самит за клима во четврток и петок,чиј домаќин е американскиот претседател Џо Бајден, Антони Блинкен треба да одржи говор по повод враќањето на Вашингтон по повлекувањето на администрацијата на Доналд Трамп
„Ако Америка не го води светот во управувањето со климатската криза, нема да остане многу од нашата планета“, треба да нагласи државниот секретар според деловите на говорот што им се достапни на медиумите, пренесува Франс прес.
„Ако успееме во ова, ќе ја искористиме најголемата можност за генерациите да создадеме квалитетни работни места, да изградиме поправедно, поздраво и поодржливо општество и да ја заштитиме оваа прекрасна планета“, треба да додаде тој.
Иако минатата недела Соединетите Држави потпишаа заедничка декларација со својот главен стратешки противник Кина и ветија дека „ќе соработуваат во справувањето со климатската криза“, Блинкен најавува натпреварување.
"Во моментов доцниме. Кина е најголем производител и извозник на соларни панели, ветерници, батерии и електрични возила. Таа поседува третина од светските патенти за обновлива енергија".
„Ако не го надополниме доцнењето, Америка ќе ја пропушти можноста да ја обликува светската климатска иднина според нашите интереси и вредности и ќе изгубиме безброј работни места за Американците“, ќе рече американскиот државен секретар.
Во таа борба, Антониј Блинкен особено ќе го потенцира притисокот што треба да се изврши врз земјите зависни од јаглен.
„Кога земјите продолжуваат да зависат од јаглен, да инвестираат во нови централи на јаглен или да дозволат уништување на шумите, Соединетите држави и партнерските земји ќе ги предупредат на штетноста на ваквите активности.“
Кина, најголемиот светски производител на стакленички гасови, е одговорна за околу половина од светското производство на електрична енергија од јаглен, што е една од главните сопирачки во борбата против затоплувањето.
Но, ова прашање е чувствително и во САД, поранешниот претседател Трамп кој ја повлече земјата од Парискиот климатски договор, беше поборник на производителите на јаглен, иако побарувачката на САД за јаглен постојано се намалува.
Џо Бајден ги врати САД на договорот на првиот ден од неговиот мандат.