Русковска поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители

Обвинителката Вилма Русковска денеска напладне поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението.

– Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, туку за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет после ова мене што ми се случи не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите, изјави Русковска.

Русковска, не кажа што навела во жалбата, и рече дека најпрво треба членовите на Советот да ја видат жалбата и да бидат запознаени со истата, а потоа и јавноста.

Прашана што ќе биде со предметот за кој беше извршен претресот во Управата за финансиска полиција, Русковска, рече дека не знае, и нагласи дека веќе почнала со сослушување на сведоци, но поради суспензијата тие морало да се одложат.

– Во решението за моја суспензија е наведено дека предметите треба да ги предадам на колешката која е одредена согласно годишниот распоред, истата од 15-ти се наоѓа на годишен одмор и предметите не можев да ги распределам. А таа не може да ги работи бидејќи и против нејзе има дисциплинска постапка, изјави Русковска.

За тоа до какви докази дошле со претресот во Управата за финансиска полиција, Русковска рече дека, не им биле доставени сите документите кои ги барале.

– Не дојдовме до докази зашто ние со претресот ги набројавме точно кои предмети треба да ни бидат доставени. Се работи за околу 250 – 300 предмети од кои ни беа доставени 30-тина, повеќето од кои воопшто не ги баравме. Сè уште нема доставено скоро ниту еден предмет од тие кои ги имаме побарано, изјави Русковска.

Според законот за кривична постапка, таа посочи дека, имаат право да бараат казнување на институцијата и казнување на одговорното лице и најави дека тоа и ќе го сторат.

За предлогот за поведување дисциплинска постапка против неа, Русковска рече дека од Комисијата се уште не и било побарано да се произнесе и посочи дека таа постапка трае подолго.

Русковска, нагласи дека ниту јавниот обвинител на РМ, ниту јавните обвинителства можат да даваат насоки и укажувања по конкретен предмет.

-Од страна на ЈОРСМ не се вршеше надзор врз целокупната моја работа или на колешките, туку надзор исклучиво по овој предмет и по овој предмет ние добивме укажувања и сметам дека апсолутно е спротивен на законот. Законот е таков каков што е и мораме таков да го применуваме. Ако излеземе од рамките на кој било закон се создава многу лоша пракса, и сметам дека овој член и став се донесени исклучиво да се обезбеди професионално постапување на кој било јавен обвинител, изјави Русковска.

Прашана дали добила поддршка од колегите, Русковска, рече дека добила понуди за помош, но и поддршка од повеќе колеги обвинители од регионот, но и судии и адвокати од земјава.

Во однос на тоа дали се чувствува безбедно, и дали има закани по живот, Русковска рече дека нема закани сега за сега, што не значи дека може и да нема.

За претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција, директорот Арафат Муареми на 8 август годинава поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сите обвинители за кои тие сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела при постапување.

Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како што информираа од ЈОРМ, поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. /МИА

Претрес во Свети Николе, пронајдена дрога

 Полициски службеници вчера ги привеле Д.С.(34) и Д.С.(34), двајцата од Свети Николе. При претрес во нивниот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана, соопшти МВР.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Средба на Ангеловска-Бежоска со заменик генералниот директор на ММФ

​НБ обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор.

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и одржување на стабилноста на банкарскиот сектор. Ова беше истакнато од страна на заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, за време на состанокот со македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, која ја предводат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик министерот за финансии, Филип Николоски, а од која е дел и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Притоа, високиот претставник на ММФ укажа на потребата од понатамошна внимателност во водењето на политиките, со оглед на неизвесниот глобален контекст, кадешто инфлацијата забавува - но поспоро, додека стапките на глобален раст се под историскиот просек.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата оствари средба и со Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, којшто исто така констатираше дека резултатите од соодветното водење на монетарната политика од страна на Народната банка, се видливи преку опаѓачкиот тренд на инфлацијата, позитивните движења кај девизните резерви и стабилноста на банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и покрај повеќе шокови, преку бројните монетарни, но и макропруденти мерки е задржана макроекономската стабилност. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап.

Исто така, делегацијата оствари средба и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хилберс и Лук Дресе, на која се зборуваше за најновите макроекономски трендови и потребата за натамошна внимателност при водењето на макроекономските политики.

Кабинет на гувернерот

Силјановска Давкова на одбележувањето на 75 год. од крајот на Граѓанската војна во Грцијa

Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија.

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.

Гордана Силјановска Давкова истакна: Почитувани...

Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.

Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата.

Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни

Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато.

Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни.

На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

притисни ентер