Русковска: Новото обвинителство може да го отвори од почеток „Империја"

Новото обвинителство најавено со Предлог законот што го објави вчера премиерот Зоран Заев може да го отвори од почеток предметот „Империја".

Новото обвинителство најавено со Предлог законот што го објави вчера премиерот Зоран Заев може да го отвори од почеток предметот „Империја", рече шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска во денешното гостување во емисијата „Стадион" на радио Канал 77.

– Не, мислам дека не. Откако Врховниот суд го донесе тоа несреќно мислење, сметам дека и да остане така сега новото обвинителство може да го почне од почеток, да ги собира доказите, апсолутно сметам дека кој било од предметите ако има доволно докази и ако не застари, нема да пропадне, посочи Русковска, прашана дали отворањето на случајот „Рекет" може да го поништи предметот „Империја".

Русковска, според предлогот од премиерот Зоран Заев, ќе раководи со обвинителството во кое со новиот закон за јавно обвинителство се предлага Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Давањето поткуп или рекет, наведе обвинителката, е кривично дело, но, има едно големо но, ако тој го пријавил кривичното дело, тогаш се ослободува од одговорност. Сведокот додека беше во куќен притвор, добив информација дека сака да се види со мене. Јас реков – не, кога ќе излезе, ако излезе од домашен притвор, кога сака може да дојде, посочи, меѓу останатото Русковска.

Долго време ја работеле предистрагата за „Рекет", бидејќи, посочи, имало сомнежи дека можеби сведокот сака да им се одмазди на колегите од СЈО.

Како што објасни, сведокот отишол кај премиерот, му предочил мал дел од доказите што ги има по што премиерот ги информирал неа и јавниот обвинител Љубомир Јовевски дека има сознанија за сторено кривично дело и дека сака да дојде да поднесе кривична пријава. Со Јовевски го советувале дека е најдобро да дојде сведокот сам да пријави затоа што во секој случај знае многу повеќе и има поголеми детали од она што го знае премиерот.

Појаснувајќи ја причината зошто сведокот првин се пожалил кај премиерот, Русковска рече дека се работи за специфичен случај, затоа што првоосмничениот постојано бил во друштво со министри, обвинители, судии и, нагласи, едноставно луѓето немаат доверба.

Иако немаат, како што појасни, снимки од снимени комуникации, туку аудио и визуелни снимки од домот на сведокот, тие ќе може да се користат затоа што, како што потенцираше, и Венецијанската комисија се има изјаснето дека кога е во прашање јавниот интерес снимки кои се прибавени на нелегален начин можат да се користат како доказ во постапката.

Русковска вели дека од страна на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не е побарана посебна истражна мерка за Катица Јанева. – Ние не ја следиме, а дали некој друг ја следи тоа не знам, рече Русковска, дополнувајќи дека не се виделе со Јанева, освен истражителите кога биле во нејзиниот дом со наредба за одземање мобилни телефони. Вториот телефон не е најден се уште, а за одземениот има наредба за вештачење кое очекува да биде готово задутре.

Покрај од сведокот, имало и други пријави поврзани со случајот и во тек на предистрагата која траела 2,5 месеци. Има, како што рече, и нови пријави за суми од над 500 илјади евра. Сепак за се што ќе се пријави треба да се обезбедат докази, потенцираше Русковска.

Како што рече, не била консултирана за новиот закон за јавно обвинителство и била изненадена од објавата за него. Веројатно ќе има некои забелешки за законот кој се уште не го видела детално. Сметам дека Вишото обвинителство треба да ги застапува предметите на новото обвинителство пред Апелацискиот суд, рече, меѓу останатото, Русковска./МИА

Во чест на Мирко Попов промоција на винил издание - ПОП КУЛТУРА

 Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи промоција на првата винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари - ПОП КУЛТУРА, во рамки на платформата „Силата ЕУ Младите“.

Настанот е во чест на неодамна починатиот Мирко Попов, кој ја основа платформата „Силата ЕУ младите“, која ја издаде плочата.

Како што соопштија од тимот „Силата ЕУ Младите“, компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и се уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена.

Компилацијата опфаќа селекција песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).

Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско Улично Радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу Силата ЕУ Младите“, Македонско Улично Радио и Лабораториум.

Платформата „Силата ЕУ Младите“, е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил издание за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“.

- Во издание на „ПМГ Рекордингс“, Попов реализираше 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го имановиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во Лабораториум, се вели меѓу другото во соопштението од тимот на „Силата ЕУ Младите“.

Битолскиот театар на меѓународен фестивал во Рума, Србија

Актерите на НУ Народен театар-Битола, Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов вечер во Рума, Србија на тамошниот меѓународен театарски фестивал ќе ја одиграат претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ.

Фестивалот е со натпреварувачки карактер и освен македонските актери во конкуренција се и актери на театри од Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и домаќинот Србија.

Театарската претстава „Кислород“ е фокусирана на проблемите во животот, потребата на човекот да живее, или како што велат битолските актери, да се живее живот полн со љубов, среќа, емпатија и солидарност.

Претставата „Кислород“ почнува во 21 часот и ќе се одигра на сцената на Градски театар во Рума. /МИА

Бајден со помош на Обама и Клинтон собра рекордни 25 милиони долари за својата кампања

 Кампањата за собирање средства за американскиот претседател Џо Бајден со поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон генерира над 25 милиони долари, најголема собрана сума досега во историјата на САД.

Бајден синолќа со Обама и Клинтон учествуваше во дискусија во познатата њујоршка „Радио сити мјузикл хол“, модерирана од водителот на „Лејт шоу“ (The Late Show) Стивен Колбер.

Но, настанот неколку пати беше прекинуван од демонстрантите во салата, кои скандираа против политиката на Бајден за поддршка на Израел во војната со Хамас. Еден од демонстрантите извика „Срам да ти е, Џо Бајден“. Тие исто така го прекинуваа и говорот на Обама.

Демонстрантите го прекинаа и настапот на музичарите Квин Латифа, Лизо, Бен Плат, Синтија Ериво и Леа Микеле.

Влезниците за вчерашниот предизборен митинг на Бајден чинеа од 250.000 и 500.000 долари. Дел од донаторите позираа со претседателите, а фотографиите ги направи славната фотографка Ени Лејбовиц. /МИА

притисни ентер