Русија,САД и Франција повикуваат на прекин на огнот во Нагорно Карабах

Русија, Соединетите држави и Франција деенска повикаа на итен прекин на огнот меѓу азербејџанските и етничките ерменски воени сили околу Нагорно Карабах и ги повикаа спротивставените страни да се вратат на преговори без одлагање.

Ова се најжестоките судири од 90-тите години на минатиот век меѓу двете страни околу област што е дел од Азербејџан, но чие население е претежно ерменско.

„Ги повикуваме релевантните воени сили веднаш да ги прекинат воените дејствија“, рекоа тројцата претседатели во заедничката изјава како копретседатели на групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Ние исто така ги повикуваме лидерите на Ерменија и Азербејџан да се вратат без одлагање, со добра волја и без какви било предуслови, на преговори под покровителство на Минската група на ОБСЕ“, се додава во соопштението.

Рускиот претседател Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, разговараа за тоа како Минската група на ОБСЕ може да помогне во завршувањето на борбите, соопшти Кремљ.

Русија се понуди да биде домаќин на разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан за ставање крај на конфликтот што повторно избувна во неделата околу планинската енклава.

Нагорно-Карабах се одвои од Азербејџан во војната 1990-1994, во која што беа убиени 30.000 луѓе, но не е призната ширум светот како независна република.

Возобновувањето на „замрзнатиот конфликт“ што следеше по распадот на Советскиот Сојуз предизвика загриженост за стабилноста на Јужен Кавказ, област низ која минуваат важни гасоводи и нафтоводи. Исто така се стравува поради вмешаност на регионалните сили - Русија и Турција - во конфликтот.

Нагорно Карабах е составен дел на Азербејџан, но неговото население е претежно ерменско. Кога Советскиот Сојуз се распадна во осумдесеттите години од минатиот век, Нагорно-Карабах гласаше за присоединување кон Ерменија - што предизвика војна што беше запрена со примирје во 1994 година.

Оттогаш, енклавата останува дел од Азербејџан, но е контролирана од етнички Ерменци, поддржани од ерменската влада. Преговорите водени во текот на следните децении, со посредство на меѓународните сили, никогаш не успеаја да доведат до мировен договор.

Божиновска: Набавката на јаглен сега ќе биде транспарентна

Министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека во моментов има тендер за набавка на јаглен во ТЕЦ Осломеј и тоа го спроведува Електростопанство на Македонија. 

Како што рече, Министерството за енергетика ќе ги корегира политиките, а јаглен набавува АД ЕСМ кое е под Владата, и оти набавката сега ќе биде транспарентна.

-Јавниот повик е објавен и може да се види на веб-страницата, изјави Божиновска одговарајќи на новинарско прашање колкава набавка на јаглен се планира и од каде.

На прашањето како го коментира префрлувањето на една милијарда денари за компанија која со години врши ископ во РЕК Битола, а за која ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати укажувала дека е компанија инволвирана во криминални тендери, министерката одговори дека не се работи за нов туку за рамковен договор.

-Колку што сум запознаена, потпишан е рамковен договор, не е нов договор, и знам дека цените се намалени за 30 до 40 проценти од минатата година. Инаку, сето тоа си има ревизија, си има институции кои се занимаваат со тоа. Ние се фокусираме на претстојната грејна сезона и на зимата, рече Божиновска која денеска присуствуваше на доделувањето ваучери за набавка на инвертер клима-уреди во Скопје.

САД му испорачуваат на Израел дополнителни 12 ловци Ф-15

Соединетите Држави продолжуваат да испраќаат воени сили на Блискиот Исток пред очекуваниот ирански напад врз Израел, а локациите за следење летови покажуваат дека американските ловци Ф-15Е се на пат кон Јордан.

Како што објави порталот „Тајмс оф Израел“, најмалку 12 авиони се на пат кон Јордан, по што ќе се приклучат на веќе распоредените борбени авиони. Иранските лидери предупредија дека ќе возвратат на Израел со „одмазднички“ напад поради серијата израелски напади на 26 октомври, за кои Ерусалим вели дека ја уништиле иранската воздушна одбрана и капацитетите за балистички ракети.

Според последните извештаи, иранскиот напад би можел да следи веќе овој викенд, а проектилите би можеле да бидат лансирани од Ирак. Оваа недела, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин нареди распоредување на неколку бомбардери Б-52 Стратофортрес.

Минатиот месец, САД го испратија својот систем „THAAD“ (Terminal High Altitude Area Defense) во Израел. Овој систем за противракетна одбрана е клучен дел од американскиот систем за противракетна одбрана.

Митева: Најавеното покачување во образованието се реализира

 Најавеното покачување во образованието се реализира, октомвриската плата е зголемена за 5%, продолжува растот на платите до минимум 46%.

Со новата Влада, наставниците почнуваат да се чувствуваат сигурни и помотивирани продолжуваат да ја извршуваат својата работа. Тоа е особено важно за подигнување на квалитетот на наставата и за континуитет во создавање нови и добро подготвени генерации.

Првото најавено покачување почнува да се реализира. Октомвриската плата, која се исплаќа овој месец, зголемена е за 5%. Расте нивната економска стабилност, како резултат на постигната спогодба помеѓу Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, од минатиот месец, која предвидува кумулативно покачување на платите на наставниците помеѓу 46 и 60% во следните 4 години, а истото ќе зависи од степенот на инфлацијата.

Од март следната година ќе има ново покачување за 7%, за што, во буџетот на Министерството за образование и наука за 2025 година се предвидени зголемени блок дотации кон општините за 1 милијарда и 500-тини милиони денари, споредбено со блок дотации од тековна година. Во апсолутен износ блок дотациите за 2025 година ќе изнесуваат речиси 24 милијарди денари.

Дозволете да потсетам и дека годинава, со самиот ребаланс на Буџетот се обезбедија дополнителни 900 милиони денари за да може нормално да продолжи исплатата на платите во образованието. Претходното раководство целосно го имало потрошено буџетот за оваа намена. Но, тоа е зад нас. Состојбите се менуваат и постепено се враќа дигнитетот на наставникот и неговата вредност во општеството. Следува уште поголема грижа не само за економскиот стандард, туку и за подобри услови за работа и континуиран кариерен и професионален развој.

Марија Митева, портпарол на Владата

притисни ентер