Дипломатот Емил Хурезеану е поканет на консултации во Букурешт, соопшти МНР.
„Ова е политички гест со кој го нагласуваме големото неодобрување на Романија за постапките на Австрија и со кој навестуваме дека ќе го намалиме нивото на односите со таа земја“, се наведува во соопштението.
Премиерот Николае Чиука рече дека е длабоко разочаран од одлуката на Австрија да го блокира влезот на неговата земја во најголемата зона на слободно движење во која неговата земја се обидува да влезе речиси единаесет години.
Затоа, синоќа романското Министерство за надворешни работи го повика австрискиот амбасадор во Букурешт да го изразат својот протест против неоправданата и непријателска позиција.
По повеќе од десет години во чекалната, Романија, земја со 19 милиони жители која се приклучи на ЕУ во 2007 година, имаше големи очекувања да биде интегрирана во Шенген зоната, каде што повеќе од 400 милиони луѓе можат слободно да патуваат, без контрола на внатрешните граници..
Европската комисија одамна изрази желба за проширување на Шенген зоната, но зелено светло вчера доби само Хрватска, додека Романија и Бугарија беа одбиени.
Австрија се спротивстави со оценката дека двете земји не прават доволно за да ја запрат илегалната миграција преку „западнобалканската рута“ и стравува дека приливот уште повеќе ќе се зголеми доколку влезат во Шенген.
Романскиот министер за внатрешни работи Лусијан Боде ја потсети Австрија дека бранот мигранти не минува низ Романија туку најмногу преку Србија. Западнобалканската рута се состои од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.
Поради одлуката на Виена, имаше повици за бојкот на Австрија, особено од министерот за туризам, кој ги повика сонародниците да не одат на скијање во Австрија, туку да изберат други дестинации, како Франција.
Австрија е втор по големина инвеститор во Романија, посочуваат од МНР. Многу јавни претпријатија имаат сметки во австриски банки, а во земјата се присутни и големи австриски компании како OMV и HS Timber Group за преработка на дрво.