Роднини на загинатите во авобуската несреќа во Бугарија бараат паралелна истрага

Два месеца по трагичната несреќа на автопатот Струма во Бугарија, роднини на загинати и преживеани патници бараат паралелна истрага за причините од кои произлезе сообраќајката- предметот за прибирање на докази го поднеле до окружниот суд во Перник.

Тие не веруваат во првичните резултати од истрагата на бугарските истражни органи кадешто се утврди дека причина е неусогласената брзина на автобусот со постоечките услови на патот.

- За нешто да се случи мора да има некој проблем, не може тој за пет минути да изгори целосно. – роднина на патник во автобусот на “Беса Транс”.

Како што пренесува БНТ тие бараат и одговори од тамошните институции, каде се остатоците од личните работи кои не изгореле таа кобна ноќ. Тврдат дека некои од патниците носеле на себе златен накит вреден илјадници евра, а досега не добиле информација дали и кога нешто ќе им биде вратено на семејствата.

-Имам докази дека мојата снаа имала накит од 7 000 евра за време на патувањето. Златото како злато не гори, може да се направи во топка. Меѓутоа нашите луѓе уште не кажале имаме злато, или имаме цели куфери – Ќамуран Пајазитовски – роднина на патник во автобусот на “Беса Транс”.

Од бугарското обвинителство за Канал 5 вчера изјавија дека ќе побараат правна помош од Македонија, за застапниците на оштетените од случајот да се запознаат со можноста како да отпочнат граѓанско побарување и да се запознаат со материјалите околу целата постапка. Истрагата веќе била при крај - досега била прибрана обемна документација и голем број докази, но дотогаш не откриваат конкретни детали.

Истовремено, скоспкото обвинителство постапува во предмет кој се однесува на работењето на фирмата „Беса Транс“, како и постапувањето на други надлежни органи. Од македонските институции досега информираа дека автобусот со невалидни или фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници. Лиценцата на туристичката агенција е одземена, суспендирани се двајца цариници, а нивниот раководител е санкциониран.

Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември, животот го изгубија 45 лица, од кои 12 беа деца, а седуммина се спасија иако беа повредени. Овој автобус беше еден од четирите на агенцијата Беса Транс кои таа ноќ се враќаа од туристичко патување во Турција.

Одбиен предлогот Тајван да учествува на собранието на СЗО

Обидот на Тајван да учествува на годишното собрание на Светската здравствена организација, денеска е одбиен. Кина ги нарече, напорите на Тајпеј, да учествува, „политичка манипулација", јавија британски медиуми.

Водечкото светско здравствено тело одлучи да не се стави на дневен ред предлогот на 13 членки на СЗО, со што се бара Тајван да се приклучи на собранието како набљудувач.

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски молчи за средбата на Џафери со луѓе на Путин

Ковачевски молчи за средбата на Џафери со луѓе на Путин, исто како што молчеше за пцуењето на вработени, уште што треба да се случи за да побара оставка?

Талат Џафери имал средба во собранието на Македонија со Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението „Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин". Истата средба Џафери не ја објавил на социјалните мрежи, ниту пак известил преку прес службата на собранието за неа.

Џафери ја криел оваа средба.

Џафери мора да каже, зошто криел за средбата и дали потоа ги известил службите дека има таква средба?

Активностите ма Џафери можат да бидат потенцијална опасност и за НАТО.

И сето ова Ковачевски го премолчува, само за да не му падне владата.

Ковачевски не смее да побара одговорност за Џафери, зошто знае дека така може да падне владата, а со тоа и тој повеќе никогаш нема да биде премиер, затоа што има рејтинг помал од стапката на инфлација.

Ковачевски не може вечно да се крие. Иако тој молчи, народот го гледа и се срами од срамот кој и го приредува Џафери на Македонија.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Презвитер Митевски: Посебно внимание и гостопримство по сите православни норми

Посебно внимание и гостопримство по сите православни норми за пречекот и литургијата на поглаварите Стефан и Порфириј.

Во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје се вршат подготовки пред утрешната заедничка Божествена литургија на поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и на Српската православна црква г.г. Порфириј.

-Во моментов се одвиваат подготовки на просторот за пречекот на српскиот патријарх, поглаварот на СПЦ г.г. Порфириј. Се уредува внатрешноста и надворешноста на храмот. Во тек се опсежни работи. Вклучени сме повеќе луѓе во организацијата. Пречек на едно вакво лице кое доаѓа со делегација, членови на Синодот на СПЦ бара посебно внимание, гостопримство на ниво и љубовно пречекување, и исто така запазување на сите оние норми правила кои ги пропишува и преданието на православната црква, изјави за МИА презвитер Бобан Митевски.

Српската делегација ќе ја сочинуваат дваесет лица, од кои најверојатно осуммина ќе бидат владици на СПЦ.

Со заедничката литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ – ОА и владици на СПЦ.

Соборниот храм за утрешната литургија, како што вели Митевски, ќе биде украсен за соодветниот повод, а на крајот на литургијата двајцата поглавари ќе имаат говори.

Поглаварот на СПЦ и членовите на српската црковна делегација треба да пристигнат во Скопје денеска. Божествената литургија утре во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" ќе започне од 9 часот, а во соопштението до јавноста, МПЦ – ОА упати покана до верниците да земат молитвено учество.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава" во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија" и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви.

Синодот на СПЦ, пак, на 16 месецов соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година. Највисокиот црковен орган на српската црква соопшти дека во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми.

Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент" ја прогласи Македонската православна црква за автокефална.

притисни ентер