Ректорот Никола Јанкуловски стана витез од националниот ред за заслуги на Република Франција

Со ова високо признание ректорот Јанкуловски стана Витез од Националниот ред за заслуги.  

Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Сирил Бомгартнер на 31 јануари 2023 година на свечен начин на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски му додели Орден за национални заслуги на Франција. Со ова високо признание ректорот Јанкуловски стана Витез од Националниот ред за заслуги. Орденот за национални заслуги на Република Франција е воспоставен во далечната 1963 година од страна на генералот Шарл Де Гол, како едно од најпрестижните француски одликувања со кој се наградуваат лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција.

Церемонијата се одржа во присуство на блиските, соработници, пријатели, министер за здравство Беким Сали, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска Бежовска, г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и македонски, католичкиот бискуп монсињор Киро Стојанов, и гости од економскиот и културниот живот во земјава.

Францускиот амбасадор , г. Сирил Бомгартнер нарекувајќи го ректорот Јанкуловски голем пријател на Франција во својата пригодна беседа го истакна следново: Покажавте голема отвореност за различни форми на соработка со Франција. Од вашето именување за декан на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје во 2009-та, благодарение на добрата соработка Францускиот институт успеа да реализира повеќе настани во амфитеатарот на Деканатот како „Празникот на науката“ и бројни конференции од областа на физиката, медицината и радиофармацијата. Од вашиот избор за ректор на УКИМ во 2016 година оваа соработка вклучува и нова димензија. Тука мислам на потпишувањето на Договорот со Универзитетската агенција за франкофонија кој овозможи отворање на Центарот за универзитетска успешност во септември 2018 година во кругот на кампусот на Универзитетот – проект кој се чекаше со години а се реализираше благодарение на вас.

Амбасадорот Бомгартнер, исто така, ги нагласи заложбите и несебичната поддршка на ректорот Јанкуловски за издавањето двојна диплома по применети странски јазици помеѓу УКИМ и Универзитетот во Кајен. Тој, исто така, говореше и за ангажирањето во процесот на деблокирање на средствата на г. Константин Стојанов во рамки на Фондацијата што го носи името на овој наш сограѓанин кој живеел и работел во Франција и кој на УКИМ му остави значителен износ на финансиски средства кои се чуваат во реномираната француска Банка Сосиете Женерал, кои ќе се користат за стипендирање и универзитетската мобилност со Франција на студентите од Катедрата по француски јазик и книжевност.

Заблагодарувајќи се на високата чест укажана со доделувањето на Орденот за национални заслуги на Република Франција, ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски рече: Ова одликување за мене е голема чест и мотив да продолжам по патот кој го одбрав - да и служам на мојата земја со сиот свој личен и професионален капацитет и сето свое знаење и енергија да ги употребам во продлабочување на соработката на нашата земја со Република Франција, посебно во делот на академската соработка која отвора нови хоризонти за нас, која создава дополнителни вредности а тоа се слободната мисла, демократија и просперитет. Мојата цел е да придонесам колку што можам во зацврстувањето на европските вредности на нашиот универзитет, но и на мојата држава.

Во чест на Мирко Попов промоција на винил издание - ПОП КУЛТУРА

 Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи промоција на првата винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари - ПОП КУЛТУРА, во рамки на платформата „Силата ЕУ Младите“.

Настанот е во чест на неодамна починатиот Мирко Попов, кој ја основа платформата „Силата ЕУ младите“, која ја издаде плочата.

Како што соопштија од тимот „Силата ЕУ Младите“, компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и се уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена.

Компилацијата опфаќа селекција песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).

Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско Улично Радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу Силата ЕУ Младите“, Македонско Улично Радио и Лабораториум.

Платформата „Силата ЕУ Младите“, е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил издание за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“.

- Во издание на „ПМГ Рекордингс“, Попов реализираше 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го имановиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во Лабораториум, се вели меѓу другото во соопштението од тимот на „Силата ЕУ Младите“.

Битолскиот театар на меѓународен фестивал во Рума, Србија

Актерите на НУ Народен театар-Битола, Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов вечер во Рума, Србија на тамошниот меѓународен театарски фестивал ќе ја одиграат претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ.

Фестивалот е со натпреварувачки карактер и освен македонските актери во конкуренција се и актери на театри од Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и домаќинот Србија.

Театарската претстава „Кислород“ е фокусирана на проблемите во животот, потребата на човекот да живее, или како што велат битолските актери, да се живее живот полн со љубов, среќа, емпатија и солидарност.

Претставата „Кислород“ почнува во 21 часот и ќе се одигра на сцената на Градски театар во Рума. /МИА

Бајден со помош на Обама и Клинтон собра рекордни 25 милиони долари за својата кампања

 Кампањата за собирање средства за американскиот претседател Џо Бајден со поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон генерира над 25 милиони долари, најголема собрана сума досега во историјата на САД.

Бајден синолќа со Обама и Клинтон учествуваше во дискусија во познатата њујоршка „Радио сити мјузикл хол“, модерирана од водителот на „Лејт шоу“ (The Late Show) Стивен Колбер.

Но, настанот неколку пати беше прекинуван од демонстрантите во салата, кои скандираа против политиката на Бајден за поддршка на Израел во војната со Хамас. Еден од демонстрантите извика „Срам да ти е, Џо Бајден“. Тие исто така го прекинуваа и говорот на Обама.

Демонстрантите го прекинаа и настапот на музичарите Квин Латифа, Лизо, Бен Плат, Синтија Ериво и Леа Микеле.

Влезниците за вчерашниот предизборен митинг на Бајден чинеа од 250.000 и 500.000 долари. Дел од донаторите позираа со претседателите, а фотографиите ги направи славната фотографка Ени Лејбовиц. /МИА

притисни ентер