Реакција на СДСМ на изјава на претседателката Силјановска Давкова

Силјановска нема основно познавање од областите кои се во нејзина надлежност - доброволно служење воен рок одамна постои.

Силјановска Давкова демонстрира целосно непознавање на областите од нејзина надлежност. Дава предлози за некакви консултации околу прашања кои одамна се решени. Имено, доволно ќе беше да прочита барем дел на суштинскиот закон кој ја дефинира нејзината надлежност, законот за одбрана, и ќе видеше дека во десетина членови и сега е предвидено доброволно отслужување на воен рок. И тоа е така веќе речиси две децении.

Очигледно Претседателката уште еднаш потврдува дека е залутана на позицијата Врховен командант на Армијата.

Имено, според Законот за Армија, воената служба на граѓаните се состои од 1) Доброволно служење на воен рок и 2) Служба во резервните сили на Армијата

Силјановска Давкова од почетокот на совјата функција докажува дека нема никаков капацитет да биде Врховен командант на македонската Армија, прекршува протоколи и не ги познава законите. Очигледно нема ниту Кабинет кој знае да и укаже на ваквите елементарни непознавања.

СДСМ

Џо Бајден: Најдобар начин да се обедини земјата е предавање на штафетата на новата генерација

Во име на демократијата и за обединување на нацијата. Ова беа главните причини кои американскиот претседател Џо Бајден ги наведе во неговото обраќање во живо до јавноста зошто се повлекува од кандидатурата за втор претседателски мандат.

Ова е негово прво појавување откако во неделата на социјалните мрежи објави дека се откажува од трката за Белата куќа и за свој наследник ја поддржува потпретседателката Камала Харис.

Во својот говор, Бајден ги истакна своите достигнувања во изминатите три и пол години, објасни зошто Харис би била добар претседател и предупреди на ризиците што би ги претставувал вториот мандат на Трамп. Ваквиот чекор, потенцира тој, го презема затоа што на приказната за американската демократија и треба ново поглавје.

-Во последниве недели сфатив дека треба да ја обединам мојата партија. Сметам дека мојот труд како претседател, моето лидерство во светот, мојата визија за иднината на Америка - сето тоа заслужуваше втор мандат. Но ништо, ништо не смее да застане на патот за спасување на нашата демократија. Тоа вклучува и лични амбиции. Затоа решив дека најдобриот пат напред е да ја предадам штафетата на новата генерација. Тоа е најдобриот начин да ја обединиме нашата нација, изјави Бајден во говорот.

Веднаш по обраќањето на Бајден, се огласи републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп, кој говорот го оцени како „едвај разбирлив и многу лош“, а не штедеше ниту на критики до демократите и неговата противкандидатка Камала Харис на митингот во Шарлот, нарекувајќи ја „ултралиберална движечка сила зад секоја катастрофа на Бајден“.

-Шефовите му рекоа или ќе си заминеш или ќе те исфрлиме со користење на 25 амандман, тоа се случи. Го знаете тоа. Го знаете тоа, тоа се случи. Тоа се лоши луѓе, Демократите и или ќе ги победиме или нема да имаме држава. Сега имаме нова жртва, лажливата Камала Харис, изјави Трамп.

Инаку на три месеци пред изборите во САД, анкетата на Си-ен-ен покажува дека Харис во однос на Трамп стои подобро од Бајден. Трамп, додека Бајден беше во трката, водеше пред него со шест поени разлика, но откако одлучи да се повлече во корист на потпретседателката на земјата, нејзината почетна позиција во однос на Трамп е подобра од онаа на Бајден. Па така, Трамп ужива поддршка од 49 отсто од анкетираните регистрирани гласачи, а Харис 46 отсто, за разлика од анкетата на Ројтерс која покажа блага предност за Харис со 44 проценти поддршка, наспроти нејзиниот републикански ривал кој има 42 проценти.

Дачиќ: Очекувам екстрадиција на Рамадани, но тоа е внатрешно прашање на Македонија

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, вели дека очекува македонските власти да го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани

Српскиот министер за внатрешни работи Дачиќ, вели дека очекува македонските власти да го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, но истакнувајќи притоа дека тоа е внатрешно прашање на Македонија.

-По многу луѓе кои учествуваа во тие злосторства за време на војните имаше распишано потерници, тие се и уапсени врз основа на тие потерници. Ние очекуваме дека ќе биде донесена одлука за екстрадиција, но тоа е внатрешно прашање на Македонија.Не знам вие дали разбирате дека Србија не го признава Косово и тоа е апсолутно небулозно. Ние се што работиме, работиме со ЕУЛЕКС, и на таков начин баравме и добивавме информации врзани за сите тие процеси. Така што, никаква екстрадиција внатре во Србија не е возможна, а Србија е држава која во својот состав го има и Косово, така велат и Обединетите нации, истакна српскиот министер Дачиќ.

Сиљановска Давкова прими претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија – ЗМСТАМ.

Раководството на здружението на средбата ја запозна претседателката Сиљановска Давкова со нивните заложби за континуирано подобрување на стандардите на сестринската и акушерската пракса, унапредување на положбата на сестрите и акушерките на работните места, како и за нивниот ангажман како здружение во насока на подобрување на здравствениот систем, во целина. Во тој контекст, истакнаа и неколку приоритетни прашања за нив, односно да се донесе Закон за здравствена и акушерска нега, да се признае и да се вреднува високото образование на сестрите и акушерките, како и нивните специјализации вградени во колективниот договор, во согласност со Конвенцијата 149 на Меѓународната организација на трудот, да се воведе менторство во сестринската пракса, да се вреднува искуството на сестрите со средно образование, а кои имаат повеќегодишно специјализирано работно искуство, како и да се зголеми улогата на патронажните сестри во пружање примарна здравствена нега.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека медицинските сестри, техничарите и акушерките се исклучително важна алка во синџирот на целокупната здравствена заштита и притоа изрази поддршка за активностите на здружението, како единствена професионална организација која ги претставува сестрите, акушерките и сестринството.

На денешната средба присуствуваа претседателката на здружението, Велка Гавровска, заменик –претседателката Тања Трајковска, Валентина Горичанец, секретар на ЗМСТАМ, како и Гордана Димеска, претседателка на невролошката секција и делегатот Гоце Марковски, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.

притисни ентер