Рамо до рамо со граѓаните на Велес: Изборот е интеграција во ЕУ или изолација

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска, заедно со Ивона Кузмановиќ денеска беa меѓу граѓаните на општина Велес, како дел од караванот теренски активности „Рамо до рамо до победа“.

Лукаревска со граѓаните разговараше за повеќе теми, меѓу кои мерките и политиките што ги спроведува СДСМ за подобрување на животниот стандард на граѓаните, европската перспектива на државата и придобивките од продолжување на европскиот пат на земјата.

-Изборот пред секоја партија, пред секој пратеник е интеграција во ЕУ или изолација. Нема друга опција. Со глас за Европа во македонското Собрание можеме да продолжиме напред, кон полноправно членство во ЕУ. Сега зависи од сите нас и затоа ги повикуваме сите политички партии и сите пратеници да покажат одговорност кон народот и иднината на земјата, рече Лукаревска, додавајќи дека пред државата и граѓаните е отворена историска шанса, при силна и недвосмислена поддршка од ЕУ и од САД, којашто треба да се искористи.

Лукаревска истакна дека интеграцијата во ЕУ значи подобар животен стандард, сигурна иднина, засилен економски раст, поголеми можности за младите, развој на секое поле.

Евроинтеграцијата носи бројни директни придобивки, пристап до европските фондови, нагласи Лукаревска, додавајќи дека само со новата ИПАРД 3 програма приближно 100 милиони евра неповратни европски средства се ставени на располагање за инвестиции за модернизација на македонското земјоделство.

Од друга страна сите добро знаеме што значи изолација, ја живеевме од 2006 до 2016 година година, со режим, заробена држава, без напредок и без перспектива. Не смееме да дозволиме повторно да ни се случи изолација, граѓаните немаат нови 11 години за губење, сега е време за дејствување, заедно со вас граѓаните, да ја донесеме Европа дома, нагласи Лукаревска.

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска направи споредба на работењето на ВМРО-ДПМНЕ со мерките и политиките на СДСМ, што даваат очигледни резултати.

Нема сегмент во којшто СДСМ ако се спореди со ВМРО-ДПМНЕ нема подобар резултат. Со ВМРО-ДПМНЕ минималната плата беше, со СДСМ е 20.000 денари. Просечната пензија во време на ВМРО-ДПМНЕ беше 13.000 денари, а сега со СДСМ е 19.000 денари. Невработеноста со ВМРО-ДПМНЕ беше 25%, со СДСМ моментално е 14%. Донесовме директни странски инвестиции од 760 милиони евра и тоа во кризна година, што е два пати повеќе од 2016 година, порача Лукаревска од Велес, се наведува во партиското соопштение.

Голем антивладин протест во Буенос Аирес поради мерките за штедење

Стотици илјади Аргентинци вчера излегоа на улиците на Буенос Аирес на антивладин протест против кратењето на буџетот на државните универзитети, што е најголемиот протест досега против мерките за штедење на претседателот Хавиер Милеи.

Протестите се последниот пример за растечките тензии поради кратењата на владините трошоци кои помагаат да се сменат длабоките фискални дефицити, но предизвикуваат тешкотии во реалната економија.

Маршевите поддржани од Унијата во и надвор од главниот град носеа транспаренти на кои пишуваше „Брани ги државните универзитети“, „Студирањето е право“ и „Горе буџетот, долу планот на Милеи“.

Милеи, кој се справува со наследената економска криза по долгогодишното трошење на владата, спроведува буџетски кратења со „моторна пила“ што и помогна на државата да оствари тримесечен фискален суфицит на почетокот на годината. Но, кратењата извршија голем притисок врз јавниот сектор. Јавните универзитети во Аргентина како УБА, кои нудат бесплатно додипломско образование, во голема мера се потпираат на државно финансирање.

-Образованието е еден од основните столбови на нашата идеологија. Немаме желба да ги затвораме универзитетите, рече портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, бранејќи ја позицијата на владата и повика на мирен протест. /МИА

Во Штип отворени 74 избирачки места

Во Штип утрово навреме се отворени 74 избирачки места, а гласањето се одвива мирно и без проблеми, информираше претседателот на Општинската изборна комисија(ОИК)-Штип, Виктор Вацев.

Според избирачкиот список со право на глас се 41.489 граѓани, кои своето избирачко право можат да го остварат на избирчаките места.

МИА утрово беше на гласачкото место 22 92 во гимназијата „Славчо Стојменски“-Штип. Претседателката на Избирачкиот одбор, Васка Тасева вели дека гласачкото место навреме е отворено, а своето право на глас на ова избрачко место можат да го искористат 896 избирачи.

Изборниот процес почна вчера, кога во домашни услови гласаа 158 болни и изнемоштени. Се гласаше и во КПУ _ затвор _ Штип, каде од 203 регистрирани избирачи од 40 македонски општини, правото на глас го искористиле 144 осуденици или 71 проценти.

Во Росоман и Демир Капија стартуваше гласањето за претседателските избори

Во Росоман и Демир Капија стартуваше гласањето за претседателските избори, од општинските изборни комисии информираа дека навремено се отворени сите избирачки места.  

Вкупно 113 болни и изнемоштени лица од Росоман и Демир Капија и петмина од затвор, беа пријавени за гласање во текот на вчерашниот ден, согласно на законот.

- Во единствениот избирачки список, се запишани 3.289 лица од општина Росоман со право на глас. Од нив, 51 болно и изнемоштено лице, како и двајца од затвор, беа пријавени за гласање за вчера, појасни претседателот на општинската изборна комисија, Александар Чадамов, за МИА.

Во Демир Капија, како што соопшти претседателот на ОИК, Благој Јовановски, 62 болни и немоќни лица, како и тројца од затвор, имаа законска можност да гласаат во текот на вчерашниот ден. Инаку, во Демир Капија се регистрирани вкупно 3.216 гласачи.

притисни ентер