Рама: Рано е да се биде оптимист околу веста за укинување на бугарското вето

Веста дека бугарската опозиција се согласува да се повлече ветото на Софија за старт на преговорите на Македонија со ЕУ, албанскиот премиер Еди Рама ја гледа како позитивен знак.

– Само што слушнав дека денеска нешто се движи во Бугарија. Рано е да се биде оптимист и премалку е да се сменат делови од утрешниот говор каде Бугарија е критикувана како земја која држела две земји од НАТО како заложници, додека има војна во границите на Европа, напиша Рама на Твитер.

Во истата објава тој наведува зошто донесол одлука да патува за Брисел.

– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да слушнеме за идејата на претседателот Макрон за новата европска политичка заедница што ја поддржуваме, за иницијативата „Отворен Балкан", што го унапредува духот на Европа и за нашето заробеништво од Бугарија што ја уништува истата, напиша Рама во својата објава на Твитер.

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.

Седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска ќе ја одржи 34-тата седница на чиј дневен ред се две предлог-одлуки за испраќање војници на Армијата на Република  Македонија во мисиите на ЕУ „EUTM RCA“ и „Алтеа“.

Првата точка е Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Втората точка, Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

На ГП Богородица се чека околу 30 минути

Поради зголемена фреквенција на возила, времето на чекање на ГП Богородица за излез од земјава е околу 30 минути.

На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. /МИА

притисни ентер