Путин во обраќање до нацијата го одложи референдумот и следната недела ја прогласи за неработна

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го одложи референдумот за уставните измени што ќе му овозможат да остане на власт во услови на влошување на состојбата со пандемијата на коронавирус.

Гласањето за измените, кои вклучуваат укинување на забраната Путин да се кандидира за претседател повторно во 2024 година, беше закажано за 22 април.

Реформата претходно беше одобрена од парламентот и уставниот суд. Според измените, Путин, кој 20 години доминира во руската политичка сцена, би можел да се кандидира двапати за шестгодишен претседателски мандат.

„Сведоци сме како се шири епидемијата на коронавирус низ целиот свет, бројот на случаи расте, се заканува на целата економија“, рече Путин во телевизиското обраќање до нацијата.

„Нашите апсолутни приоритети се здравјето, животот и безбедноста на луѓето. Затоа мислам дека гласањето треба да се одложи до понатамошно известување“, додаде тој.

Доколку Путин се натпреварува за претседател во 2024 година, уставните измени ќе му овозможат да остане на власт до 2036 година.

Тој во обраќањето најави и дека следната недела ја прогласува за неработна со цел да се запре ширењето на заразата.

притисни ентер