Пуштен во употреба нов мултифункционален парк во Маџари

Од денеска е пуштен во употреба мултифункционалниот парк во Маџари, Триангла. 

Паркот е со повришна од над 2 000 метри квадратни и се состои од затворен дел – паркот за миленици, фитнес зона опремена со справи за вежбање и детско катче во кое што се поставени реквизити за игри и забава.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој денеска го посети паркот, изјави дека станува збор за соодветно осветлен парк, уреден со патеки, а исто така поставен е летниковец, фонтана, клупи и друга урбана опрема.

Како што рече, паркот е комплетно хортикултурно уреден и збогатен со голем број на дрва, а и поставен е систем за автоматско наводнување. Партнер во реализацијата на овој проект е компанијата „Макстил“.

-Со овој мултифункционален парк правиме уште едно поубаво место на кое што граѓаните на Гази Баба ќе можат да се дружат, да спортуваат и да рекреираат. Сакам да се заблагодарам на „Макстил“ која беше партнер во реализација на овој проект. Паркот е изграден со средства од Општина и од „Макстил“, додаде градоначалникот.

Тој денеска најави уште еден проект организиран од Општината, а тоа се седум спортски игралишта.

-Најавувам седум спортски игралишта на територија на нашата општина, кои што ќе добијат модерен лик и кои што ќе бидат опремени со соодветна подлога од тартан и подлога од вештачка трева, рече Стефковски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој исто така денеска беше во посета на паркот, даде поддршка Општината да продолжи и во следниот период со вакви проекти.

-Општината заедно со градоначалникот прават исклучително многу и за граѓаните, но и за самата Општина и можам само да кажам и да ги поддржам да продолжат така во периодот кој што следи бидејќи тоа е она што го очекуваат граѓаните од нас. Тоа е она кое што треба да ја покаже разлика помеѓу тие кои што крадат и оние кои што градат. Им посакувам уште многу вакви проекти и места каде што ќе можат и повозрасните, но и најмладите да наоѓаат простор за своја релаксација и за забава, додаде Мицкоски.

Повеќе од 280 милиони луѓе се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештај на ФАО

 Над 280 милиони луѓе во 59-те земји во светот каде кризата со храна е најтешка, се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Се забележува дека иако вкупниот удел на луѓето во светската популација кои се соочуваат со голем недостиг на храна во 2023 година беше малку помал отколку во 2022 година, тој остана над нивото пред пандемијата.

Во него се нагласува дека процентот на луѓе кои се соочуваат од акутен глад останува висок, а главни фактори зад овој тренд се воените конфликти, екстремните временски услови и економските шокови, кои продолжуваат да го загрозуваат одржливиот развој на светот.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупредува дека влошувањето на ситуацијата во светот како резултат на овие фактори претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната во тековната 2024 година.

Извештајот на ОН ги става Авганистан, ДР Конго, Нигерија, Судан и Етиопија во првите пет земји погодени со најакутна криза со храна. /МИА

Владата на Словачка ја одобри контроверзната реформа на јавната радио и телевизија

 Владата на Словачка денеска ја одобри контроверзна реформа на јавната радио и телевизија во земјата, чекор, кој според критичарите, ќе доведе до преземање на целосна контрола врз медиумите од страна на Владата.

Минатиот месец, илјадници луѓе се собраа во главниот град за да го осудат планот, кој беше широко критикуван од локалните новинари, опозицијата, меѓународните медиумски организации и Европската комисија.

Премиерот Роберт Фицо рече дека промените се неопходни, бидејќи јавниот радиодифузен сервис РТВС бил политички пристрасен и е „во конфликт со словачката Влада“. Предложените измени ќе значат дека тој ќе има нова организација.

Се очекува, Парламентот, во кој коалициската Влада на Фицо има мнозинство, во јуни да ги одобри измените. /MIA

Де Соуза: Португалија одговорна за злосторствата за време на трансатлантското ропство

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза рече дека Португалија е одговорна за злосторствата извршени за време на трансатлантското ропство и колонијалната ера и посочи дека има потреба од репарации.

Говорејќи на настанот на кој доцна синоќа беа поканети странски дописници, Ребело де Соуза рече дека Португалија „ја презема целосната одговорност“ за неправдите од минатото и дека тие злосторства, вклучително и колонијалните масакри, имаат „цена“.

Тој посочи дека Португалија мора да ја плати цената.

„Дали има злосторства што не се казнети, а одговорните не се уапсени? Дали има стока што е ограбена и не е вратена? Да видиме како можеме да го поправиме тоа“, рече Ребело де Соза.

Во текот на повеќе од четири века, најмалку 12,5 милиони Африканци беа киднапирани, насилно транспортирани на долги растојанија главно со европски бродови и продадени во ропство.

Оние кои го преживеале патувањето завршиле со работа на плантажи претежно во Бразил и Карибите, додека други профитирале од нивниот труд.

Португалија продаде речиси шест милиони Африканци, повеќе од која било друга европска нација, но досега не успеа да се соочи со своето минато, а во училиштата малку се учи за нејзината улога во трансатлантското ропство. /МИА

притисни ентер