Пропадна уште еден обид за примирје меѓу Ерменија и Азербејџан

Премиерот на Ерменија, Никола Пашинијан изјави дека примирјето што стапило на сила денеска наутро во Нагорно Карабах, не заживеа, пренесува Спутник.

Од друга страна, Азербејџан денеска го обвини Ереван за ракетни напади врз градот Тертер.

"Јасно е дека уште еднаш не успеавме да го зачуваме примирјето. Не знам каква ќе биде реакцијата на групата Минск, но ерменската страна стори се за да го почитува примирјето и армијата беше воздржана. Но, во вториот дел од денот можеме да кажеме дека не успеавме да го зачуваме примирјето “, рече Пашинијан во видеото објавено на Фејсбук.

Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана Шушан Степанјан објави дека „азербејџанската армија денес дури го зголеми интензитетот на нападите, користи артилерија и тенкови, по линијата на раздвојување во Нагорно Карабах“, додаде Спутник.

Почна откупот на тутунот во Тутунскиот комбинат Прилеп

Од денеска законски почнува откупот на тутунот од годинешта реколта. Дел од откупните центри, поточно две компании ги отворија пунктовите а останатите тоа треба да го сторат најдоцна до 1ви декември. 

Годинешната реколта ќе тежи 23 илјади тони, доколку има вишок и тој ќе биде откупен уверува министерот за земјоделство Аријанит Хоџа.

Квалитетот на тутунот е сличен на оној од лани, а најголем дел и годинава е произведен во Пелагонија. Парите се обезбедени, па надлежните очекуваат откупот да се одвива без проблеми.

Со оглед на ситуацијата со пандемијата, надлежните апелираат тутунарите да се придржуваат до мерките за заштита од корона-вирус, за да не се случи поради невнимание да се затворат откупните центри.

Бајден: САД ќе го предводат светот, нема да се повлекуваат од него

Новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден го претстави дипломатскиот и националниот тим за безбедност со што и формално почна да го превзема претседателството.

Тој изјави дека Соединетите американски држави се подготвени да го водат светот а не да се повлекуваат од него со што јасно стави до знаење дека ќе има промена во досегашните начела на неговиот претходник Доналд Трамп кои гласеа “Америка на прво место”.

-Тимот го рефлектира фактот дека Америка се враќа, спремна да го води светот а не да бега од него. Повторно да седне на чело на масата, спремни да ги конфронтираме нашите противници и да не ги одбиваме нашите сојузници, истакна Џо Бајден.

Освен Блинкен кој беше именуван за државен секретар, Бајден го номинираше поранешниот државен секретар Џон Кери како специјален пратеник за климатски промени. Тие уште еднаш ги повторија своите црвсти ставови за спротиставување на глобалното затоплување и повторното пристапување кон Парискиот договор, кој администрацијата на Трамп го напушти.

-Заеднички успех значи собирање на најдоброто од американската генијалност,креативност и дипломатија од умствена моќ до алтернативни извори на енергија користејќи ги сите алатки кои ни се на располагање за да стигнеме онаму каде што треба да одиме. Никој не треба да се сомнева во детерминацијата на претседателот и потпретседателот,вели Џон Кери.

Со ова полека се става крај на неизвесноста за тоа кој го освојува претседателството, иако Трамп неколку пати изјави дека победата ќе ја бара преку судовите. Бајден кажа дека сеуште нема разговарано со се уште актулениот претседател, но неговата администрација полека го започнува преносот на власта и уште еднаш посочи дека пред нив претстои напорна работа за да се справат со корона вирусот и уништените релации со повеќе земји поради начинот на работа на неговиот претходник.

Османи оствари средба со Дејвид Гир

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари редовна работна средба со Шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија Амбасадорот, Дејвид Гир.

Предмет на разговорот беа актуелностите околу усогласувањето на Преговарачката рамка за почеток на ЕУ пристапните преговори на Македонија помеѓу земјите членки на ЕУ во Брисел, претстоечкиот одлучувачки Совет на ЕУ кој ќе се одржи на 8 декември и напорите да се надминат пречките од билатерален карактер со Бугарија.

„Особено го цениме активниот ангажман и принципиелниот став на Европската комисија за постигнување на консензус помеѓу земјите членки на ЕУ за предлог Преговарачката рамка за Македонија и закажувањето на Првата меѓувладина конференција во текот на Германското претседателство со Советот на ЕУ до крајот на 2020 година. Пристапниот преговарачки процес за членство во ЕУ нема алтернатива ниту План Б и дека без разлика на исходот на Советот во декември, Македонија ќе остане посветена на спроведување на реформите со ЕУ предзнак и на унапредување на добрососедските односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија согласно Договорот за пријателство", истакна Османи.

Соговорниците разговараа и за актуелните внатрешно-политички случувања во државата, состојбата со Пандемијата предизвикана од Ковид-19, состојбите во Регионот, но и за имплементација на постигнатите придобивки од успешното ко-претседателство на Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.

притисни ентер