Пронајдено лицето од демиркаписко Дрен, кое било пријавено за исчезнато

Машко лице, кое имало психички проблеми и избегало од неговиот дом во демиркапиското село Дрен, синоќа е пронајдено околку 21 часот во близина на селото, кај месноста „Краставец“. 

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), синоќа во 19:52 часот на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК било добиено известување за изгубено машко лице, кое имало психички проблеми и избегало од дома од село Дрен, Општина Демир Капија.

- Брзо беше организирана потера од роднини, месно население и полицајци од Полициската станица Неготино. Лицето беше пронајдено надвор од селото кон месноста „Краставец“, околу 21 часот, соопшти ЦУК.

Од ЦУК посочуваат дека навечер температурите паѓаат на отворен простор и оти тоа може да биде опасно по здравјето и животот на луѓето, особено ако не носат соодветна облека според надворешната температура.

Кочанчанецот кој изврши обид за убиство и побегна уапсен на Табановце

 Кочачанецот кој вчера изврши обид за убиство и побегна од местото на настанот бил лишен од слобода на граничниот премин „Табановце“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

- На 14.09.2024 во 06.30 часот на Граничен премин Табановце М.Н. бил лишен од слобода од страна на полициски службеници, постапувајќи по претходна пријава од В.А. (38) од Кочани, дека на паркинг во Кочани на 13.09.2024, додека седеле во автомобилот на В.А. заради купопродажба на мобилен телефон, М.Н. извадил нож и со него го нападнал пријавителот, стои во соопштението од МВР.

Веднаш по добиената пријава, како што дополнуваат, се преземени соодветни мерки и активности и случајот е расчистен, поднесена е кривична пријава, а М.Н. е изведен пред судија на претходна постапка и му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти МВР.

Од обвинителството во Кочани, претходно соопштија дека за 24-годишник постои основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид“

Како што соопшти ОЈО, на 13 септември, во вечерните часови, осомничениот се договорил со оштетениот да се најдат на паркинг простор кај Споменикот на слободата во Кочани заради купопродажба на мобилен телефон.

Кога се сретнале на наведеното место, осомничениот влегол во возилото на оштетениот, седнал на совозачкото место и започнал да разговара со него и да го разгледува мобилниот телефон.

По кратко време, од џебот извадил нож и му задал удар во витален дел од телото во пределот на главата и вратот под брадата, нанесувајќи му отворена рана од околу 2-3 см. Ножот се скршил, а осомничениот продолжил со дршката уште неколку пати да го удира оштетениот. Нападнатиот му ја фатил раката и го спречил, по што осомничениот се извлекол од возилото и со трчање побегнал од местото на настанот.

Меси се врати во игра и постигна два гола за успех на Интер

 Лионел Меси се врати по долго отсуство, постигнувајќи два гола и асистенција на третиот, а Интер Мајами ја победи Филаделфија Унион со 3:1 во американската МЛС лига.

Аргентинскиот напаѓач и осумкратен освојувач на „Златната топка“ нема играно за Интер Мајами од 1 јуни поради репрезентативни обврски и повреда на десниот зглоб, заработена во победата над Колумбија во финалето на Копа Америка на 14 јули.

Меси, кој продолжи со тренинзите пред три недели, постигна два гола во период од четири минути на средината на првото полувреме. Без него, Мајами забележа 8 победи и 2 порази и избори пласман во плеј-офот на шампионатот.

Луис Суарез се истакна со гол и асистенција. Тој погоди по додавањето на Меси во осмата минута од дополнителното време во вториот дел за конечни 3:1. Тоа беше 17-ти гол за Суарез сезонава. Уште еден негов гол во 45. минута беше поништен поради офсајд.

Пред неговото отсуство, Меси (37) имаше 12 гола и 13 асистенции во 12 првенствени натпревари оваа сезона.

Двата клуба продолжуваат со нови натпревари во вторник. Интер Мајами ќе гостува во Атланта, а Унион во ФК Њујорк Сити. /МИА

Приведен маж од Валандово кој запалил возило на сограѓанин

 Полицијата денеска привела 35-годишен маж од Вландово кој запалил возило на сограѓанин. 

На 14.09.2024 во 22.20 часот во Валандово полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Валандово го лишиле од слобода З.К.(40) од Валандово поради сомнение дека околу 21.40 часот во Валандово подметнал пожар на патничко возило „опел“ со валандовски регистарски ознаки, сопственост на Д.Б. (35) од Валандово.

З.К. претходно и телефонски му упатувал закани на Д.Б.. З.К. е задржан во Полициската станица Валандово, извршен е претрес во неговиот дом и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава до ОЈО Гевгелија.

притисни ентер