Пронајдено е 45-то тело во опожарениот автобус на „Беса транс"

При дополнителен увид што денеска го извршија истражители од бугарската Национална истражна служба во опожарениот автобус на „Беса транс" на автопатот „Струма" е пронајдено уште едно тело.

Потврди за дописникот на МИА од Софија портпаролот на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева.

Со ова, бројката на пронајдени тела во автобусот се искачи на 45.

Милева вчера на прес-конференција изјави дека на местото на несреќата се пронајдени 44 тела, додавајќи дека еден од преживеаните патници и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум, а не седум лица.

– Ние пронајдовме 44 тела, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 тела. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна вчера Милева.

Од софиската Брза помош се децидни дека од местото на несреќата во софиската болница „Пирогов" биле пренесени седуммина повредени патници.

Инаку, во Скопје денеска пристигна тим од обвинители и истражители од бугарската Национална истражна служба, кои до властите на земјава официјално ќе достават барање за правна помош. Според најавите од Софија, нивни домаќин ќе биде државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Се очекува на бугарските истражители да им бидат предадени собраните ДНК материјали од роднини на жртвите во автобуската несреќа и тие утре да се вратат во Бугарија, по што ќе започне споредувањето и идентификацијата со пронајдените 44 тела на загинатите македонски државјани во автобусот. По завршувањето на оваа постапка ќе следува пренесување на телата во земјава и предавање на нивните роднини./МИА.

Разбојници ја убиле сопругата на легендарен музичар

Сопругата на легендарниот музичар Кларенс Авант е убиена во вторникот во нејзиниот дом во елитната населба Трусдејл Естејтс во Лос Анџелес.

Имено, таа била убиена од крадци кои упаднале во нивната семејна куќа.

Полицијата на Беверли Хилс била повикана во куќата во Трусдејл Естејтс во вторникот вечерта околу 2.30 часот по полноќ, откако на телефонскиот број 911 добиле повик дека некој бил застрелан и убиен.

Сопругата на Авант, Жаклин Авант, итно била пренесена во болница, каде што подоцна починала. Таа имала 81 година.

Семеен извор изјавил за ТМЗ дека разбојниците пукале додека влегле во куќата и ја погодиле сопругата на Авант.

Авант (90) во тој момент бил дома, но не е јасно дали е повреден во нападот.Легендарниот музичар беше примен во Куќата на славните во октомври, а покрај него беше неговата сопруга.

Нивната ќерка Никол Авант е во брак со извршниот директор на Нетфликс, Тед Сарандос.

СЗО: За неколку дена ќе знаеме колку е заразен омикрон

Светската здравствена организација очекува за неколку дена да има повеќе информации за тоа колку е заразен новиот сој на корона, омикрон, изјави денеска техничкиот директор на СЗО Марија ван Керхове.

Во соопштението се посочува дека СЗО ќе има податоци за омикрон многу побрзо од предвиденото, бидејќи Женева претходно соопштила дека ќе бидат потребни недели за да се добијат податоците, пренесе Ројтерс.

Некои од главните прашања се дали сојот е позаразен или отпорен на заштитата од вакцини, а одговорите треба да се почекаат, се додава.

Софија Вергара на луда латино забава во кругот на семејството (ВИДЕО)

Софија Вергара (49) изгледа сензационално на прославата на американскиот Ден на благодарноста, а актерката на социјалните мрежи се пофали со фотографии и видеа од забавата на која присуствуваа членовите на нејзиното семејство.

На ѕвездата од ТВ серијата „Модерно семејство“ и` се придружија помладата сестра, музичарката Вероника (21) и внуката Клаудија (29). Веселото трио танцува пред огледалото, а на Софија подоцна во танцовите чекори и се придружила и нејзината баба.

Се чини дека на споменатата забава не присуствувал актерот Џо Манганиело (44) за кого заносната американско-колумбиска дива се омажи во 2015 година.

- Среќна шеста годишнина од бракот, љубов моја! Уште многу години заедно! Те сакам – напишала Софија на Инстаграм во вторникот.

Двојката се свршила на Божиќ за време на романтичен одмор на Хаваи во 2014 година, само шест месеци откако Вергара раскинала со Ник Лоеб. Тие се венчале во 2015 година во Палм Бич, Флорида. Заедно немаат деца, а Софија е мајка на 27-годишниот син Манол, кој го доби со поранешниот сопруг Џо Гонзалес.

притисни ентер