Промоција на публикацијата ,,Модули за мировно образование во средното образование”

Првата детска амбасада во светот Меѓаши денеска ќе ја промовира публикацијата „Модули за мировно образование во средното образование”. 

Од Меѓаши информираат дека модулите за мировно образование се резултат на повеќегодишната работа на организацијата, пред и во рамки на програмата за мировно образование, како дел од заложбите за градење на мирот и ненасилството, како и унапредување на процесот на учење за мир.

- Нашата заложба е материјалот со понудените модули да претставува чекор напред кон воведување и реализирање на мировното образование во наставните планови и програми или животот и работата на училиштата, велат од Меѓаши.

За 15 дена регистрирани над 15.300 земјотреси меѓу островите Санторини и Аморгос

Жителите на Санторини и околните острови поминаа релативно мирна ноќ во споредба со изминатите денови, со оглед на тоа што не беа регистрирани голем број земјотреси и имаше само два со јачина од 4,2 степени.

Жителите на Санторини и околните острови поминаа релативно мирна ноќ во споредба со изминатите денови, со оглед на тоа што не беа регистрирани голем број земјотреси и имаше само два со јачина од 4,2 степени, додека пак за 15 дена во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос имало над 15.300 земјотреси, јави дописничката на МИА од Атина.

Сеизмологот Димитрис Папаниколау за грчката телевизија „Антена“ утрово посочи дека не треба да „залажува“ синоќешната блага сеизмичка активност, „бидејќи земјотресите ќе продолжат уште долго и ќе имаме земјотреси над 5 степени според Рихтер“.

Грчките сеизмолози во изминатите денови истакнуваат дека конкретната појава може да трае со недели, па дури и месеци, а категорично ја отфрлаат можноста за активирање на вулканот кај Санторини.

Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 10 февруари, биле регистрирани над 15.300 земјотреси, од кои над 13.200 биле посилни од 1 степен.

Во понеделникот, на 10 февруари имало над 1.200 земјотреси, од кои над 240 биле посилни од 2,5 степени.

Со оглед на тоа што земјотресите интензивно се чувствуваат и на Аморгос што е во близина на епицентарот, со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита на островот е прогласена вонредна состојба, нешто што беше одлучено и за Санторини минатата седмица.

Училиштата на Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите веќе втора недела се затворени.

Доделување на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2024 година

Во Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) денеска напладне ќе се одржи доделување на традиционалните годишни награди за 2024 година.

Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело е Жарко Кујунџиски за збирката раскази „Приказничар“, во издание на „Антолог“, а добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка е Иван Џепароски за збирката песни „Посвети и пофалби“, во издание на „Дијалог“.

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобро дело за деца и млади ќе ја добие Иван Антоновски за книгата „Бакнежи на небото“ од во издание на „Светулка“.

Добитник на четвртата награда „Димитар Митрев“ за најдобро дело критика или есеистика е Наташа Аврамовска за „Книжевни паметници“, во издание на Институтот за македонска литература, додека добитник на наградата „Мост“ за најдобро дело објавено од член на ДПМ на некој од јазиците што го зборуваат националностите во Македонија е Гордана Јовиќ Стојковска за делото „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“), во издание на „Слово љубве“.

Со овој настан, Друштвото на писателите ќе одбележи 78 години од своето постоење.

Во Гевгелија почнуваат натпреварите од купот „Благоја Георгиевски – Буштур 2025

 Гевгелија од денес до недела е домаќин на натпреварите од годинашниот кошаркарски куп „Благоја Георгиевски - Буштур“.

Осумте екипи во машка и четири во женска ќе се борат за вредниот трофеј.

Двојки за денешните четвртфиналиња:

ТФТ – Гостивар (почеток 13 часот)

Пелистер – Чаир (15:30 ч.)

Куманово – Кожув (18 ч.)

МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 20:30 ч.)

Трофејот од ланскиот куп го брани МЗТ Скопје Аеродром.

притисни ентер