Променливо облачно со слаб локален дожд, температурата до 16 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно, со локален слаб дожд, а на повисоките планини слаб снег.

Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 14 степени.

Според УХМР, од среда следува период на стабилно и суво време со пониски утрински температури.

Во моментов има само еден авион за гаснење пожари, за среќа дождот стави крај на стихијата

Според информациите од Европскиот информациски систем за шумски пожари, годинава изгореле 94.000 хектари шума.

Иако благодарение на дождот, сите пожари во земјава се изгаснати, во случај повторно да се појават државата ќе биде исправена пред нов предизвик.. Двата ер трактори и еден полициски хеликоптер се вон функција, и во моментов во земјава има само еден авион за гаснење.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов пак вели дека дефектите на едниот полициски хеликоптер и ер трактор не се сериозни и се надева дека во најбрз можен рок ќе бидат оспособени за да одговорат на задачите во иднина.

Во следните месеци се очекува да биде направена и најавената реформа на системот преку спојување на ЦУК и ДЗС и државата поподготвена да го дочека следното лето. Покрај формирањето на специјалната единица од 120 врвно подготвени луѓе за справување со пожарите, неопходно ќе биде и инвестирање во воздухпловите кои се покажаа како клучни во гаснењето, смета Ангелов.

Досега во земјава се регистрирани 126 шумски пожари, кои направија штета од невидени размери, а беше регистрирана и една жртва од огнената стихија во Кумановско.

Според информациите од Европскиот информациски систем за шумски пожари, годинава изгореле 94.000 хектари шума, односно 3.6 проценти од вкупната површина на земјата.

Во Шангај откажани над 600 летови поради тајфунот Бебинца

Аеродромите во Шангај денеска откажаа стотици летови во очекување на налетот на тајфунот Бебинца.

Повеќе од 600 летови се откажани од аеродромите Хонгкиао и Пудонг. Исто така се затвораат и дел од мостовите и автопатиштата.

Тајфунот Бебинца моментално е на неколку стотици километри од брегот. Се очекува ветровите на тајфунот вечерва да достигнат брзина од 151 километар на час, соопшти Кинеската метеоролошка управа.

Поради тајфунот евакуирани се 9.318 луѓе од една област во Шангај. Во блискиот град Жоушан утрово беа затворени рестораните, супермаркетите и продавниците, а во прекин е и јавниот превоз.

Се очекува невремето да донесе и до 254 милиметри дожд на метар квадратен, во делови од источниот брег кои ќе бидат најтешко погодени./МИА

„Екс Ју авијација“: Ејџијан ерлајнс“ го укинува летот Скопје-Сараево од 29 ноември

Грчката авиокомпанија „Ејџијан ерлајнс“ од 29 ноември ќе ги прекине летови меѓу Скопје и Сараево, по повеќе од една година оперирањето на оваа релација, објави специјализираниот портал „Екс Ју авијација“.

Ејџијан ерлајнс, стои во објавата, првично планираше да ја опслужува линијата три пати неделно во ноември и декември и двапати неделно од јануари. Потоа планираше летови до 7 декември, со ограничена работа за време на празничниот период од крајот на декември до почетокот на јануари, но сега ги отстрани сите летови од крајот на ноември.

Продажбата на билети на линијата за летната сезона во 2025 година исто така е прекината.

На крајот на август „Екс Ју авијација“ објави дека „Ејџијан Ерлајнс“ во зимската сезона ќе го намали бројот на летови на линијата Атина - Скопје и ќе ја опслужува четирипати неделно, што е намалување во однос на шесте летови неделно во претходната зимска сезона. Линијата Скопје-Атина, по десетгодишен прекин, профункционира од ноември 2018 година.

притисни ентер