Производителите на лешник се организираат за подобар пласман

Ниските цени, немањето пласман и лошите климатски услови се едни од најчестите проблеми со кои се соочуваат производителите на лешник од Источниот регион.

Сепак, споредбено со други овоштарски култури одгледувањето на лешник, според делчевскиот производител Љупчо Ромовски е далеку поисплатливо во однос на останатите овоштарски култури.

За него проблем е само периодот додека почне да се собира родот, за кој во Делчевско, како што вели Ромовски, се чека и до пет, шест години, за разлика од Струмичкиот регион, каде времето потребно еден лешник да почне да дава род е од три до четири години.

-Цената е ниска, за пласманот сами се снаоѓаме, имаме и лоши климатски услови, но споредбено со други овоштарски култури се исплати оваа култура. Како што беше сушна годината добро е оваа година. Само многу се чека првите 4,5 години, се чека и има само вложување. Бербата почнува по шестата година, кај нас не е како во Струмичко по 3-тата или 4-тата година. Јас имам 2 тони и некаде груба математика околу 5000 евра добивка. Имаме и субвенции од 2800 денари од декар за одржување на насадите со таа сума трошокот се покрива, појаснува Ромовски.

Шади Нуредини од гостиварски Балин Дол има околу 3000 дрвца со насади од лешник и годинава има произведено околу 25.000 килограми чист род.

-За собирањето на родот имам набавено машина и многу сум задоволен од неа, бидејќи работата оди добро. Годинава имам околу 25.000 килограми. Пласманот ми е во странство, исклучиво во Италија, вели Нуредини.

Производителите на лешници како од Источна, така и од Западна Македонија денеска се сретнаа на заеднички настан во село Истибања, на покана на Дарко Ангелов, сопственик на најголемиот откупен центар за лешници. На настанот беа разменети искуства меѓу самите производители, но им беше претставен и планот околу понатамошниот пласман на родот.

-Денеска е убав ден кога овде имаме гости од Италија, агроними од фирмата Маркизио. Тие се тука да дадат поддршка на земјоделците, да знаат дека нема да имаат проблем со откупот и во иднина да соработуваме. Тие се многу заинтересирани за нашиот лешник, вели Ангелов.

Неговиот откупен центар „Глорија“ кој се наоѓа на влезот на Истибања веќе почна со овогодишниот откуп.

-На самиот старт имаме откупено околу 30 тона лешник, а продолжува откупот се до јануари, февруари. Има повеќе сорти, нашата сорта во зависност од квалитетот се движи околу 220 денари за еден килограм. Годинава ќе биде една средна цена од 3,5 евра, оваа година е исклучок бидејки малку се повисоки цените. Целта ни е ако имаат слух од државата да го видат ова, нека дојдат да не побараат, да направиме еден сеопфатен план, за да се зголеми производството на лешници и да имаме директни инвестиции, да извезуваме лешници како загарантиран производи, дециден е Ангелов.

Со цел да бидат поинтересни и прилагодливи за италијанскиот пазар, како откупен центар планираат производството да го прошират.

-Освен сегашниот полупроизвод планираме во иднина да почнеме со продажба и на готов производ како печени лешници. Годинава имавме доста род, квалитетот сега малку се нарушува со последните дождови, ланската година беше катастрофална, полани беше доста добра, додава Ангелов.

Александро Молеа, агроном од Италија, кој денес беше заедно со неговиот колега Маркизијо Рикардо од Пиемонте, најголемиот регион кој откупува лешници, изразија задоволство од она што Виница и воопшто државата го има како квалитет од лешниковиот род.

-Во Италија годинава имаше мал род на лешник и поради тоа цените пораснаа. Овде цените се задоволителни, ќе видиме со нашиот соработник колку можеме да откупиме. Оваа година ќе биде експериментална и мислам дека поради квалитетниот род кој го имате соработката ќе продолжи и понатаму, истакна Молеа.

На територијата на цела држава производството на лешник се движи околу 2000 хектари, а заработувачката од 3 тона продаден лешник и до 6000 евра. Генералната оценка на присутните на организираниот настан во село Истибања е дека лешниковите насади се зголемуваат и затоа повеќе од потребно е организирано да се настапува при пласманот на родот.

Во рамки на настанот пред присутните беа презентирани и органски ѓубрива со цел подобрување на квалитетот на произведен лешник.

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

Според новиот извештај на УНЕСКО, објавен денеска на Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинари, во последните две години на секои четири дена бил убиен по еден новинар, пренесува ДПА.

Од вкупно 162 убиства на новинари во 2022 и 2023 година, регистрирани од базираната во Париз организација на ООН за образование, наука и култура, повеќе од половината се случиле во земји погодени од вооружени конфликти. Според извештајот, повеќето новинари загинале во своите матични земји.

Тие што загинале во земји кои не се зафатени од конфликти, биле убиени поради известување за теми како организиран криминал или корупција или при покривање протести. Извештајот, кој се изготвува на секои две години, го анализира глобалниот статус на безбедноста на новинарите.

Во документот се наведува дека 162-те потврдени убиства на новинари во периодот 2022-2023 претставуваат „зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период кога УНЕСКО регистрирала 117 случаи. Овој период исто така претставува најголем број убиства од двегодишниот период 2016-2017 година.“

Мексико била земјата со најмногу убиства на новинари во 2022 година со 19 случаи, додека во 2023 година најголем број случаи - 24, биле регистрирани во палестинските територии, објави УНЕСКО.

Според извештајот, Јужна Америка, Карибите и арапските земји се региони каде биле убиени најмногу новинари.

Дополнително, во повеќето случаи никој не бил одговорен за овие убиства. УНЕСКО објави дека процентот на неказнивост на глобално ниво во 2024 година изнесувал 85 отсто, што е мало намалување од 89 отсто во 2018 и 95 отсто во 2012 година.

- Овие злосторства не смеат и не можат да останат неказнети. И сепак, тоа сè уште е случај за речиси 85 отсто од нив, изјави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

- На овој меѓународен ден да се потсетиме на важноста од безбедност, независност и заштита на новинарите во нивната работа, која е од круцијално значење за мирот и социјалниот напредок, додаде Азуле.

Митровденска задушница - спомен за починатите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.

Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември).

Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

Мицкоски и Николоски ќе извршат надзор во работата на патот Прилеп-Битола

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе изврши надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

Како што најавија од Владата, Мицкоски на настанот ќе присуствува заедно со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

притисни ентер