Продолжуваат протестите на пензионерите

Иако е веќе извесно дека линеарно покачување нема да има – пензионерите  и по денешниот состанок велат дека остануваат на својот став бараат покачување од 5 000 денари, кое велат во иднина може и да расте.

Продолжуваат протестите на пензионерите. Иако е веќе извесно дека линеарно покачување нема да има – пензионерите и по денешниот состанок велат дека остануваат на својот став бараат покачување од 5 000 денари, кое велат во иднина може и да расте. Најавуваат дека доколку институциите останат глуви на нивните барања - со шатори пред институциите, ќе бараат повисоки пензии. А нивните барања деновиве ќе бидат доставени и до дел од амбасадите во земјава, како и до ЕУ.

„Мерките кои ги дава Тренчевкса не ги прифаќаме. Ние прифаќаме само линеарно зголемување и она што ние го досатвавивме во барањата наши. Значи додека дадат тие некој конкретни мерки, инфлацијата тоа пак ќе го изеде. Значи се додека купуваат време, ние ќе го зголемуваме лимитот на линеарното зголемување на 7.500, па на 10.000.....“-изјави Драган Угриновски – Иницијативен одбор на пензионери.„

Вчера во труд и социјала стигна извештајот на работната група за пензионерите. Од каде најавија дека до крајот на месецот очекуваат Владата да донесе конкретни мерки за оние со најниски примања, но за пензионерите ваквите владини најави се само купување на време. Канал 5 веќе објави, во првата фаза на работната група се разгледани предлози за финансиска поддршка на пензионерите со ниски примања, а во наредниот период ќе се разговара и за ниските пензии.

„Верувам дека до крајот на месецот ќе имаме конкретни мерки со кој што ќе го поддржиме животниот стандард на пензионерите особено на пензионери со ниски пензии.“-изјави Јованка Тренчевска – министерка за труд и социјална политика.

И додека пензионерите бараат повисоки пензии, според последните податоци од статистика инфлацијата во септември изнесува 6,6 %. Според опозцијата владините економски политики не даваат резултати, обвинуваат дека дупката во буџетот, Владата ја полни на грбот на граѓаните

МЖСПП: Повторен вонреден ненајавен надзор на Цементарница „Усје“

Повторен вонреден ненајавен надзор на емисиите во воздухот од емитерите на Цементарница „Усје“.

Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина согласно Акцискиот план реализираа повторен вонреден ненајавен инспекциски надзор над работата на правниот субјект Цементарница Усје, Групација ТИТАН.

Како што соопштуваат од МЖСПП, во фокусот на овој вонреден инспекциски надзор била проверка на емисиите во воздухот од три стационирани извори (емитери) во кругот на фабриката.

- Дел од надзорот беа и претставниците на Одделението-Централна лабораторија за животна средина при Управата за животна средина кои извршија индикативно мерење на емисии од емитерите, кои дополнително ќе бидат анализирани и во текот на наредната недела ќе бидат објавени резултатите, стои во соопштението од МЖСПП.

Оттаму дополнуваат дека министерството и Државниот инспекторат за животна средина и во наредниот период интензивно ќе продолжат со примената на мерките од Акцискиот план, кои на предлог на работната група составена од претставници на МЖСПП и ДИЖС ги донесе Владата, за краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции на воздухот.

Честитка од директорката на КОВЗРГ по повод празникот Св. Климент Охридски

Трајковска упатила честитка до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска упатила честитка до архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, до свештенството, монаштвото и сите православни верници по повод празникот Свети Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

-Додека го одбележуваме животот и делото на почитуваниот патрон на Македонската православна црква, свети Климент Охридски, да се потсетиме на неговата непоколеблива посветеност кон верата, неговата неуморна работа во ширењето на Евангелието и неговиот непроценлив придонес за македонското културно и духовно наследство. Во тивка и богоугодна молитва, упатуваме срдечна благодарност и благослов до големиот светител чија светлина продолжува да ја осветлува нашата вера, водејќи го македонскиот народ и сите православни христијани кон праведноста. На овој свечен и голем празник, да ја изразиме нашата најдлабока почит за неговото вековно присуство во нашите срца, души и заедници. Нека неговото застапништво продолжи да ја зајакнува нашата света Црква, македонскиот народ и нашата мисија кон подобро и посветло утре за секој еден граѓанин на Македонија, пишува во честитката на Трајковска.

АД ЕСМ: Ќе ги преземеме сите чекори пред управните и судските органи против „Марковски компани“

Предметниот економски оператор, посочуваат, не ги почитувал одредбите од договорот уште од самиот почеток во февруари годинава, така што и претходното раководство на РЕК Битола имало основа за раскин на соработката, но тоа не било направено.

АД ЕСМ, согласно своите обврски и надлежности ќе ги преземе сите чекори пред управните и судските органи кои ги има на располагање и на кои е обврзано со закон откако актуелното раководство на РЕК Битола еднострано го раскина договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со „Марковски компани“, имајќи ги предвид сите последици кои се произлезени од несовесното и неквалитетно извршување на договорните обврски, информираат од комапнијата.

Предметниот економски оператор, посочуваат, не ги почитувал одредбите од договорот уште од самиот почеток во февруари годинава, така што и претходното раководство на РЕК Битола имало основа за раскин на соработката, но тоа не било направено.

-Носителот на набавката во континуитет не ги почитувал предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Поради неиспорачаните количини кои РЕК Битола веќе ги имал предвидено во планот за производство на примарна енергија и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, Комбинатот бил доведен во ситуација да врши дополнителна набавка на јаглен од надворешни фирми за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“. Исто така, со несоодветната динамика за отстранување на меѓуслојните јаловински маси при експлоатација, ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино, велат од АД ЕСМ.

Во меѓувреме, како што нагласуваат, РЕК Битола со реорганизација на работните процеси ќе се обиде да го премости периодот без надворешна механизација преку зголемување на ископот на јаглен од рудникот Суводол, како и со набавка на јаглен од постојните договори со економски оператори.

-Земајќи ги предвид сите законски можности, со спроведување на транспарентни и недискриминаторни постапки согласно Законот за јавни набавки, компанијата ќе креира платформа за лојална конкуренција, со можност за пониски цени на договорните услуги и ќе овозможи непречено функционирање на работните процеси. На тој начин ќе се обезбеди континуиран дотур на јаглен за производство на електрична енергија и стабилно функционирање на македонскиот електроенергетски систем, порачуваат од АД ЕСМ.

притисни ентер