Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.

Локализиран пожарот кај Дојран и Богданци

Пожарот кај селото Фурка и браната Паљурци, помеѓу општините Дојран и Богданци е локализиран со здружени и координирани сили, со дејство и од земја и од воздух. 

Огнот е опкружен и догорува само во контролирани површини, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи.

Со локализирање на пожарот се прегрупираат силите за негово догасување. Дел од луѓето на терен ќе дежураат до рано наутро кога е предвидено вработени од Јавно претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија да ја проценат ситацијата на локализираниот пожар, по што ќе се одлучи како ќе се дејствува за негово догасување, велат од ЦУК.

За гасење на пожарот во текот на денот беа ангажирани еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и авионот „ер трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пожарникари и вработени во шумските стопанства и комунални претпријатија од Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Валандово и Струмица, а помогна и дел од локалното население.

Лукаревска: Советничката група на СДСМ е нова енергија за Тетово

Изминува речиси една година од промената на локалната власт како во Тетово така и во поголемиот дел од дрѓавата и пред очи ни се таканаречените резултати.

Изминува речиси една година од промената на локалната власт како во Тетово така и во поголемиот дел од дрѓавата и пред очи ни се таканаречените резултати, за инает не се поддржуваат добри проекти, постојано празни ветувања, повикување на претходниците и удирања во гради со проекти од претходниците, не е лошо, полошо е, порача заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во обраќањето на промоцијата на советничката листа на СДСМ за локалните избори во Тетово.

„Да не дозволиме на 20 август да се изберат луѓе кои ќе бидат покритие уште неколку години, години на празни ветувања. Да бидеме мотивирани и на 20 август употребете го вашиот глас, гласајте за кандидатите за советници од СДСМ, за овие луѓе кои имаат свои идеи, кои ќе работат во интерес на граѓаните и кои нема да молчат ако градоначалникот не работи добро“ порача Лукаревска.

Заменик претседателката Лукаревска истакна дека кандидатите за советници од СДСМ се вистинското решение за Тетово.

„Нашите идни советници се новата енергија за Тетово. Тие советници ќе туркаат напред, и ќе бодат гласни и да можат да го кажат вашиот проблем, да нудат решенија за секојдневните а всушност најбитните проблеми од вашето живеење. Централната власт не го заборави Тетово и натаму ќе придонесува за развој на овој град. На 20 август одлучно гласајте за број еден, да не дозволиме општината да биде парализирана и некој да има оправдување дека има нефункционален совет. Гласајте за никој да не биде над вашиот глас, туку да биде во полза на вашиот глас. Да имате убави улици, нови паркови, да имате чист воздух, тоа не е политика, тоа е обврска која ќе ја имаат нашите другари, идните советници.“ порача Лукаревска.


Стојановски: Нашата заложба за модерно, европско Тетово нема да престане

Во изминатиот период, по наше барање како граѓани, се реализираа значајни проекти, кои се од голема важност за жителите на Општина Тетово, порача носителот на советничката листа на СДСМ и Коалицијата за општина Тетово, Глигорије Стојановски.

„Нашата заложба за модерно, европско Тетово, нема да престане. Со проектите кои се предвидени во нашата изборна програма на СДСМ и коалицијата ,,Најдоброто за Тетово" ќе покажеме како треба да се работи во интерес на сите граѓани.

Ви гарантирам, Ве уверувам дека ќе вложуваме во урбанизмот и руралниот развој, со решавање на градската и приградската мрежа; во комуналната област, преку реконструкција на уличната водоводна мрежа; во заштитата на животната средина преку мониторинг и евидентирање на локалитетите, кои го загадуваат воздухот и се опасност по здравјето на луѓето;, преку локалниот развој на малите и средни претпријатија;, додека пак во образованието, ќе ги подобриме севкупните услови во училиштата.

Ќе се заложиме за подобри здравствени услуги, ќе вложуваме во спортот и културата.

За квалитетен живот на сите граѓани, ќе ја дадеме нашата поддршка на иницијативата ,,Тетово сака парк", а позади Спортскиот центар, ќе се изгради нов Спортски комплекс, кој ќе биде со мини терен за мал фудбал, кошарка и терен за тенис, урбана опрема за забава на најмладите и детска патека за ролери и велосипеди, бесплатно достапен за сите!

Во с. Сараќино и с. Фалише ќе бидат ставени во функција спортските игралишта. Што се однесува до културните настани, како личност која доаѓа од културната сфера, ветувам дека ќе се заложиме за континуирано финансирање на културните настани и манифестации, кои се неопходен дел од културниот живот во Тетово.“ порача Стојановски, носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата.


притисни ентер