Продолжува претставувањето на изборните понуди на партиите пред граѓаните

Предизборната кампања на партиите за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 15 јули е на средина. 

Тие своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби со граѓаните, во помал формат, отколку што тоа беше случај на преходните избори, согласно здравствените протоколи поради кризата предизвикана од кронавирусот.

СДСМ и Коалцијата „Можеме" денеска се во Чаир и Пробиштип, а ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата за „Обнова на Македонија" ќе бидат во посета на Прилеп, Кривогаштани и Крушево.

Караванот на Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија" ќе оствари средби со жителите на општините Росоман, Кавадарци и Неготино.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа пред граѓаните истакна дека ги отвориле вратите кон ЕУ и НАТО, со, како што рече, обезбеден идентитет и признат јазик.

-Нашиот народ денес е исправен, горд со кренато чело. Успеавме да докажеме дека политиките на пријателство и мостови на соработка беа поздравени од целиот демократски свет. И сега кога успеавме да ги решиме сите отворени прашања што ги имавме, ја исполнивме првата стратешка цел и станавме членка на НАТО. Ја исполнивме втората стратешка цел да добиеме одлука за почеток на преговорите. Сега имаме само пријатели насекаде. Сега имаме само помош од целиот свет. Можеме и повеќе и подобро. Сакам да бидете горди заради тоа што целата вистина е на повидок пред сите вас, порача Заев од Крива Паланка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден дека коалицијата што тој ја предводи, со поддршка на народот убедливо ќе победи на претстојните парламентарни избори. Потоа, рече, сите заедно да ги засукаме ракавите и да работиме за обнова на Македонија каква што сме наследиле и каква сакаме да им оставиме на идните поколенија.

-Изминатиот период чекоревме полека за да не паднеме, за да не се враќаме неколку чекори наназад и да мора да почнуваме се одново. Меревме, премерувавме носевме одлуки кои можеби секогаш не беа допадливи, но, тоа беа одлуки кои нас не донесоа до крајната цел, а тоа е што побргу да ни се случат предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски пред граѓаните во општина Кисела Вода.

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети синоќа во Кичево пред членовите и симпатизерите на партијата го претстави Насер Зибери, кандидатот што го номинираше ДУИ за прв премиер Албанец, на парламентарните избори што ќе се одржат на 15 јули.

-Оваа земја имала нобеловци албанци како што се Мајка Тереза и Ферид Мурати. Со нив нашата земја се гордее како што ќе се гордее и со премиерот албанец бидеќи тој ќе работи во интерес на сите кои живеат во оваа држава. Имаше противење и во времето на изборот на Дехари за градоначалник на Кичево но денеска сите увидоа дека во Кичево се живее сложно, без разлика на етникумот кому му припаѓаат. Затоа и оваа наша најнова идеја ќе биде во интерес на еднаквоста се разбира ние ќе продолжиме и во други сфери за да работиме во интерес на сите граѓани, рече меѓу другото Ахмети во Кичево.

Коалицијата „Сега е време" синоќа одржа централен митинг во Струга. Од таму претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села им одговори на Заев и Мицковски за, како што рече, нивната идеја за размена на пратеници за да не бидат условени од Албанците да формираат влада.

– Слушам дека Заев и Мицковски се подготвени да формираат македонска влада, еве ви кажувам многу јасно и отворено, ако создадете влада само со македонски претставници ние ќе ја создадеме нашата албанска влада, рече тој.

Коалицијата „Можеме" е концепт на напредок, развој и заложба за обезбедување подобра иднина за граѓаните на Северна Македонија, напиша тој.

Кандидатот за пратеник од платформата „Македонски концепт" Петар Богојески од Крушево порача дека очекува сите крушевчани без разлика ма нивната приоадност да гласаат за македонски концепт.

– Никој повеќе и подобро не може да се грижи од мене за Крушево, кој сум родум од тука. Крушево е иселено и осиромашено. Потребна е владина програма која ќе ги задржи младите овде, рече Богојески.

Носителот на листата во третата изборна единица од Левица Борислав Мрмов од Делчево најави поголема заштита на работничките права.

-По претстојното, како што рече, влегување на Левица во парламент најави поголема поддршка за работничките права, особено за текстилниот сектор каде, во Делчево под носот на инспекторите и локалните власти се случува кршење на работничките права.

Македонската конзервативна партија Интегра денеска на градскиот плоштад во Куманово оствари средби со граѓаните на кои партискиот лидер Љупчо Ристовски и носителот на листата во ИЕ2, Александар Главинов ја презентираа програмата „Нова македонска ренесанса како визија за подобар живот во Македонија".

Тие понудија проекти од речиси сите области кои ќе им овозможат подобар живот на граѓаните, туризам, инвестиции, иновации./МИА

Ајакс сака да го покани Чави за главен тренер

Раководството на Ајакс го смета тренерот на Барселона Чави како главен кандидат за тренерското место на тимот од Амстердам, објави „Sport.es“.

Холандскиот фудбалски гигант смета дека 44-годишниот шпански стручњак е способен да го врати клубот на претходното ниво и е подготвен да потпише договор со него до 2026 година.

Во јануари Чави најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

По јавно објавената одлука на Чави за заминување од Барса, тимот загуби само еден натпревар - во четвртфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (1:4).

Чави за шеф на стручниот штаб на каталонскиот тим беше назначен во ноември 2021 година. /МИА

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

притисни ентер