Продолжи штрајкот на ССМ, денеска пред Министерството за финансии

Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2806 денари за секој работник.

Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска генералниот штрајк на вработените во јавниот сектор го реализираат пред Министерството за финансии, од каде повторно побараа нивното барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски испрати апел до министерот за финансии да го прифати ова барање бидејќи како што посочи, истото е издржано согласно покачувањето на цените на храната, нафтените деривати, електрична енергија.

-Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2806 денари за секој работник, сакаат преку амандманот поднесен од ССМ во Собранието на Македонија, сакаат преку Општиот колективен договор за јавниот сектор, бидејќи гледаме и денеска се состанува РКЕ за да ја покачи струјата од 1 јули. Затоа, ова што го зборуваме денеска навистина е неопходно. Апелираме до министерот за финансии да го прифати нашето барање, изјави Димовски.

Генералниот секретар на ССМ, Трпе Дејановски изјави дека вработените не браат луксуз, туку начин како да ја преживеат инфлацијата.

За време на штрајкот денеска се појавија и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СПМ и Беса, кои дадоа поддршка на барањето на ССМ, и посочија дека во рамки на Комисиската расправа за ребалансот на Буџетот, на крајот како комисиски предложен амандман ќе гласаат. Пратениците испратија повик од СДСМ и ДУИ да гласаат за овој закон, или дури и самите да го предложат како амандман со цел да се излезе во пресрет на работникот.

–На десеттиот ден од амандманската расправа ние повторно ќе поднесеме комисиски амандман. Ја користиме секоја прилика, секој работен ден да ги убедиме пратениците од мнозинството кои го создаваат во Комисијата дека треба да го поддржат овој амандман и апелирам до пратениците да уште еднаш направат елаборација на сопствениот став да го променат и на 10-иот ден од амандманската расправа да го прифатат комисискиот амандман, изјави пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според пратеникот Љупчо Димовски од СПМ, 2.806 денари во овие кризни ситуации се од драгоцена вредност за секој работник кој е исцрпен и е на работ на голасра егзистенција.

-Станува збор за две суштински работи. Станува збор прво за почитување на Законот за минимални плати и неговото усогласување линеарно со овие спомнати 2806 денари за коишто Владата има обврска да ги реализира. Втората работа е човечката димензија затоа што во вакви кризни ситуации тие 2806 денари се драгоцена вредност за секој работник којшто е и онака до крајност финансиски изнемоштен, исцрпен и на работ на голата егзистенција, изјави Димовски.

Пратеникот Фадил Зендели од БЕСА изјави оти смета дека власта од ветувања треба да премине во конкретни акции за да може да се разрешат овие проблеми што ги имаат вработените затоа што, како што рече, станува збор за минимални барања.

-Ситуацијата економска се влошува секој ден. Не дека со тие 2806 денари ќе се решат проблемите на нашите семејства, но секако ќе биде по благонаклоно кон секојдневното живеење и секојдневниот стандард на нашите граѓани, изјави Зендели.

ССМ најави дека штрајкот продолжува, а во понеделник органите на Синдикатот ќе одлучат кои ќе бидат дополнителни активности.

Во меѓувреме останува онаа одлука дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.

Концерт „Татковина“ во Филхармонија

Филхармонијата вечер ќе одржи концерт насловен „Татковина“ под диригентство на Сашо Татарчевски, на кој ќе настапи виолинистот Бојан Илкоски.

На програмата ќе бидат изведени виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр.1 од Николо Паганини (1782-1840) и Симфонија бр. 4 во де-мол, оп.120 од Роберт Шуман (1810-1856)

Дирирентот Татарчевски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли и на голем број фестивали на кои има освоено награди.

Редовен член е на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Виолинистот Бојан Илкоски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Олег Кондратенко. Досега остварил бројни настапи во земјата и во странство.

Во 2009 година го одржал својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут-пашиниот амам. Неговото досегашно искуство како виолинист, вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба.

Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.

-Бојан Илкоски (1992) е еден од најпосветените музички уметници кај нас, кој постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна, токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, настапи како солист во Софија со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов, соопшти Филхармонијата.

Трет ден трае потргата по двегодишното девојче од Србија

Трет ден трае потргата по двегодишното девојче.Српската  полицијата соопшти дека продолжува интензивно оперативно да работи за утврдување на сите факти и околности поврзани со исчезнувањето на детето.

Вчера полиција по 27 часа интензивно пребарување на теренот ја запре потрагата по двегодишната Данка Илиќ во приградската населба Бањско поле и во Брестовачка бања, во близина на Бор.

Според српското МВР, сите информации укажувале дека исчезнатото девојче не било во тоа подрачје од околу 10 квадратни километри. Но полицијата продолжува со оперативните активности за пронаогање на детето.

Инаку, родителите на малата Данка биле на распит во полиција а мобилниот на мајката бил испратен на вечтачење јавија српските медиуми.Нејасно е и како 22-месечното девојче успеало толку брзо да избега од вниманието на возрасните среде бел ден.

Грчкиот Парламент вечерва ќе гласа за предлогот на опозицијата за гласање недоверба на Владата

Пратениците во грчкиот Парламент вечерва ќе гласаат за предлогот за недоверба на Владата на Нова демократија, доставен од четири опозициски партии.

Пратениците во грчкиот Парламент вечерва ќе гласаат за предлогот за недоверба на Владата на Нова демократија, доставен од четири опозициски партии, предлог што се очекува да не биде изгласан и да не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“.

Тридневната расправа на пленарна седница ќе заврши вечерва најдоцна до полноќ со гласање на пратениците, а на гласањето ќе му претходат говори на лидерите на политичките партии, како и на грчкиот премиер.

Речиси невозможно е предлогот на опозициските партии да биде изгласан, со оглед на тоа што за Владата да ја загуби довербата потребно е да гласаат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници во Парламентот, додека пак владејачката Нова демократија има мнозинство од 158 пратенички места.

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада.

Иницијативата беше на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, кој на почетокот на неговото обраќање во Парламентот истакна дека Владата на Нова демократија, систематски го поткопува владеењето на правото во земјата.

Предлогот за гласање недоверба е потпишан од 85 пратеници (од вкупно 300 во Парламентот) и е поддржан од ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а во него потписниците детално се осврнуваат на сето она што следеше по железничката несреќа и како Владата управуваше со целиот случај, упатувајќи ѝ критики и обвинувања, меѓу другото и дека „континуирано го деградира владеењето на правото, ја поткопува самата демократија и ја разнишува довербата на граѓаните кон политиката, институциите и правдата“.

притисни ентер