Привршува изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш

Инвестираме преку 80 милиони евра во модернизација на патната инфраструктура во околината на Штип. 

„Инвестираме преку 80 милиони евра во модернизација на патната инфраструктура во околината на Штип. Капиталните инвестиции се реализираат со добра динамика и во моментов работиме на изградба и рехабилитација на преку 400 километри патна мрежа во државата“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, градоначалникот на општина Штип Јане Миланов, градоначалникот на општина Радовиш Герасим Конзулов и градоначалникот на општина Конче Благој Илиев, изврши увид во изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш.

Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш, со должина од 40,41 километар и вредност од преку 42 милиони евра, се реализира во две фази. Градежните работи се одвиваат со силен интензитет и се очекува екпспресниот пат да биде завршен и пред предвидениот рок. Изградбата на првата делница, од Штип до Бучим е во завршна фаза, поголемиот дел е веќе асфалтиран, осветлувањето е поставено и во моментов се монтираат еластичните огради. На втората делница, од Три Чешми до Радовиш, во тек се подготовки за поставување на коловозната конструкција. Се очекува за три до четири месеци експресниот пат да биде пуштен во употреба.

Министерот Бочварски истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции се одвива со добра динамика и Владата ги вложува сите расположливи капацитети и ресурси во насока на унапредување и модернизација на целокупната инфраструктура во државата.

„Имаме одлична динамика на изградба на експресниот пат Штип-Радовиш. Веќе се реализирани 83% од првата фаза, додека на втората фаза во тек се земјани работи каде, доколку дозволат временските услови во следниов период очекуваме уште поинтензивен прогрес. Дека капиталните инвестиции се реализираат со силно темпо покажува фактот што во моментов инвестираме 840 милиони евра во изградба и модернизација на патната инфраструктура, со што градиме и рехабилитираме 400 километри патна мрежа низ државата. Само во овој регион, во околината на Штип и Радовиш, инвестираме околу 84 милиони евра во изградба и рехабилитација на патишта. Доколку на овој начин и со овој интензитет се работело низ изминатите триесетина години, убеден сум дека нашата држава би се одликувала со најквалитетна инфраструктура и најмодерни патишта во Регионот. Но, наш приоритет и наша обврска сега е, со посветена работа и максимални заложби, да ја унапредиме целокупната инфраструктура, да го подобриме квалитетот на нашите патишта и преку воведување на интелигентни системи и софистицирани решенија, целосно да ја модернизираме патната мрежа во државата и да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека првата фаза од експресниот пат привршува и дека очекува за околу три до четири месеци оваа делница, со должина од околу 25 километри, да биде пуштена во употреба.

„Поголемиот дел од првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш е веќе комплетно асфалтиран, монтирани се осветлувањата и во моментов се поставуваат еластичните огради. Продолжуваме со примена на европските стандарди во делот на еластичните огради и изведувањето на косините со цел да го подигнеме нивото на безбедност во сообраќајот и да изградиме експресен пат по највисоки стандарди. Според динамиката со која се одвиваат работите на терен, очекувам оваа делница, со должина од околу 25 километри и ширина од 11,4 метри, со две коловозни и две помошни ленти, да биде пуштена во употреба за три до четири месеци. Исто така забрзано се одвиваат и градежните работи за изградба на втората фаза од експресниот пат, од клучка Три Чешми до клучка Радовиш, со што очекувам и оваа фаза да биде завршена пред предвидениот рок. Со завршувањето и на овој дел кој ќе се спои со автопатот, ја комплетираме патната мрежа на Истокот и граѓаните од овој дел на државата добиваат нови патишта и рехабилитирана постоечка патна мрежа“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Градоначалникот на општина Штип, градоначалникот на општина Радовиш и градоначалникот на општина Конче истакнаа дека изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е од огромно значење за развој на Источниот и Југоисточниот регион и со ваквите инвестиции во изградба и рехабилитација на патната мрежа значително се подобрува квалитетот на живот на граѓаните, се олеснува работата на компаниите и се создаваат поволни услови за нови инвестиции.

Проекција на „Големата вода и „Црвените булки над ѕидовите“ во Кинотека

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Во рамки на концептот на Кинотеката насловен „Разлики кои не обединуваат“, на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков „Големата вода“ снимен во 2004 година, а следниот ден, 26 април, „Црвените булки над ѕидовите“ од 1976 година во режија на Димитер Анагности.

На 27 април, во Кинотеката ќе се одржи проекција на „400 удари“ на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Како што соопштија од Кинотеката, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап.

-Но, исто така, битно е да се истакне и дека „Црвените булки на ѕидовите“ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а „Големата вода“ оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот „400 удари“ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција, потенцираат од Кинотека. /МИА

Верстапен ја освои пол-позицијата за ГН на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на Кина.

Верстапен извози најбрз круг со време 1:33.660 минута. Неговиот тимски колега Серхио Перез го освои второто место, а возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо го освои третото место.

Луис Хамилтон од Мерцедес кој спринтот го заврши на второто место не успеа да излезе од првиот сегмент, завршувајќи на 18. позиција.

На спринтот победи Верстапен.

Големата награда на Кина од Формула 1 шампионатот ќе почне утре од 9 часот по македонско време. /МИА

Руски воен репортер загина во Украина

Воениот известувач на рускиот весник „Известија“ Семјон Еремин, загинал во напад на украинско беспилотно летало во југоисточна Украина, објави весникот.

Нападот се случил вчера кога 42-годишниот Еремин и неговата екипа се враќале од снимање од селото Прјутне, во близина на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Украина досега не го коментираше настанот.

Најмалку 15 новинари се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Комитетот за заштита на новинарите, непрофитна организација која се залага за слобода на медиумите ширум светот. /МИА

притисни ентер