Привремено затворање на патот од хотел „Бистра“ до Леуново во Маврово на 8 септември

Халкбанк, на 8 Септември 2024 година, во Маврово ја организира петтата по ред трка „Халк Вело Грин“ во која ќе учествуваат околу 300 велосипедисти кои ќе возат трка долга 22, односно 12 километри.

Со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на трката, на 8 Септември, од 09:00 до 16:30 часот, сообраќајот ќе биде затворен на патниот правец од хотелот Бистра до Леуново во двете насоки.

Почетокот на трката е закажан за 10:00 часот.

Стартна и целна позиција е паркингот пред Хотел Спорт, каде покрај трката, ќе се одвива и забавна програма наменета за сите гости, поддржувачи и пријатели на велосипедистите.

За деталите и агендата на трката, може да се информирате на каналите на социјалните мрежи на организаторите: https://www.instagram.com/halkeco и https://www.facebook.com/halkvelogreen

Халк Вело Грин

Герасимовски: Пријавете дупка на улица во вашето маало

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повика граѓаните да пријавуваат дупки на улиците со цел истите да бидат санирани.

Граѓаните тоа може да го направат преку пријавување на телефонскиот број 076381673 секој работен ден од 8 до 16 часот.

„Верувам дека овој начин на комуникација ќе донесе поголеми и побрзи резултати за граѓаните. Ние досега реконструиравме 17 улици, во моментов се работи на две тоа се улиците Елисие Поповски и Блаже Тодоровски и следуваат уште неколку за реконструкција. Но доколку станува збор за одредена дупка ги повикувам граѓаните да се јават на телефонскиот број, да ни остават точна локација и нашите службеници ќе ја пополнат,“ истакнува Герасимовски.

Општина Центар ќе продолжи да работи на редовно одржување на улиците со цел безбедно движење на граѓаните, велосипедите и автомобилите.

Со почит,

Општина Центар

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, како последица на вирусот починале четири лица

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години. 

Во периодот од 9 до 15 септември во земјава се регистрирани 57 нови случаи на SARS-CoV-2, пријавени се четири починати лица - две во Скопје и по еден во Битола и Тетово, сите над 70-годишна возраст и невакцинирани, се посочува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од 9 до 15 септември тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6 отсто во однос на минатата недела.

Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од осум градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=39; 68,4 отсто), a највисока инциденца е регистрирана во Делчево (14,7/100.000).

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години.

Во текот на минатата недела (09-15.09.2024), пријавени се четири починати лица асоцирани со КОВИД-19, од Скопје (2), Битола и Тетово. Сите починати лица се на возраст над 70 години. Тројца починале во болнички услови, а кај три лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица се невакцинирани против КОВИД-19.

Во текот на 2024 година, а заклучно со 15.09.2024, во земјава се регистрирани вкупно 1.560 заболени и 20 починати лица асоцирани со КОВИД-19. Од појавата на првиот случај на КОВИД-19 на 26 февруари 2020 година пријавени се вкупно 351.876 заболени со КОВИД-19 и 9.999 починати лица асоцирани со КОВИД-19.

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница

Се бара решение за есенската потрошувачка кошница со кое ќе им се помогне на граѓаните, но нема да бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. 

Од Министерството за економија велат дека министерот веќе имал средби и дека ќе бидат слушнати предлозите од сите страни.

Предлозите од Министерството за економија ќе бидат доставени до Владата и разгледани на некоја од наредните седници.

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сакаат на сила да донесат ништо и ако е потребно за да се усогласат ставовите, можеби ќе се причека и една недела.

- Не сакаме на сила ништо да правиме, стојам позади тоа што сум го кажал, но некогаш имате моменти кога гледате како поединци реагираат како монопол, дуопол и вие тогаш ќе мора да интервенирате офанзивно, ова како што ние го правиме. Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните, бидејќи не може некој непристојно да се богати на грбот на граѓаните. Во секој случај јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и тоа го поддржувам и немам дилема, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме, рече Мицкоски.

Со есенската потрошувачка кошница треба да бидат опфатени 100-тина прехранбени производи, а во Министерството за економија се прават анализи дали да се замрзнат цените или да се ограничат маржите. Од 28-ти овој месец треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените.

притисни ентер