Приведени осум дилери од Кавадарци, пронајден кокаин, хашиш, марихуана

МВР приведе осум дилери од Кавадарци,кај нив е пронајден кокаин, хашиш, марихуана.

Тони Ангеловски, портпарол во МВР информира дека оваа акција е во рамките на засилените мерки и активности на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.

Ангеловски рече денеска полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во координација со СВР Велес, ОВР Кавадарци и ОВР Неготино, приведоа осуммина дилери и запленија хашиш, хероин, амфетамин.

Околу 13:40 часот бил извршен претрес на домот и други простории кај лицето Ж.С. (31) во Кавадарци .

– При претресот покрај Ж.С. биле затекнати А.П. (32) и Е.Д. (38) при користење амфетамин, а биле пронајдени хашиш, амфетамин, шприц со канабисово масло и една воздушна пушка. Во 13.30 часот во Кавадарци при купопродажба на хероин затекнати и приведени се А.С. и К.Н. кој го купиле во близина на домот на П. М.. Потоа е извршен претрес во дом на П. М. и при претресот пронајден е хероин, пари, дигитална вага и мелница со остатоци од кафена прашкаста материја. Извршен е претрес кај В.М. (28) во Кавадарци, при што се пронајдени хашиш и марихуана. Исто така, извршен е претрес во домот на Б. Ј. (37) во Кавадарци, каде е пронајден кокаин, додава Ангеловски.

Известен е јавен обвинител од ОЈО Кавадарци и по документирањето на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Акцијата на „Водовод и канлизација" за наплата на долгот без камата трае до 15 декември

Акцијата на „Водовод и канализација" за исплата на долговите без камата за задоцнето плаќање завршува на 15 декември.

Од „Водовод и канализација" ги повикуваат сите корисници кои имаат заостанат долг да ја искористат оваа можност.

– Имајќи ја предвид социјално-економската состојба како резултат на пандемијата, ЈП Водовод и канализација- Скопје повторно излегува во пресрет на потребите на граѓаните. Имено, секој работен ден од 8 до 14 часот, граѓаните можат да се обратат во Секторот за наплата, за исплата на долговите до 24 месечни рати во зависност од висината на долгот. Процесот за наплата во ЈП Водовод и канализација – Скопје се одвива непречено со почитуваање на сите протоколи, со цел заштита од ширењето на коронавирусот, се наведува во соопштението од јавното претпријатие.

Сите корисници кои доаѓаат во претпријатието треба да го одржуваат редот на чекање почитувајќи определено растојание. При влез, задолжително е носење заштитна маска, а пред влез на секој клиент ќе му се мери телесната температура. При влегување и излегување од просториите на претпријатието задолжителна е и дезинфекција на рацете. Бројот на корисници кои влегуваат во просториите на претпријатието е ограничен, согласно одредените протоколи за заштита.

Битолскиот и Софискиот универзитет со заедничка конференција го празнуваат св. Климент Охридски

Универзитетите во Софија и Битола во рамки на заедничкото празнување на св. Климент Охридски денеска  почнаа заедничка научна конференција на тема „Димензиите на компетенциите".

Како што соопшти Универзитетот „Св. Климент Охридски"-Битола (УКЛО), конференцијата ја отворија министерката за образование и наука Мила Царовска, заменик-министерот за образование на Бугарија Тања Михајлова, ректорот на Софискиот универзитет проф. д-р Анастас Герджиков и проректорот на УКЛО – проф.д-р Марјан Ѓуровски, а учествуваат професори од двете земји со трудови и истражувања. Конференцијата ќе резултира со издавање заеднички зборник на трудови, за што е формиран заеднички научен, програмски и организациски комитет.

Во обраќањето на свеченото отворање, информира УКЛО, министерката Царовска го поздрави заедничкото празнување на св. Климент Охридски и нагласи дека е добар знак за нас и за нашита два универзитета што во духот на европските вредности за партнерство, за поврзување и низ нов академски дискурс тежиштето е ставено на квалитетна меѓусебна соработка.

-Со фокус кон размена на студенти, кадар, споделување искуства, знаења, вештини односно обезбедување цврста поврзаност на сите институционални но и индивидуални членови на нашите две академски заедници, рече Царовска, додавајќи дека „критериумите треба бидат насочени кон знаење, успех, професионалност, стручност, одговорност и компетентност, кон квалитет и примена на европски стандарди".

Проректорот Ѓуровски истакна дека универзитетите заземаат водечко место во општеството и во оваа смисла, како што рече, отвореноста и достапноста не треба да бидат само празни флоскули туку наш вистински модус вивенди. Посочи дека интензивирањето на академската соработка и заедничкото празнување е во духот на европските вредности и придонесува за зајакнување на добрососедските односи.

-Целта е да ги привлечеме сите кои имаат желба да ни го доверат своето образование, своето усовршување, сите што со своите интелектуални и морални кавалитети, со својата стручност сакаат да придонесат кон побрз развиток на високото образование, на науката, во амбиент на автономни универзитети каде основната претпоставка е академската слобода, индивидуалното надградување и потврдување на способностите и квалитетот. Токму Софискиот и Битолскиот универзитет преку заедничкото празнување на свети Климент Охридски се предводници со кои го заземаат авангардното место во општеството што претставува наша должност како академска заедница. Заедничкото празнување за двата универзитета претставува повод и одлична можност до академската јавност да се испратат пораки што ќе значат поттик за интензивирање на меѓусебната соработка, нагласи проректорот Ѓуровски.

Тој додаде дека зближувањето преку образованието, науката, креирањето позитивна клима е поволен концепт за поголема поврзаност преку размена на знаења, искуства, но и размена на млади, студенти и универзитетски кадар што, рече, е еден од меѓусебно усогласените приоритети за време на самитот на Берлинскиот процес во Софија, на кој двете земји беа во улога на домаќини.

СДСМ: Мицкоски и ДПМНЕ работат против својата земја

Со хистеријата од лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски сакаат да ги срушат државните позиции. Тие се единствените што одработуваат за странски интереси и опасност за македонскиот народ.

Се што излегува од белиот дворец под стечај е невистина и измислица. Исто како и соопштението во кое центарот за лаги на ВМРО-ДПМНЕ наведува дека повеќе земји членки на ЕУ се против интеграцијата на Македонија. Тоа е ноторна лага, во целост ја демантираме.

Напротив, Република Македонија има јасна, силна и широка меѓународна поддршка и помош од своите пријатели и сојузници. Еден од последните докази за тоа е и писмото од заменик помошникот државен секретар на САД Филип Рикер.

ВМРО-ДПМНЕ е посветено само на лаги, деструкција и дејствување спротивно на интересите на граѓаните.

Нивните блокади на важни закони за граѓаните во Собрание, обиди да се блокира се што е во интерес на државата е потврда дека нивниот однос кон македонскиот народ е непријателски.

Затоа немаат доверба од граѓаните, затоа се во опозиција.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

притисни ентер