Приведени две лица од радовишко поради сомнение за разбојништво

Поради основно сомнение за разбојништво, вчера, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш ги привеле Н.К. од Радовиш и С.И. од село Тополница.

Како што денеска информираа од Министерството за внатрешни работи, по претходно добиена наредба од Основниот суд Радовиш извршени се претреси во домовите на двете лица, при што пронајдени се предмети поврзани со кривичните дела.

Лицата се приведени во полициска станица и по целосно документирање против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

СЗО: Светот се соочува со „застрашувачки“ предизвици

Светот се соочува со „застрашувачки“ предизвици, вклучувајќи ги ковидот,војната во Украина и мајмунските сипаници , предупреди шефот на Светската здравствена организација.

Тедрос Гебрејесус зборуваше во Женева, каде експертите на здравствената агенција на ОН разговараа за појавата на мајмунски сипаници во 15 земји надвор од Африка.

Повеќе од 80 случаи се потврдени во Европа, САД, Канада, Австралија и Израел.Сепак, се вели дека ризикот за пошироката јавност е низок.

Мајмунските сипаници - вирусот кој е најчест во оддалечените делови на централна и западна Африка - нема тенденција лесно да се шири меѓу луѓето и болеста е обично блага.

Според националната здравствена служба на Обединетото кралство, повеќето луѓе кои се заразени со вирусот се опоравуваат за неколку недели.

Избувнувањето ги изненади научниците, а здравствените власти во обединетото кралство издадоа нови совети, велејќи дека високоризичните контакти на случаи треба да се самоизолираат три недели. Белгија стана првата земја што во петокот објави тринеделен карантин за заразените лица денеска се очекува да бидат објавени повеќе потврдени случаи во Велика Британија пишува весникот Гардијан.

СЗО претходно соопшти дека се истражуваат голем број други сомнителни случаи на мајмунски сипаници - без да ги именува вклучените земји - и предупреди дека најверојатно ќе бидат потврдени повеќе инфекции.

Во неделата беа потврдени дополнителни случаи во Австрија и Швајцарија.

ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот е доказ за лошата политика на СДСМ, долгот ќе се зголемува

Ребалансот е доказ за лошата политика на СДСМ, долгот ќе се зголемува, а проекти нема.

Владата оди со ребаланс на буџетот, кој пред 6 месеци кога го креираа им беше идеален. Ребалансот кој го бара сега Ковачевски, е на буџетот кој самиот тој како заменик министер го креирал.

Владата планира нови задолжување, а во изминативе 3 години не задолжи 2.4 милијарди евра, без ништо да изгради. Само за споредба, претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ за 10 години креираа долг од 2.8 милијарди евра.

Со новите задолжувања овие две влади на СДСМ ќе бидат владите кои најмногу ја задолжиле Македонија, а немаат ништо направено.

Капиталните расходи во периодот јануари – април во 2022 година се само 100 милиони евра или 16,3%. Со вакво темпо, владата едвај ќе надмине 50% реализација на првично предвидените пари за капитални инвестиции.

Каде одат парите кои утре народот ќе треба да ги враќа? Што направија до сега? Одговорот на овие прашања е причина зошто мора да има предвремени парламентарни избори час поскоро.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Лабуристот Ентони Албанезе положи заклетва на функцијата премиер на Австралија

Новиот австралиски премиер Ентони Албанезе денеска положи заклетва на функцијата пред да отпатува на самитот во Токио на кој ќе присуствува и американскиот претседател Џо Бајден.

Поранешниот лидер на левоцентристичката опозиција кој истакнува дека неговата земја е подготвена да се вклучи во борбата против климатските промени, ќе учествува на самитот „Quad" (САД, Индија, Јапонија, Австралија) што од утре ќе се одржува во Токио. На собирот покрај Бајден ќе учествуваат и јапонскиот премиер Фумио Кишида и индискиот премиер Нарендра Моди.

Новиот 59-годишен премиер положи заклетва на кратка церемонија. Меѓу членовите од неговиот тим кои ја презедоа функцијата се и министерката за надворешни работи Пени Вонг, која ќе го придружува Албанезе на самитот во Токио, министерот за буџет Џим Чалмерс и министерката за финансии Кејти Галагер.

Централно-левичарската Лабуристичка партија на Албанезе на изборите одржани во саботата ја победи конзервативна коалиција на неговиот претходник Скот Морисон, која девет години управуваше со земјата и притоа смени тројца премиери.

Се уште не е завршено пребројувањето на гласовите за да се утврди дали партијата на Албанезе ќе има мнозинство во Парламентот.

„Сакам да водам влада која го има истото чувство на оптимизам и надеж што, според мене, сметам дека го дефинира австралискиот народ", рече Албанезе пред да замине од Сиднеј во Канбера каде ја даде свечената заклетва.

Албанезе кој се опишува себеси како прв кандидат за премиерската функција што нема англо-келтско име, и Пени Вонг која е родена во Малезија и е првата министерка за надворешни работи родена во странство, дадоа заклетва пред генералниот гувернер Дејвид Харли. Заклетва положи и вицепремиерот Ричард Марлс, кој ќе ја врши функцијата премиер додека Албанезе е во Јапонија.

Засега Лабуристичката партија има сигурни 75 од вкупно 151 место во Парламентот, што е едно помалку од потребното мнозинство.

Конзервативната коалиција е на пат да освои 58 места, неврзаните пратеници 12, а шест места се уште се неизвесни, објави Австралиската изборна комисија.

притисни ентер