Претседателот, Стево Пендаровски не стави потпис на измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Измените и дополнувањата на овој закон, кој пратениците го донесоа на седница на 7 месецов, меѓудругото, предвидуваа во рок од една година објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.
Од кабинетот на шефот на државата појаснуваат дека одлуката е донесена врз детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на ЕУ во земјава.
„Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како „процедура со европско знаменце“, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно.“
Пендаровски го повикува Собранието одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка. Доколку законот повторно биде донесен, шефот на државата нема право на второ вето. Носењето на законот беше проследен со низа протести и реакции од членовите на Асоцијацијата на спортски обложувалници и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, чиј став беше дека со ова законско решение ќе се затвори гранка во која има илјадници вработени, кој ќе останат без работа.
Против беше и опозицијата, која бараше повлекување на предлогот, поради тоа што бил спорен и скандалозен и воопшто немал допирни точки со европското законодавство. Според ВМРО ДПМНЕ законот бил во функција на богатење на фирми поврзани со членови на ДУИ.