Претседателот Пендаровски и вработените во Кабинетот останале без плата за јануари

Претседателот Пендаровски и вработените во Кабинетот останале без платата за јануари, потврдуваат од таму...  Министерството за финансии не ја одобрило, поради пресметано покачување од 5% .

Првиот финансиер Фатмир Бесими го остави претседателот Пендаровски и неговите вработени без јануарската плата. Проблемот настанал откако Кабинетот согласно Колективниот договор што го потпишале со синдикатот, годинава ги покачиле платите на државните службеници вработени кај Претседателот за 5 %, но финансии оценило дека тоа е надвор од предвидено со Буџетот за 2023...

Сепак, од Кабинетот образложението го сметаат за неосновано, бидејќи не барале дополнителни средства..

„Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии.“ велат од Кабинетот на Претседателот.

Од министерството за финансии конкретно не одговорија како ќе се надмине проблемот, само потенцираа дека со отворена комуникација ќе ги решат дилемите кои се појавиле околу реализацијата на буџетот. Коментар за случајот даде премиерот Ковачевски, кој порача Колективните договори да се потпишуваат според можностите во државната каса.

„Замислете сите да потпишат што ќе треба да направиме?! Не знам каков Колективен договор има претседателот ќе си седнат со финансии, ќе разгледаат ќе договорат и ќе има решение како што има решение за се.“ кажа Димитар Ковачевски, претседател на влада

Остра реакција за потегот на Бесими стигна од синдикатот на УПОЗ. „Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен Колективниот договор и да не се исполнат одредби од истиот, чин што е Кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата.“ пишува во реакцијата на УПОЗ.

Полицијата покрена истрага против Расел Бренд: „Добивме бројни обвинувања“

Лондонската полиција соопшти дека покренала истрага против британскиот комичар Расел Бренд (48), откако неколку жени го обвинија за сексуално вознемирување и злоупотреба, пишува Си-Ен-Ен.

„По истрагата на „Channel 4's Dispatches“ и „The Sunday Times“ полицијата прими голем број наводи за сексуални престапи во Лондон. Исто така примени се и бројни обвинувања за сексуачни престапи сторени на други места во земјата и ќе ги истражиме. Сите прекршоци не се неодамнешни“, се вели во полициското соопштение објавено во понеделникот.

Да потсетиме дека Бренд беше обвинет за силување, напад и емоционална злоупотреба помеѓу 2006 и 2013 година. Тогаш беше на врвот на својата слава, работејќи за Би-Би-Си, Канал 4 и глумејќи во холивудски филмови. Обвинувањата ги објави на социјалните мрежи. „Тоа беше неверојатно напорна недела и благодарам на сите вас кои се сомневавте во информациите што ги добивате“, рече тој во видеото.

Една од жртвите која го обвини Расел имала само 16 години кога актерот ја малтретирал. Полицијата ги охрабрува другите потенцијални жртви да се јават. Инаку, Бренд моментално е во брак со писателката Лаура Галачер. Двојката се венчаше во 2017 година, а тој претходно беше во брак со пејачката Кети Пери.

Извор: Индекс.хр

САД и нудат на Полска заем од 2 милијарди долари за модернизација на нејзината војска

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден денеска објави дека нуди заем од две милијарди долари на Варшава за да помогне во модернизацијата на одбраната на Полска, објавија американските медиуми.

Во соопштението на Стејт департментот се вели дека Полска е „решителен“ сојузник на САД, чија „безбедност е од витално значење за колективната одбрана“ на источното крило на НАТО и дека таквото финансирање е резервирано за најважните безбедносни партнери на Вашингтон.

-Владата на САД и дава на Варшава до 60 милиони долари за покривање на трошоците за заемот во форма на странско воено финансирање, кое ќе поддржи „итни набавки на американски одбранбени производи и услуги“, соопшти Стејт департментот.

Овие 60 милиони долари се субвенција за заем наменета да се осигура дека Варшава ќе може да обезбеди поволни услови за заемот. /МИА

Дијамантската лига стартува во Ксиамен во април

Организаторите на Дијамантската лига го објавија вечерва календарот на атлетски митинзи во 2024 година.

Воведниот митинг ќе се одржи на 20 април во кинескиот град Ксиамен, додека финалето е закажана за 13 и 14 септември во Брисел.

Идната година на програмата се Олимписките игри во Париз, од 26 јули до 7 август., а последниот митинг од Дијамантската лига пред почетокот на најголемиот спортски настан ќе се одржи на 20 јули во Лондон.

Дијамантска лига – календар на митинзи во 2024:

20. април Ксиамен (Кина)

27. април Шангај (Кина)

10. мај Доха (Катар)

19. мај Рабат (Мароко)

25. мај Јуџин (САД)

30. мај Осло (Норвешка)

2. јуни Стокхолм (Шведска)

7. јули Париз (Франција)

12. јули Монте Карло (Монако)

20. јули Лондон (Велика Британија)

22. август Лозана (Швајцарија)

25. август Вроцлав (Полска)

29. август Рим (Италија)

5. септември Цирих (Швајцарија)

13/14 септември Брисел (Белгија). /МИА

притисни ентер