Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија по повод 11 Октомври

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, што под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. 

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Свечената академија по повод 11 Октомври

Во рамки на Свечената академија настапи Воениот оркестар на Армијата со сплет на македонски патриотски и партизански песни.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова:

Почитувани граѓани,

Ценети присутни,

Во историјата на секој народ постојат периоди на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Таков мрачен период беше Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше под фашистичка окупација, и кога Хитлер и неговите сојузници изгледаа незапирливи и непобедливи. Во такви услови, на 11 октомври 1941-та, македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против опресијата, неправдата и окупацијата и храбро, без колебање, ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи.

Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештвото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учествуваме во обновата на разрушениот свет. Не случајно, македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато.

Нас никој не нѐ ослободи. Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви.

Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме.

Почитувани присутни,

Како партизанска ќерка многу добро знам дека мојот татко и неговите соборци, во нерамната борба со фашистичкиот окупатор имале две оружја. Првото била пушката. Второто било песната. Некои од најважните битки во народноослободителната војна биле добиени со револуционерните песни што им давале храброст на борците да ја окрупнуваат слободната територија, да го изодат Февруарскиот поход и да ја создадат асномска Македонија. Една од најпопуларните била токму песната што беше изведена на почетокот на денешново чествување.

Напишана од Владо Малески и прв пат испеана во Струга на преминот од 1941-та кон 1942-та година, „Денес над Македонија се раѓа“ ја симболизира незапирливата борба за правда, го опева континуитетот со Илинден и ја навестува слободата на Македонија.

Но, во македонската химна е впишано и едно предупредување. Дали некогаш сте се запрашале зошто текстот на химната е испеан во сегашно, наместо во минато време? Зошто, по АСНОМ ние не пееме дека над Македонија веќе се родило новото сонце на слободата, дека Македонците веќе се избориле за своите правдини? Зошто, и по 8 септември 1991-та, македонската химна се уште е во сегашно, а не во минато време?

Верувам дека тоа делумно се должи на самата природа на слободата и правдата. Секоја нова генерација се соочува со нови предизвици и мора одново да се избори за овие врвни вредности, да ги интернализира. Секоја нова генерација, вклучително и нашава, треба да даде своја жртва за слободата и за правдата, затоа што само жртвата нè освестува за нивната вредност. А најголема жртва треба да дадат оние кои имаат најголема одговорност – луѓето, политичките лидери, избрани од македонските граѓани да ги застапуваат, да ги претставуваат и со својот личен пример, да се борат за државните интереси.

Почитувани сограѓани,

Почитувани присутни,

Смислата на постоењето на секоја држава, па и на македонска држава, е да ја заштити слободата и да ја спроведе правдата. Народот којшто ќе ја запостави слободата и ќе ја занемари правдата, неминовно ќе престане да се грижи и за државата.

Притоа, кога зборуваме за слобода, не мислиме само на политичката слобода од окупатори, таа е минато, туку и на слобода од потреби и од немаштија, слобода да се планира животот и да се напредува без роднински врски, без поткуп, без партиски книшки, туку само со сопственото знаење, способност и компетенција.

Кога зборуваме за правда, не мислиме само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и генерациската правда. А предуслов за правдата е владеењето на правото, наместо владеењето на луѓето.

Од денешен аспект, може да се каже дека во химната, во зборовите „Македонците се борат за своите правдини“ ни е сумирана и независноста. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста, за членство во меѓународните организации, за зачувување на мирот, поредокот и соживотот во нашата татковина. И денес, таа борба за нашите правдини продолжува.

Како што партизаните се бореа против фашистичката окупација, така и ние секојдневно треба да се бориме против неправдите на нашето време, против социјалната неправда и сиромаштијата, против корупцијата и непотизмот. Треба да се бориме против неправедните препреки и блокади на нашата европска интеграција, но и против обидите за кривотворење на нашата историја и бришење на нашата колективна меморија. Ние мора постојано, секојдневно да се бориме за слободата и за правдата, бидејќи народот што не се бори, однапред изгубил.

Но, за да истраеме во таа борба, потребно ни е одново да се навраќаме на изворите. Ова не води до прашањето, дали денес, кога се изведува македонската химна, ние пасивно стоиме или, пак, како и партизаните, активно учествуваме во тој чин? Дали само ја слушаме или, пак, како и партизаните, од срце ја пееме македонската химна? Бидејќи, химната не е церемонијален декор, туку симбол на македонската држава во кој е кодирана македонската приказна за непрекинатата борба за правдини и за слобода.

Секогаш кога ја пееме македонската химна, ние правиме мал чекор кон истиснување на себичното ЈАС и МОЕ, за да направиме повеќе место за алтруистичкото НИЕ и НАШЕ, за македонската држава како наше општо добро, за јавниот интерес што ги надминува тесните лични, партиски, и други интереси.

Притоа, НИЕ и НАШЕ ниту е, ниту смее да биде сведено на која било етничка, верска, или идеолошка категорија. Прочитајте ги манифестите и прогласите на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и ќе видите дека тие се упатени до Македонците, до Албанците, до Турците, до Власите, до Србите, доРомите и до сите други. Погледнете ги спомениците на кои се врежани имињата на борците и ќе го забележите соживотот во борбената акција. Фрлете поглед врз учесниците на АСНОМ и ќе ја видите Македонија во мало, со сета нејзина етничка, верска, социјална и идеолошка различност. Македонците кои се борат за своите правдини не се само етничките Македонци, туку и сите македонски граѓани кои ја доживуваат и ја сакаат оваа земја како своја татковина. Сите оние кои сакаат нивните деца, нивните млади да не се иселат во туѓина, туку да останат тука, во својата татковина, за да работат, да основаат семејства и да градат иднина.

Драги сограѓани,

Почитувани присутни,

Како и пред повеќе од 80 години, така и ние денес живееме во период на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Во светот повторно има војни и страдања, и тоа во региони што се блиску до нашиот. Нашите предци се сплотија за заедно да го постигнат она што не можат да го постигнат засебно – слободна македонска држава, втемелена врз праведни идеали. И ние треба да ги оставиме меѓусебните делби и да се сплотиме околу нашата борба, која веќе не е борба за политички слободи, туку за просперитет на државата и нејзините македонски граѓани. Така ќе изградиме иднина за младите во праведно и прогресивно македонско општество.

Само ако Македонија ја градиме како пристојно место за живеење на сите нејзини граѓани, ќе можеме со право да кажеме, да пееме дека навистина, таа е слободна и дека слободно живее.

Нека ни е за многу години 11 Октомври - Денот на Народното востание!

Нека ни е вековита македонската држава!

Парламентарните партии се договорија: Гренланд денеска добива нова влада

Пратениците на Гренланд вчера се согласија за формирање на нова влада, здружувајќи се во  отпорот кон напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира островот.

Парламентарните партии се договорија: Гренланд денеска добива нова влада

Четири од петте партии избрани во парламентот на Гренланд се согласија да формираат коалиција која ќе има 23 од вкупно 31 место во законодавниот дом.

Договорот треба да биде потпишан денеска, пишува весникот „Сермитсијак“, повикувајќи се на Јенс-Фредерик Нилсен, лидер на Демократите, најголемата партија во парламентот.

Договорот доаѓа во време кога претседателот Трамп ги засили своите напори да добие контрола над Гренланд.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска пристигнува на Гренланд каде ќе ја посети американската вселенска база Питуфик.

По изненадувачката победа на неговата централнодесничарска партија на изборите на 11 март, Нилсен рече дека сака да формира најширока можна коалиција за да помогне во отпорот на притисокот на САД. Конечниот договор исклучува само една партија, Налерак, која во понеделникот излезе од преговорите за коалиција.

Гренланд има богати наоѓалишта на минерали и се протега на стратешки воздушни и поморски патишта во време кога САД, Русија и Кина се обидуваат да позиционираат на Арктикот.

Зеленски за резултатите од самитот во Париз: Нема да се откажеме од нашата земја и независност

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека вчерашниот самит за поддршка на Украина во Париз е многу „мотивирачки“ и порача дека Украина нема да се откаже од својата независност. 

Зеленски за резултатите од самитот во Париз: Нема да се откажеме од нашата земја и независност

„Мислам дека самитот беше многу мотивирачки... Мислам дека мојот дијалог со лидерите е мотивирачки. Мислам дека сите лидери се полни со енергија. Мислам дека лидерите не не напуштаат, туку ќе ја поддржат Украина. Ова е лош сигнал за (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски на прес-конференцијата по лидерската средба за поддршка на Украина и безбедноста во Европа, пренесува украинскиот Интерфакс.

Тој рече дека Украина е силна земја која навистина сака мир.

„Нема да се предадеме, да се откажеме од нашата земја, од нашата независност. Путин едноставно не може да го направи ова со нас... Ние не сме сами“, нагласи Зеленски.

Тој посочи дека за него е важно Украина да е во силна позиција во мировните преговори и дека и се потребни гаранции од САД дека Русија нема да започне нова војна.

„За мене е важно Украина да има силна позиција во преговорите. За да имаме шанса да ја завршиме војната преку преговори - и не само да ја завршиме, туку да имаме праведен, траен мир, за утре повторно да нема војна - сакам гаранции од САД“, рече Зеленски.

Според него, овие гаранции не треба да зависат од тоа кој е моментално во Белата куќа. Зеленски додаде дека на вчерашната средба лидерите на земјите од „Коалицијата на подготвените“ изразиле едногласна одлука дека нема да има укинување на какви било санкции наметнати кон Русија.

„Додека оваа војна не заврши со праведен мир, тоа нема да се случи. Ова е сигнал од европските земји“, нагласи тој, додавајќи дека Вашингтон треба да биде „построг“ кон Москва.

„Ние навистина сакаме американскиот претседател Доналд Трамп да биде посилен од шефот на Кремљ, Владимир Путин“, нагласи тој, истакнувајќи дека за тоа е потребна соработка со Белата куќа, особено на ниво на лидери, официјална дипломатија и други „канали“.

Зеленски им рече на новинарите дека не планира посета на САД во блиска иднина, бидејќи ова прашање не е на дневен ред.

Тој оцени дека на преговарачката маса за прекин на војната, покрај Киев, Европа треба да ја претставуваат и неколку земји.

„Европа е многу голема и мора да има јасна застапеност на оваа преговарачка маса. Денеска сите се согласивме дека Европа ќе ја претставуваат Франција и Велика Британија - (Емануел) Макрон и (Кир) Стармер. Ова е заеднички став на сите лидери“, рече тој за самитот во Париз.

Маск најави брзо завршување на планираното намалување на сојузните трошоци

Маск за Фокс њуз изјави дека верува дека неговиот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ) може да заштеди 1.000 милијарди долари, намалувајќи го сегашното вкупно ниво на федерални трошоци, што е приближно 7.000 милијарди долари, на 6.000 милијарди.

Маск најави брзо завршување на планираното намалување на сојузните трошоци

Технолошкиот милијардер Илон Маск, кого американскиот претседател Доналд Трамп го ангажира за да ја намали бирократијата на владата, синоќа изјави дека најголемиот дел од работата за намалување на федералните трошоци за 1 трилион долари ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат, односно за 64 дена.

Маск за Фокс њуз изјави дека верува дека неговиот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ) може да заштеди 1.000 милијарди долари, намалувајќи го сегашното вкупно ниво на федерални трошоци, што е приближно 7.000 милијарди долари, на 6.000 милијарди.

Маск, најбогатиот човек на светот, беше назначен од Белата куќа за „специјален вработен во владата“, што го ограничува неговиот мандат на 130 дена, што значи дека неговото раководство во операциите на ДОГЕ би можело да заврши најрано на крајот на мај.

- Мислам дека ќе завршиме најголем дел од работата потребна за да го намалиме дефицитот за трилион долари во таа временска рамка. Владата е неефикасна и има многу расипништво и измами, така што ние сме уверени дека може да се направи кратење од 15 проценти без да влијае на ниту една од критичните владини служби, рече Маск.

ДОГЕ проценува дека веќе им заштедил на американските даночни обврзници 115 милијарди долари со намалувањата што ги направи од 24 март, преку мерки кои вклучуваат намалување на работната сила, продажба на средства и откажување на владини договори. Сепак, според светските агенции, вкупните заштеди пријавени на веб-страницата на ДОГЕ не се проверливи и неговите пресметки се преполни со грешки и корекции.

Експертите за буџет, сепак, велат дека Маск не може да ја постигне својата цел за намалување на трошоците без да навлегува во програмите за права, како што е социјалното осигурување, за кои Трамп вети дека нема да ги намалува.

притисни ентер