Прес конференција на премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг

Во тек е заедничка прес конференција на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг , кој е во дводневна посета на Македонија.

На прес-конференцијата беше потенцирана улогата на Македонија како фактор на стабилност во регионот, но и беше посочено дека евроинтеграција на земјата мора да продолжи.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„ Чест ми е што денеска сум домаќин на големиот пријател на Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Драг Јенс, добредојде во Скопје, овој пат, на наше обострано задоволство со оглед на тоа што ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО во Македонија како полноправна земја членка на НАТО - Алијансата.

Денес разговаравме за Алијансата, за евро-атланската интеграција на земјата и на регионот но и за светската безбедност и мир како и за најзначајните случувања кои се случуваат во нашиот регион, во Украина и во појасот Газа.

Но пред се, да се биде дел од НАТО значи безбедност, просперитет и сигурност на земја и на граѓаните. Токму затоа Македонија продолжува да ги вложува сите капацитети во јакнење и задржување на статусот на сојузник од доверба во Алијансата.

Како една од помладите членки, се посветивме сериозно и ја достигнавме најбрзата воена интеграција од било која претходна земја членка која се придружила на Алијансата. Изминатава година особен фокус ставивме на нашето јакнење во справувањето со хибридните закани и сајбер одбраната, за што морам да се заблагодарам на МО и на МВР кои што во соработка со НАТО ја имаат целосната поддршка од нашите сојузници во овие големи предизвици кои ги имавме на почетокот на годината.

За некој месец ги достигнуваме и зацртаните 2% од БДП кои ги одлучивме на годишнешниот Самит во Вилнус, каде воедно и го договоривме и најробусниот план за одбрана на НАТО.

Продолжуваме и со нашиот придонес во мисиите на НАТО во Косово и во Ирак и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија.

Со нашата обединетост како сојузници докажуваме дека Алијансата е посилна и побројна од кога било досега и тоа во годината која донесе најголем предизвик за алијансата од нејзиното основање.

Продолжиме и со нашата силна поддршка на Украина во борбата за својата слобода и мир за својот народ, а против ужасите кои Руската воена агресија се уште ги предизвикува на територијата во Украина.

Со иста посветеност продолжуваме да дејствуваме како фактор на стабилност во регионот по што сме и со право препознаени. Безбедноста на Западен Балкан, и враќањето на дипломатијата како основен конструктивен начин за градење и развивање на добрососедските односи е духот за кој се залагаме.

Стабилноста на регионот е исклучително и суштински важна и тоа повеќе од кога било досега. Токму затоа наш приоритет е евро-атланската интеграција. Пред сѐ на Македонија но и на регионот. Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат, и ќе направиме сѐ што е потребно за да го исчекориме до крај. Сѐ до нашето членство во Европската Унија до 2030 година.

Залагањето за безбедноста, мирот и поквалитетен живот на нашите граѓани не може и не смее да биде попречено од политички калкулации на деструктивни политичари.

Сите сме сведоци колкава е разликата откако станавме членка на НАТО. Македонија пред сѐ рамноправно и секако активно учествува и одлучува за регионалната, европската и глобалната безбедност. Но, членството во НАТО за нас значи и економски развој.

Со стабилноста и безбедноста обезбедена со членството во НАТО, Македонија е препознаена и признаена од инвеститорите како добра дестинација и тоа го потврдуваат најдобро бројките во однос на странските директни инвестиции, во однос на зголемениот број на вработени, зголемена просечна плата која денес е објавена дека е највисока во историјата на државата и намалениот број на невработени лица.

Токму затоа европскиот пат е вистинскиот пат исто како и интеграцијата во НАТО што беше вистинска интеграција за државата пред 3 години. Нашите граѓани заслужуваат да се дел од Унија на најразвиените, најбогатите држави, со кои ќе достигнеме економски напредок, но и социјална правда и врвно владеење на демократијата и врно владеење на правото.

А дека ќе има развој ако останеме на овој пат, покажуваат и анализите и искуствата за земјите пред и по влезот во ЕУ.

На овој европски пат, секоја поддршка е добредојдена и посакувана. И тука, сакам на Генералниот секретар на НАТО лично да му се заблагодарам за неговата силна заложба за евро-атланската интеграција на Северна Македонија и на Западниот Балкан во целост.

Една стратешка цел со НАТО е исполнета. Верувам дека со ваша и со помош на нашите пријатели од евроатланската заедница ќе успееме да ја исполниме и втората стратешка цел, членството во ЕУ, и да ги исполниме барањата и очекувањата на граѓаните за подобар, попросперитетен и побогат живот.

Сакам да се заблагодарам за исклучително добрата соработка со ген-секот на НАТО, со неговите помошници со кои дел имаме и тука присутни денес со нас. Успеавме со нив да совладаме голем број на предизвици во текот на изминатите години, изминатите 3 години од кои 2 бев јас претседател на Влада и соработуваме исклучително успешно. Можам да дадам само позитивни зборови за понекогаш дневната комуникација која ја имаме со генералниот секретар и секако на ниво на министри за одбрана и министри за надворешни работи кои учествуваат на состаноците во НАТО на ниво на министерски состаноци за одбрана и надворешни работи.

Благодарам и на нашиот амбасадор Дане Талески кој е амбасадор на мисијата во НАТО кој на високо ниво ја извршува својата задача во Брисел.

Ви благодарам!“

Израел и САД ги отфрлаат повиците за итен прекин на огнот во Газа

Израел и САД денеска на седницата на Советот за безбедност на ОН ги отфрлија повиците за итен прекин на огнот во Газа, јави Би-Би-Си.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, категорично ги отфрли повиците за прекин на огнот. Тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека „прекинот на огнот само ја зајакнува контролата на Хамас врз Газа“ и испраќа порака дека „на Хамас му е простено за неговите намерни злосторства“.

Тој исто така рече дека „угнетувањето на населението во Газа од страна на Хамас“ добило „зелено светло на меѓународната заедница“. Ердан додаде дека „без воен притисок врз Хамас, ниту една дипломатија не може да гарантира ослободување на заложниците“.

Американскиот претставник Роберт Вуд на седницата рече дека САД не поддржуваат итен прекин на огнот.

-Иако САД силно поддржуваат траен мир, во кој и Израелците и Палестинците можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот. Тоа само ќе го посее семето на следната војна бидејќи Хамас не сака траен мир, рече Вуд пред Советот за безбедност на ОН.

САД се една од постојаните членки што имаат право на вето на резолуцијата. Советот за безбедност на ОН подоцна денеска ќе гласа за резолуцијата претставена од Обединетите Арапски Емирати, која повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот во Газа“. /МИА

Нетанјаху: Палестинската управа не е решението за Газа

„Нема да има Хамас, ние ќе го елиминираме. “

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја критикуваше палестинската управа откако палестинскиот премиер Мухамед Штаје во изјава за Блумберг изрази надеж дека Хамас ќе биде партнер во управувањето со Газа по војната меѓу Израел и организацијата, пренесе Бета.

-Нема да има Хамас, ние ќе го елиминираме. Фактот дека тоа е предлог на палестинската управа само ја зајакнува мојата политика: палестинската управа не е решението, рече Нетанјаху, пренесоа израелските медиуми.

Како што пренесе Агенцијата, Рамала соработува со администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден за планот за управување со Појасот Газа по завршувањето на војната, иако премиерот Штаје изрази надеж дека Хамас ќе биде партнер во тој процес.

Американски официјални претставници неодамна се сретнале со палестинскиот премиер за да разговараат за планот за повоена Газа.

-Нема да одиме таму според израелскиот воен план. Нашиот народ е таму. Треба да составиме механизам, нешто на што работиме со меѓународната заедница, рече палестинскиот премиер.

Нетанјаху во неколку наврати ја отфрли идејата палестинската управа да ја води Газа по војната, обвинувајќи ја дека го поддржува тероризмот преку образование, им плаќа на терористите и не ги осудува нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел што ја започна војната. /МИА

Годишен Самит на спортските новинари од ЈИЕ во Скопје, признанија за Бојаџи и Маљковиќ

На собирот во Скопје присуствуваа и звучни имиња на македонскиот и балканскиот спорт кои беа наградени со признанија за својот придонес и постигнати резултати.

Безбедноста на спортските натпревари, новиот закон за спорт, работа со младите категории, како и странските искуства беа меѓу темите на кои разговараа спортските новинари од Југоисточна Европа (ЈИЕ) на годишниот Самит одржан денеска во македонското Собрание.

На собирот во Скопје присуствуваа и звучни имиња на македонскиот и балканскиот спорт кои беа наградени со признанија за својот придонес и постигнати резултати.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на македонската легенда во маратонско пливање, 84-годишниот Дики Бојаџи свечено му додели награда за заслуги во спортот. Од своја страна, претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски на првиот човек на Олимпискиот комитет на Србија (ОКС) и легендарен кошаркарски тренер Божидар Маљковиќ му го додели високото признание на МОК, „Златна Олимпија“ за личниот придонес во развојот на олимпизмот и спортот.

„МОК и ОКС имаат долгогодишна блиска соработка, која е интензивирана во пресрет на Олимписките игри 2024 во Париз“, соопшти МОК.

притисни ентер