Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најкатегорично ги отфрли шпекулации за какви било договори за бегството на Сашо Мијалков.
– МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.
Во тек се информативни разговори со лица кои е можно да поседуваат информации или се поврзани со бегството на Сашо Мијалков.
– Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето, а денеска дополнително се повикуваат други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град" со цел добивање на дополнителни информации, појасни министерот.
Спасовски додаде и дека според сите досегашни проценки и анализи екс директорот на УБК, Сашо Мијалков се уште е во државата.
– Според сите наши анализи и проценки сметаме дека сеуште е во државата и дека не ја напуштил Република Македонија. Дејствијата за потрага се во тек. Ако ние знаеме каде е Мијалков во овој момент, веројатно ќе беше во притвор во истиот момент, меѓутоа сите анализи и проценки кои ги правиме врз основа на потражните дејствија и информациите кои ги добиваме, наша увереност е дека е во државата, изјави Спасовски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека се работи на пронаоѓање на Мијалков и негово изнесување пред лицето на правдата.
Мијалков од неделата е недостапен за органите на прогонот. По него се трага, а во текот на вчерашниот ден беа извршени информативни разговори со неговите блиски од семејството и од обезбедувањето.
Поранешниот директор на сега згаснатата УБК е обвинет во случајот Таргет-Тврдина, за кој пресуда треба да биде изречена в петок.