Премиерот Ковачевски во работна посета на САД

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски е во неколкудневна работна посета на Соединетите Американски Држави.

Со премиерот Ковачевски во САД е и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Во рамки на посетата, премиерот Ковачевски ќе оствари значајни средби во Њујорк со високи претставници на Стејт Департментот, на Светскиот економски форум и Светска банка, со претставници на мултинационални компании и македонската бизнис заедница во САД, како и со претставници од Европската Унија.

Меѓу предвидените средби се состаноци со управниот директор на Светскиот економски форум, Мирек Душек, со управната директорка на Светска банка, Ана Бјерде, како и со заменикот помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Фокусот на разговорите е економскиот развој на Република Македонија, атлантското партнерство, европските перспективи и важноста на стратешкото партнерство помеѓу Македонија и САД во сите овие процеси од значење за квалитетот на живот на македонските граѓани.

Во рамките на работната посета на САД, премиерот Ковачевски ќе присуствува и на прием по повод одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации.

Вучевиќ: Воен рок ќе трае 75 дена

За војската ова е предизвик да подготви обука за толку краток временски период.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ денеска изјави дека Владата му наложила на Министерството за одбрана итно да подготви измена на Законот за укинување на суспензијата на воениот рок, „така да одиме кон седница на Собранието за да го вратиме воениот рок“, јави дописникот на МИА од Белград.

- Мислам дека в петок ќе имаме седница на Владата на која ќе го усвоиме предлогот за измена на законот. Го поканивме претседателот на државата Александар Вучиќ како врховен командант да присуствува бидејќи темата е во рамките на неговата уставна јурисдикција, изјави Вучевиќ на ТВ Пинк.

Тој потврди дека воениот рок ќе трае 75 дена, „што не го нарушува животот, школувањето, студирањето, работата, мајките и татковците ќе бидат суштински благодарни затоа што војската ќе ги подготви нивните синови уште подобро за живот, така што тие ќе стасаат и ќе станат мажи“.

-За војската ова е предизвик да подготви обука за толку краток временски период, бидејќи порано таа беше многу подолга. Подготвуваме касарни, униформи, за да им биде интересно, изјави Вучевиќ.

Тој изјави дека момчињата кои завршиле електротехника, машинство, ќе бидат ангажирани да служат воен рок во, на пример, Воено-техничкиот институт, ремонтни заводи за да може веднаш да се употреби нивното знаење.

- Ќе имаме доста млади луѓе кои се мајстори за возење дронови, кои ќе ни помогнат во ова. Тие се повеќе смртоносни со дрон отколку со пушка. Војската ќе добие многу различен потенцијал да ги зајакне своите способности, рече Вучевиќ.

Тој додаде дека Србија не се подготвува за војна, туку ќе го чува мирот, бидејќи „колку е посилна војската, толку е побезбеден нашиот мир“.

Српскиот премиер нагласи дека професионалниот состав на војската не се укинува и дека е наменет за најтешките задачи. /МИА

Најмалку осум луѓе загинаа обидувајќи се нелегално да го поминат Ла Манш

Осум луѓе загинаа синоќа додека се обидувале да го поминат каналот Ла Манш од Франција во Англија, соопшти француската полиција.

Спасувачките служби биле алармирани откако гумениот чамец со 50 луѓе почнал да тоне северно од Булоњ-сур-мер во Па-де-Кале.

Несреќата се случи за помалку од две недели откако 12 лица, меѓу кои шест деца и една трудница, загинаа кога потона брод со десетици мигранти. Во несреќата на 3 септември годинава загинаа најмногу луѓе на Ла Манш.

Во изминатите два дена зголемен е бројот на обиди за преминување на каналот поради мирното време. Француските поморски власти објавија дека во петокот и саботата за 24 часа биле спасени 200 луѓе. /МИА

Албанија бележи рекордни странски инвестиции, доминираат вложувањата во недвижен имот

Централната банка на Албанија оценува дека растот на странските инвестиции е главен фактор за зајакнување на домашната валута - лекот.

Во првата половина на годинава Албанија забележала рекорден износ на странски инвестиции или 749 милиони евра што за 55 милиони повеќе во споредба со истиот период минатата година и 113 милиони евра повеќе во споредба со 2022 година, објави Централна банка на Албанија.

Според истиот извор само во вториот квартал, странските директни инвестиции се проценети на 395 милиони евра, со раст од околу четири отсто на годишно ниво. Најмногу вложувале Холандија, Италија и Турција.

- Во вториот квартал од 2024 година, влезните девизни текови во форма на странски директни инвестиции главно биле концентрирани во недвижности во обем од 25 проценти, секторот за финансиско посредување, нафтата и транспортот. Интересот за недвижности е директно поврзан со интересот на странците да купуваат имот и куќи, особено на крајбрежјето, наведува Банката.

Централната банка на Албанија оценува дека растот на странските инвестиции е главен фактор за зајакнување на домашната валута - лекот, бидејќи директно влијае на зголемувањето на оптекот на европската валута во албанската економија.

Годинава, вредноста на еврото доживеа рекорден пад, и сега се менува за 99 леки. /МИА

притисни ентер